Македонија
МТСП: Светската банка со позитивна оцена за социјалната реформа

Светската банка дава позитивна оценка за реформите на системите за социјална и детска заштита, предложени од Министерството за труд и социјална политика, со кои се очекува трајно да се намали сиромаштијата во Македонија и да се обезбедат еднакви услови за раст и развој за секое дете, соопшти Министерството.
Во рамките на извештајот се препорачува и поддржува трансформација на програмата за родителски додаток за трето дете која е најмалку ефикасна, а троши најмногу средства од сите програми за социјална помош. Дополнително, се поддржува проширување на опфатот на сиромашните, со добро таргетирање преку нова шема за ГМП. Со тоа би се понудила сеопфатна мрежа за социјална заштита за сиромашните, без разлика на нивниот статус на пазарот на трудот или на нивната возраст.
„Владата е свесна за недоследностите во системот за социјална помош и е посветена на спроведувањето сеопфатни реформи. Главната цел на реформите во системот за социјална заштита би требало да биде зголемување на ефективноста и ефикасноста на системот, преку реформи како на таргетираните така и на категориските социјални надоместоци“, е наведено во последниот извештај на Светска банка, во кој се анализира постојниот систем за социјална и детска заштита и предложените реформи од Министерството за труд и социјална политика.
Во однос на постојниот систем, во извештајот се истакнува дека програмите за намалување на сиромаштијата се најниски од регионот. Исто така, паричните трансфери што се доделуваат врз основа на законите за социјална заштита и за детска заштита, се во износ од 1,2 проценти од БДП, што е меѓу најниските во регионот и под просечното ниво на расходи за социјална заштита во земјите од Европа и Централна Азија.
Понатаму, се објаснува дека иако расходите за социјална помош од 2008 година наваму се во пораст, најголем дел од растот е резултат на категориските, а не на добро таргетираните права. Програмите за социјална заштита покриваат само една третина од насиромашниот квинтил, а овој резултат е уште позагрижувачки ако се земе предвид дека најдолниот квинтил го опфаќа најсиромашното население.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЛДП: Новите регистарски таблички за службените возила ќе значат крај на злоупотребите

По иницијативата за намалување на банкарските трошоци, уште еден предлог на Либерално-демократската партија (ЛДП) добива реализација, службените возила добиваат посебни регистарски таблички.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, потврди дека сите институции ќе мора да ги заменат табличките до крајот на годината. Првичниот рок од 15 септември е продолжен до 29 септември, а како конечен датум се споменува 31 декември, кога Министерството за внатрешни работи треба да го финализира регистарот на возилата.
Новите црвени таблички со жолти ознаки ќе важат за сите возила во државна сопственост, а жолтите со црвени ознаки за специјални намени. Иако правилникот не предвидува казни за институциите што ќе доцнат, новите ознаки ќе станат задолжителни при првата регистрација. Според проценките, државата располага со околу 7.500 службени возила, но точната бројка ќе биде позната по изработката на регистарот.
За ЛДП, оваа мерка е јасна порака дека јавните ресурси не се лична привилегија на малкумина. Ова е петти наш предлог прифатен од државните претставници во изминатата година, по иницијативите за референдум за отповикување градоначалници, толкувањето на заклучоците од ЕУ и одложеното дејство на уставните измени, намалувањето на банкарските провизии и зголемените инвестиции во домашната одбранбена индустрија.
„Апелираме институциите навремено да ја завршат постапката и да ги заменат регистарските таблички во законскиот рок. Само така, со транспарентно работење и институционална дисциплина можеме да ги спречиме злоупотребите во иднина и повторно да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите“, велат од ЛДП.
Македонија
Дали Македонија станува третата српска република, прашуваат од ДУИ

Демократската унија за интеграција е загрижена и алармира до јавноста дека Северна Македонија се соочува со отворена офанзива на злогласниот проект „Српски свет“.
„Овој проект сè почесто се манифестира на официјален начин, со присуство и, за жал, со благослов на државни претставници на нашата земја.
По прославите во Битола, каде високата делегација на Србија заедно со министри и претставници на нашата Влада под превезот на „Солунскиот фронт“ го чествуваа српското окупирање на нашите територии, на 7 септември 2025 година на Кајмакчалан ја слушнавме и скандалозната изјава на српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ, кој зборуваше за „патот на слободата“ и „враќањето во татковината“ на српската војска на територијата на Македонија“.
Присуството на нашите институции во вакви сценарија, свелат од ДУИ, претставува не само тежок историски и политички провокациски чин, туку и обид за релативизирање на суверенитетот на нашата држава, претставувајќи ја Северна Македонија како „третата српска република“.
„Тоа е неприфатливо. Тоа е директна закана за идентитетот, државната стабилност и евроатлантската ориентација на земјата“.
ДУИ нагласува, проектот „Српски свет“ е непријателски кон Северна Македонија.
„Рамковниот договор, меѓуетничката кохезија и нашиот неповратен пат кон Европската Унија се единствената гаранција за сигурна иднина. Секој обид за поткопување на овие вредности ќе се соочи со нашето решително и бескомпромисно противење.
Северна Македонија не е, и никогаш нема да стане „третата српска република“.
Македонија
„Очигледен е стравот на Мицкоски од содржината на документите што треба да ја докажат неговата приказна за наводно следење“, велат од СДСМ

„Случајот со АНБ кој го спремаа за пред избори и требаше да биде некакво оружје против СДСМ, но им испукна како бомба во раката. Власта бега од декласификација на документите и се плаши јавноста да ја дознае вистината“, велат од СДСМ.
„Очигледен е стравот на премиерот Христијан Мицкоски од содржината на документите што треба да ја докажат неговата приказна за наводно следење.
Декласификацијата ќе открие сè, дали и кој бил следен, кој со кого соработувал, за какви цели, што се крие од јавноста, но и зошто на овој начин ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја манипулира јавноста.
Клучното прашање е зошто Мицкоски се плаши сè да се дознае?
Дали станува збор за: соработка на Мицкоски со странски служби, за комуникација со руски агентури, за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ?
Дополнително, ако власта тврди дека СДСМ прислушувала, зошто тогаш бега од декласификација? Ете нека ги декласифицираат документите и нека се дознае сè.
СДСМ не се плаши и нема што да крие. Декласификација јасно ќе покаже сè и кој треба да одговара, но и која е виситната позади случајот. Толклу ли многу се плашите од вистината“, прашува СДСМ преку соопштението.