Свет
Двајца полицајци убиени во бунтовнички напад на кинескиот конзулат во Пакистан

Двајца полицајци се убиени, а еден чувар е ранет во нападот на бомбаши самоубијци што влегоа во кинескиот конзулат во Карачи, Пакистан. Одговорноста за терористичкиот напад ја презеде Ослободителната војска на Балучистан, пренесува РТ.
Тројца вооружени лица утрово се обиделе да влезат во кинескиот конзулат во дипломатскиот кварт во центарот на Карачи, јужен Пакистан. Атентаторите користеле возило експлозив, а најмалку еден од нив имал самоубиствен елек, велат од полицијата.
Милитантите не успеале да влезат во зградата на конзулатот и предизвикале пожар на безбедносниот контролен пункт. Сведоците слушнале жестока вооружена пресмета и неколку експлозии. Сите тројца напаѓачи биле убиени, рече шефот на полицијата во Карачи.
Кинескиот генерален конзул е безбеден и ниту еден кинески државјанин не е повреден.
Ослободителната војска на Балучистан ја презеде одговорноста во 2009 година. Портпаролот на БЛА ја обвини Кина за искористување на ресурсите на нацијата.
Пекинг е еден од главните економски партнери на Пакистан. Двете држави се вклучија во неколку големи инвестициски проекти. Пакистанскиот премиер, Имран Кан, го оцени нападот како заговор против пакистанско-кинеската стратешка соработка и нареди истрага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Гореше зграда во Анкара, бебе и двајца возрасни загинаа, 26 лица се повредени

Три лица, меѓу кои и тримесечно бебе, го загубија животот во страшен пожар што избувнал синоќа околу 22:00 часот во станбена зграда со 26 ката во квартот Чанкаја, во главниот град на Турција, Анкара.
Според информациите на турските власти, огнот избувнал на четвртиот кат од зградата, а пламенот брзо се проширил на повисоките катови. Екипите на противпожарната служба работеле скоро четири часа за целосно да го стават под контрола пожарот, објави државниот сервис ТРТ.
На терен биле испратени и екипи на Брза помош, кои згрижиле 26 лица со повреди, од кои 20 биле префрлени во три различни здравствени установи – Анкара Билкент, Етлик болницата и клиниката при Медицинскиот факултет на Универзитетот Гази.
Од повредените, едно лице се наоѓа во критична состојба.
Дополнително, 39 лица, вклучувајќи седум пожарникари, се пожалиле на симптоми на труење со чад и добиле медицинска помош.
Властите започнаа истрага за причините за пожарот, кој ја потресе јавноста во Турција.
Регион
Скопјанец упасен во Албанија, Австрија го бара за издржување 20 години затвор

Во рамки на акцијата „Операција 54“, албанската полиција уапси македонски државјанин кој се барал со меѓународна потерница издадена од австриските власти за сериозни кривични дела, меѓу кои трговија со дрога, закани, изнуда и телесна повреда.
Како што информира Дирекцијата на силите за специјални операции во Албанија, приведен е 41-годишниот М.А. од Скопје, кој бил лоциран и уапсен на албанска територија.
„Лицето М.А. е баран со потерница од Јавното обвинителство во Инсбрук, Виена, за кривични дела за кои со австрискиот Кривичен законик е предвидена затворска казна до 20 години“, се наведува во соопштението од албанската полиција.
При апсењето кај осомничениот била пронајдена и марихуана, која е запленета како доказ во текот на истрагата.
Постапките за екстрадиција на осомничениот се во тек, во координација меѓу Интерпол Тирана и австриските правосудни органи.
Ова е втор случај на апсење на македонски државјанин со меѓународна потерница во Албанија овој месец. На 6 јули, на граничниот премин „Ќафасан“ кај Струга, беше приведен 34-годишниот А.А. од Кичево, кој се бараше од швајцарските власти и е осуден на 20 години затвор за меѓународна трговија со дрога.
Свет
Украина собори 40 руски дронови, Русија возврати со 36 пресретнати над своја територија

На небото над Украина и над Русија се води сè поинтензивна беспилотна битка, Киев и Москва тврдат дека успешно ги неутрализирале најголемиот дел од ноќните напади.
Во текот на ноќта меѓу 12 и 13 јули, украинските сили за противвоздушна одбрана собориле 40 од вкупно 60 дронови со кои Русија извршила напад врз украински цели, соопштија Воздухопловните сили на Украина. Според агенцијата „Укринформ“, нападот бил извршен од правец на руските градови Курск и Милерово, а користени биле ирански дронови од типот „Шахед“ како и беспилотни летала-имитатори.
Целите биле главно во близина на линијата на фронтот – територии во Доњецката, Сумската и Дњепропетровската област, каде што во текот на последните денови се водат жестоки борби.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана информира дека и руската противвоздушна одбрана успешно неутрализирала 36 украински дронови над неколку региони во западниот дел на земјата. Според нивното соопштение, 26 беспилотни летала биле соборени над Белгородската област, четири над Воронежската, и по три дрона над Липецката и Нижегородската област.
Иако ниту една од страните не објави информации за евентуални жртви или материјална штета, интензитетот на воздушните напади укажува на ескалација на воените дејствија преку беспилотна технологија.