Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Маврово-Дебар

Сообраќајот на регионалниот пат Маврово-Дебар е нормализиран, информира АМСМ.
Јавното претпријатие за државни патишта извести дека успешно е завршено префрлањето на 20 kv среднонапонско напојување на тунелите и мостовите на делницата Демир Капија-Смоквица и сега повторно се напојува независно од двете страни.
Завршена е рехабилитацијата на државнит пат А3, делницата обиколница Битола (клучка Крклино-бензинска пумпа „Лукоил“) во должина од 8 км, како и свлечиштето кај истото место, и патот е пуштен е во употреба. Завршена е рехабилитацијата на обиколницата Скопје (клучка Стајковци-клучка Мирковци) во должина од 8,5 км. Таа е пуштена во употреба. Завршена е санацијата на 4 моста на државниот пат А2, делницата од Гостивар, мостот кај селото Здуње, до селото Колари.
Завршена е рехабилитацијата на државниот пат А2, делницата од Гостивар (мостот кај селото Здуње на р. Вардар, на излезот од градот Гостивар и завршува на излезот од селото Колари) до селото Колари во должина од 28,5 км.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Од 15 ноември стапи во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на временската состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2019 година.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се наместа влажни, па поради ниските температури карактеристични за вечерните и утрински часови, постои можност и од појава на голомразица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грантови до 10.000 евра за млади и ранливи групи преку мерките од Оперативниот план, најавува Владата

Од Владата најавуваат дека грижата за младите продолжува преку сеопфатна стратегија и оперативен план од 40 милиони евра кој ќе опфати над 16.000 граѓани.
„Се објави јавниот повик од Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој се однесува на две нови мерки наменети за невработени лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис.
Во рамки на Оперативниот план за вработување за 2025 година, официјално се објави повикот за Мерка 1.1 и Мерката 1.2.
Преку Мерката 1.1 се доделува грант од 430.500 денари (околу 7.000 евра), за граѓаните над 29 години, а преку мерката Мерката 1.2. се доделува грант до 615.000 денари (10.000 евра) за започнување сопствена дејност за лицата до 29 години“.
Како што се појаснува во соопштението, за лица со попреченост се предвидени средства до 250.000 денари над основниот грант, со цел да се создадат еднакви услови за сите заинтересирани.
Двете мерки, според најавеното, вклучуваат и целосна поддршка преку обука за претприемништво, изработка на бизнис план и шестмесечно менторство, со цел граѓаните не само да добијат финансиска поддршка, туку и знаење и насоки за успешно водење на сопствен бизнис.
„Преку мерките и проектите владата ја потврдува посветеноста на создавање на инклузивен пазар на трудот и зајакнување на поединецот како клучен актер во економскиот развој на земјата.
Преку овие мерки се создаваат реални улови за развој, вработување, самовработување, како и развој на претприемништвото и долгорочен економски раст“.
Македонија
Цените повторно растат, а Владата реши да ги покачи платите само на функционерите, велат од СДСМ

Македонија повторно се соочува со огромен раст на цените и инфлацијата, а Владата реши да ги покачи платите на функционерите. За работниците и граѓаните, повторно нема ништо. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во мај 2025 изнесува 3,3%, што е скок во споредба со април, кога беше 2,6%. Дополнително, месечната инфлација од 1,5% е највисока оваа година, велат од СДСМ.
„Ова значи едно, животот е сѐ поскап, а власта нема ниту план, ниту капацитет да го заштити стандардот на граѓаните. Но, секако, има добар план да си ги покачува сопствените плати.
СДСМ повеќепати предупредуваше: цените растат и ќе продолжат да растат ако не се преземат мерките кои ги понудивме. Мицкоски се обидува да ги убеди граѓаните дека платите им растеле, но факт е дека единствено растат платите на неговите во Владата и институциите, додека народот едвај преживува“.
Оваа влада, додаваат од опозициската партија, нема економска визија, нема стратегија и нема емпатија. Оваа влада, според СДСМ, има само лични интереси и работи само за себе, и за никој друг.
СДСМ бара итна интервенција, конкретни мерки за заштита на стандардот, а не како што велат, лажни ветувања и манипулации.
„Граѓаните не може повеќе да бидат жртви на неспособноста и ароганцијата на оваа власт“.
Македонија
Без струја делови од неколку скопски општини

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска ( Вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· во период од 09.00 до 10.00 часот, корисниците од ул. 20 во С.Бразда ( општина Чучер Сандево )
· во период од 09.00 до 12.00 часот,корисниците од ул 10 и дел од ул.134. ( општина Сопиште )
· од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците на ул.Иван Цанкар. ( општина Карпош)
· од 11.30 до 15.30 часот, дел од корисниците на ул.101 во село Волково( општина Ѓорче Петров )
· и од 12.00 до 15.00 часот, корисниците околу ресторан Теферич и дел од ул.Мариовска( општина Кисела Вода )