Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Десетици дневно завршуваат во болница заради загадениот воздух
Скопје и Македонија се гушат во загаден воздух, а Зоран Заев и Петре Шилегов не преземаат ништо. Веќе неколку недели по ред Скопје е меѓу најзагадените градови во светот. Граѓаните имаат сериозни последици врз нивното здравје, особено хронично болните, децата и постарите, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според анализа на реномираниот Универзитет во Чикаго од Институтот за енергетска политика, загадувањето на воздухот го намалува просечниот живот на човекот за скоро две години, што е поопасен ризик фактор за смртност од многу заразни болести како туберкулозата.
,,Како последица на неодговорниот пристап на црната власт на СДСМ кон животната средина десетици граѓани завршуваат на лекар секој ден поради проблеми со здравјето настанати заради загадениот воздух.Граѓаните се соочуваат со реални здравствени проблеми заради загаденоста, а власта само ги завива во црно нивните животи.
Информациите кои доаѓаат од светски реномирани институции треба да бидат последен аларм на власта, која потроши 2 години без да реализира ниту еден проект за подобрување на квалитетот на воздухот. Зоран Заев и Петре Шилегов ветуваа итно справување со загаденоста, сега кога се на власт не само што не го решија проблемот како што ветуваа, туку и не преземаат било што да ги намалат последиците од загадувањето”, се додава во соопштението.
Светската здравствена организација неодамна излезе со анализа во која покажа дека на годишно ниво во светот умираат околу 7 милиони луѓе како последица на штетните и канцерогени честички кои влијаат на кардиоваскуларниот и респираторниот систем на човекот.
,,Наместо конкретни решенија на проблемите со енормното загадување, министерот за животна средина Садула Дураку дрско и безобразно вели дека не се занимава со граѓаните, Петре Шилегов организира стенд ап настапи, а Зоран Заев заборави на ветувањата за почист воздух во целост. Црната власт на СДСМ неодговорно се постави кон граѓаните и ги изманипулира. Граѓаните не заслужуваат никој да ги завива во црно нивните судбини. СДСМ мора да си замине”, е ставот на опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

