Свет
Глобалното затоплување ќе ги зголеми болестите и смртните случаи

Климатските промени го зголемуваат ризикот од срцеви и бубрежни заболувања и други смртоносни болести поврзани со топлината, и тоа кај многу повеќе луѓе во светот кои се чувствителни на топлина, велат истражувачите во најновото истражување.
Ефектите од глобалното затоплување се најопасни за постарите и луѓето со хронични здравствени проблеми. Европа и источниот Медитеран се повеќе ранливи на Африка и Југоисточна Азија, и тоа се должи на бројот на стари лица кои живеат во густо населените градови, посочуваат истражувачите во анализата објавена во медицинското списание The Lancet.
Според податоците, пак, на Светската здравствена организација (СЗО), климатските промени дејствуваат на многу фактори кои влијаат врз здравјето на луѓето, вклучувајќи ги чистиот воздух и вода, храна и засолниште. Се проценува дека во периодот меѓу 2030 и 2050 година климатските промени можат да предизвикаат дополнителни 250.000 смртни случаи на годишно ниво, и тоа поради неухранетост, маларија и стрес.
Извештајот покажа дека во 2017 година околу 157 милиони ранливи луѓе биле изложени на топлотни бранови.
Исто така, потврдено е и дека мали промени во температурата и врнежи од дожд може да предизвикаат големи промени во пренос на заразни болести кои се пренесуваат преку вода или, пак, преку убод од комарци, како што е колера, маларија и тропска денга-грозница.
„Климатските промени со екстремни топли денови директно влијаат на нашето здравје, на пример, поттикнуваат пожари, понатаму се шират заразни болести, но и трошоците за живот во целиот свет”, вели еден од експертите кои беа дел од анализата, заклучувајќи дека резултатите што ги добиле биле јасни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија ја осудува острата ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран

„Русија е загрижена и ја осудува острата ескалација на тензиите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува руски „Интерфакс“.
Тој изјави дека рускиот претседател Владимир Путин добива онлајн-извештаи за настаните што се случуваат меѓу Израел и Иран.
„Претседателот Путин добива извештаи во реално време од руското Министерство за одбрана, Службата за надворешно разузнавање и од Министерството за надворешни работи за настаните во регионот“, рече Песков.
Според него, руското Министерство за надворешни работи, по наредба на претседателот на Русија, набргу ќе издаде детаљно соопштение за ситуацијата меѓу Израел и Иран, „кое потоа ќе биде дистрибуирано до Обединетите нации“.
Свет
Израел ги скри патничките авиони на тајна локација надвор од земјата

Израелските авиокомпании „Ел Ал“, „Аркија“ и „Исраир“ ги преместија своите авиони надвор од земјата на непозната локација како подготовка за можен ирански напад врз аеродромот „Бен Гурион“, јавува дописникот на „Скај њуз“ од Блискиот Исток.
Авионите беа транспортирани без патници како дел од однапред подготвени безбедносни протоколи во случај на понатамошна ескалација и напади врз клучна инфраструктура.
Ноќеска, Израел изврши голем воздушен напад врз повеќе цели во Иран. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц.
Свет
Германија ја зајакнува заштитата на еврејските и на израелските институции по нападот врз Иран

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Израел има право да го брани своето постоење, а по израелските напади врз Иран, наредил зголемена заштита на еврејските и на израелските објекти во Германија.
Утрово, телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и свика состанок на кабинетот за безбедност во Берлин, објави германската влада.
Мерц нагласи дека целта останува да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје и го обвини Техеран дека продолжува да ги крши своите обврски од Договорот за неширење нуклеарно оружје и дека претставува сериозна закана за регионот, особено за Израел.
Тој ги повика двете страни да се воздржат од потези што би можеле дополнително да го ескалираат конфликтот и да го дестабилизираат Блискиот Исток.
Синоќа, Израел изврши воздушен напад врз повеќе цели во Иран како дел од операцијата „Стоечки лав“. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц. МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивото на зрачење.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на операцијата е да се „неутрализира егзистенцијална закана“ истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканува дека ќе го уништи Израел. Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го подигна нивото на тревога за можен одговор, вклучително и лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и територии контролирани од проирански групи.