Македонија
Нови седум километри велосипедски патеки во Скопје

За да се подобрат условите за возење велосипед екипите на Град Скопје изминатиов период изградија и реконструираа 7 (седум) километри велосипедски патеки по должината на градските улици и булевари, во општините Кисела Вода, Центар, Чаир и Бутел.
Во текот на градежните работи беа запазени сите стандарди за изградба на велопатеки – обележана е хоризонталната и вертикалната сигнализација, а на влезот и на излезот од крстосниците рабниците се слеани за да се овозможи непречено движење на велосипедистите. Изградбата и реконструкцијата на велосипедските патеки се одвиваше во консултација со граѓанските активисти посветени на промоција на велосипедизмот.
Во последниов период нови пешачко-велосипедски патеки добија следниве улици и булевари:
булеварот Борис Трајковски, на потегот од поранешната фабрика „Стакларница“ до бараките на Општина Кисела Вода (вкупно 3.029 метри); булеварот Борис Трајковски, на потегот од Рампа до крстосницата со булеварот Крушевска република (вкупно 103 метри); улицата 11 Октомври, на потегот од крстосницата со булеварот Крушевска република до крстосницата со булевар Кочо Рацин (вкупно 1.332 метри);булевар Крсте Мисирков, од крстосницата со булеварот Кузман Јосифовски Питу до клучката кај Бит-пазар (вкупно 1.704 метри);улица Бутелска, од улицата Босна и Херцеговина до крстосницата со улицата Душко Поповиќ (вкупно 620 метри).
Новоизградените седум километри велосипедски патеки се дел од речиси 12 километри велопатеки што се изградени и реконструирани во Скопје, од почетокот на мандатот на градоначалникот Шилегов. Односно, од ноември 2017 година се изградени и реконструирани и делниците: на улицата Ѓорче Петров, на потегот од улицата Кузман Шапкарев кон излезот на Скопје (240 метри); на булеварот 8 Септември, од булеварот Партизански одреди до мостот кај хотелот „Александар палас“ (900 метри); на булеварот Кочо Рацин, од кеј 13 Ноември до улицата 11 Октомври – запад и од улицата 11 Октомври до булеварот Кузман Јосифовски Питу, кај маркетот „Веро“– исток (1.200 метри); на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, на потегот од улицата Џон Кенеди до улицата Рокомија (600 метри); како и на улицата Втора македонска бригада, од булеварот Христијан Тодоровски Карпош до кружниот тек на улицата Лазо Трповски – велосипедска лента на коловозот (2.000 метри).
Во тек е изградбата на велосипедските патеки на булеварот Србија, на потегот од крстосницата со булеварот Борис Трајковски до крстосницата со булеварот АСНОМ; на булеварот Киро Глигоров, на потегот од крстосницата со булеварот АСНОМ до клучката во Автокоманда; како и на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти Млечниот ресторан.
Ова значајно унапредување на велосипедската инфраструктура во градот ќе го оценува и Европската комисија при евалуацијата на Градот Скопје за престижното признание „Европска зелена престолнина“ во 2021 година, којашто го вреднува напредокот што ќе го постигне еден град во спроведувањето на зелените политики, односно напредокот во подобрувањето на животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица: Со почит кон борбата од минатото и визија за промени во сегашноста

По повод 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ Левица положи цвеќе на Могилата на непобедените и пред споменикот на Кузман Јосифовски-Питу во центарот на Прилеп. Во полна со дух и средечна атмосфера партиска делегација, предводена од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, одржа средба со граѓани на која беше презентирана програмата за Прилеп, се наведува во соопштението на Левица.
Симболиката на денов би требало да ја разбуди свеста на прилепчани и да покажат дека се народ кој е спремен за револуција, и на следните локални избори да изберат советници кои вистина ќе се борат за Прилеп, преку конструктивна критика и објективни одлуки, изјави Жарко Стеваноски, кандидат за советник во Општина Прилеп.
На народната средба носителот на советничката листа на Левица во Прилеп, Методија Костоски, ги претстави четирите главни приоритети на програмата.
„Прво ќе направиме сеопфатна ревизија на сите поголеми проекти, особено на тие што немаат технички прием, заедно со целиот движен имот со кој располага партијата. Следно е инклузија на граѓаните. Сакаме да ги отвориме вратите на општината и да ги вклучиме сите во процесот на одлучување. Трето, а можеби и најважно, е сообраќајниот хаос со кој се соочува Прилеп. Мора да почнеме со регулирање на сообраќајот. Ќе поднесеме иницијатива за укинување на платеното зонско паркирање. Четврто е контрола врз финансиското работење на јавните претпријатија“, истакна Костоски.
И покрај силната цензура кон нив, од Левица порачуваат дека нема да се предадат и ќе продолжат со директни средби со народот низ целата држава, за да ја донесат борбата за правда и транспарентност во секоја општина.
Македонија
Од утре секој ден по 15 часот ќе има блокади за загинатите во дискотеката „Пулс“

Од утре, ќе има мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, во периодот од 15:15 до 16:15 часот, се додека не започне судењето.
Ова го најавија родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 март, од 26. „Марш за ангелите“ одржан денеска пред Основниот суд во Кочани, испровоцирани од тоа што, според нив, адвокати на осомничените изјавиле дека судењето ќе трае 10 до 15 години.
– Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Таквите зборови звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме, рече мајка на загинато девоче пред новинарите.
Родителите на настраданите бараат да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Исто така, нагласија, рочиштата мораат да добијат приоритет и постојано темпо, со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Тие се сомневаат во манипулации или скриено забавување на судскиот процес, бараат јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.
-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.
Денешниот 26-ти „Марш за ангелите“ во Кочани, вообичаено започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши. Попатно, петнаесетина минути беше блокиран сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост, токму на местото каде што од утре па натаму се најавуваат јавни собири и блокади.
Македонија
Жените од бизнис-секторот го поканија Орце Ѓорѓиевски на ручек

Актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, претседател на ЗЕЛС и кандидат за прв човек на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски присуствувал на ручек со жени од бизнис-секторот.
Тој на Фејсбук објави дека на покана од мрежата „Јас сум жена“ денеска, заедно со неговата сопруга, бил на собир со жени претприемачи, универзитетски професорки, директорки , како што наведе:„силни, самостојни и успешни жени кои го движат Скопје и ја градат посилната Македонија“.
– Разговаравме искрено за предизвиците и за идеите што можат да го унапредат нашиот град. Едно е јасно – Скопје мора повторно да стане отворен град, град во кој комуникацијата со граѓаните и деловниот сектор ќе биде жива, достапна и продуктивна. Им благодарам од срце за силната поддршка која ми ја даваат, за инспирацијата и енергијата што ја носат, напиша Ѓорѓиевски на социјалната мрежа.