Македонија
(Видео) Стоилковски: Вчерашниот марш покажа силен пркос и заеднички отпор против неспособната власт
По синоќешниот протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ, портпаролот на партијата, Наум Стоилковски, на денешната прес-конференција изјави дека вчеравечер пред Владата се покажал силниот пркос и заедничкиот отпор на Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, на сите оние, како што рече, кои се против неспособноста и криминогеноста на оваа власт предводена од аболицираниот политичар кој во овие година и пол ја втурна Република Македонија во најмрачното време.
„Почна падот на однародената влада за национално понижување, почна падот на власта за економски порази, почна падот на власта којашто ја завитка Македонија во црнила. Оваа власт креирана за една намена, за национално уништување, и покрај сите сили со секакви понижувања и омаловажувања, не успеа Македонецот да го направи рамнодушен на сè, на сите распродажби на националните интереси, на политичкиот прогон, економско осиромашување, на севкупниот хорор во општеството. Масовноста на протестот на ВМРО-ДПМНЕ на којшто од дното на душата граѓаните бараат оставка на власта, докажува дека рамнодушноста е невозможна, дека народот го препознава злото“, изјави Стоилковски.
Оваа однародена власт ја затвори демократијата, ги погази правото и правдата, Собранието, достоинството на граѓаните, на пратениците, го злоупотребува сиот безбедносен и правен систем за политички прогон на неистомисленици, на опозицијата, вели Стоилковски.
„Се злоупотребуваат безбедносните институции за фингирани белешки за политички прогон. Цела година луѓе уметници, граѓани, интелектуалци, пратеници од опозицијата се во притвори, брутално приведени кршејќи го сиот систем, заради што реагираше и народниот правобранител, но одговорност за тоа нема. Цела година и пол, убиства, насилства и сурови криминали се случуваат низ улиците, но одговорност за тоа нема. За криминалот и убиствата нема истраги, затоа што службите се присилени да вршат притисок, претреси врз опозицијата, врз ВМРО-ДПМНЕ и нејзините членови и поддржувачи“, додаде портпаролот на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

