Македонија
РСБСП: Има ли крај на сообраќајниот метеж во градот?
Сообраќајниот метеж стана редовна слика на улиците и патиштата во Македонија, велат од РСБСП во своето соопштение, каде додаваат дека секојдневно, преку целата година, повеќе или помалку сликата е иста.
Постојат многу причини зошто е тоа така, велат од РСБСП. „Прво што ни паѓа на памет е јавниот превоз. Подобар, побрз, поквалитетен јавен превоз ќе ни донесе помалку возила на улиците и патиштата. Не смееме да ја заборавиме и сообраќајната инфраструктура што е направена да ги задоволи потребите пред сѐ на моторизираниот сообраќај, додека потребите на пешаците и велосипедистите остануваат занемарени“, стои во соопштението.
Сообраќајниот метеж го отежнува секојдневното движење и секојдневниот транспорт на патници и стоки. Поточно, сообраќајниот метеж значи загуба на време, загуба на пари, загадување на животната средина, а неретко и причина за голем број повредени и загинати лица во сообраќајни незгоди, велат од РСБСП.
Не намалувајќи ја важноста на јавниот превоз и сообраќајната инфраструктура, РСБСП со совети како и зошто да се намали сообраќајниот метеж и како безбедно граѓаните да се движат во услови на густ сообраќај.
„Пешачете или возете велосипед. Движете се побрзо и побезбедно. Најголем дел од релациите што секојдневно ги поминуваме во урбана средина се на растојание до 5 километри. Истражувањата покажуваат, на кратко растојание во урбана средина побрзо и побезбедно ќе се движите доколку го оставите автомобилот и тргнете пеш или со велосипед.
Повеќе лица во едно возило. Анализирајќи ја секојдневната слика, можеме да заклучиме дека во Република Македонија најчесто се превезуваат едно или две лица во автомобил. Доколку ја промените таа навика и почесто се групирате по повеќе лица во едно возило, сообраќајниот метеж значително ќе се намали, а патувањето ќе биде побезбедо, побрзо и поевтино.
Оставете го автомобилот и заштедете пари. Оставете го автомобилот и на тој начин ќе заштедите на скапо гориво и уште поскап паркинг-простор.
Јавниот превоз нека биде ваш прв избор. Наместо алтернатива, користењето јавен превоз нека биде ваш прв избор. Истражувањата покажуваат дека патувањето со јавен превоз е побезбедно и поевтино отколку користењето автомобил. Покрај тоа, јавниот превоз нуди можност за одмор, дружење и создавање нови познанства.
Намалете ја брзината и држете безбедно растојание. Сообраќајниот метеж изнудува грешки од возачите. Затоа намалете ја брзината и држете безбедно растојание со цел да бидете во можност да избегнете несакани ситуации.

Останете смирени и не возете слалом. Нервозата, нетрпеливоста и слалом-возењето дополнително го зголемува сообраќајниот метеж и го загрозува безбедното одвивање на сообраќајот.
Не користете звучни сигнали непотребно. Звучниот сигнал создава нервоза и паника кај останатите учесници во сообраќајот и создава притисок што води до непромислено однесување во сообраќајот.
Останете концентрирани. Долгото чекање и застојот во сообраќајот доведуваат до пад на концентрацијата кај возачот. Некои возачи, во ваква ситуација, се склони кон користење мобилен телефон и други помагала. Оставете го мобилниот на страна и останете фокусирани во сообраќајот.
Не блокирај ја крстосницата! И покрај тоа што, во одредени ситуации, можеби семафорот свети зелено или има знак за првенство на минување, ваша обврска како возач, доколку нема реална можност да се движите, е да застанете. Доколку вашето придвижување значи дополнително или целосно блокирање на крстосницата и сообраќајот, не заборавајте дека ваша обврска како возач е да создадете услови сообраќајот безбедно да тече. Подобро да почекате неколку секунди или минута-две, отколку целосно да го блокирате сообраќајот.
Секогаш почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот. Сообраќајниот метеж не ви дава за право да поминете на црвен семафор или да не го почитувате правилото за првенство на минување. Непочитувањето на сообраќајните правила ја загрозува безбедноста во сообраќајот и го зголемува сообраќајниот хаос“, стои во соопштението испратено од РСБСП.
Промената на лошите животни и сообраќајни навики, додаваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, може значително да го намали сообраќајниот метеж и да го направи секојдневното движење полесно и побезбедно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски ја елиминираше Ленче Ристоска, независната кандидатка за јавен обвинител
Промената на јавниот обвинител беше политичка цел на Мицкоски за воспоставување целосна контрола врз судството и обвинителството, обвинија од СДСМ.
„Сега гo гледаме сценариото за изборот на нов јавен обвинител по мерка на Мицкоски. Тој одлучува кој ќе биде назначен. Мицкоски ја елиминираше Ленче Ристоска –независната кандидатка за државен јавен обвинител. Иако Ристоска доби максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители и позитивна оценка за својата професионалност и стручност. Мицкоски сам одлучува дека таа „не е во игра“, во живо, на телевизија“, велат од СДСМ.
Според партијата, независен јавен обвинител не му одговара на Мицкоски затоа што не може да го контролира.
„Професионалец со интегритет не му се вклопува во концептот. Медиумскиот октпод на Орбан во Македонија и неговите 40% медиуми што ги контролира веќе ја слават елиминацијата на Ристовска. Не се крие ништо. На кого веќе не му е јасно? Ставаат обвинител под нивна контрола, сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд. Владата ги знае судските одлуки за процеси кои се уште не се завршени а Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат. Следува целосно погребување на правдата и правната држава. Исто како во времето на Никола Груевски“, велат од СДСМ.
Македонија
Ристоска со реакција на изјавата на Мицкоски дека таа не е во игра за нов државен јавен обвинител
Во врска со изјавата на премиерот, Христијан Мицкоски, дека Ленче Ристоска не е во игра за нов државен јавен обвинител, што ја даде во телевизиско интервју, таа вели дека тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.
„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, вели Ристоска.
Според неа, професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува.
„Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, вели Ристоска.
Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица кандидати за функцијата државен јавен обвинител, меѓу кои е и Ристоска.
Македонија
Ако сѐ било по пропис, зошто Владата не ги објавува листите со патници во авионот, прашува СДСМ
Доколку користењето на владиниот авион од било целосно согласно законите и прописите, тогаш зошто Владата упорно одбива да ги објави листите со патници, прашуваат од СДСМ.
„Што се крие од јавноста? Според Мицкоски, на Јадранско море прво отишол со комерицијален лет со семејството, па го продолжил одморот, па бил на вечера, поради што го прпошутил комерцијалниот лет за враќање па затоа морал да се враќа со владиниот авион од Сплит. Генералната декларација (General Declaration) е задолжителен документ во меѓународната авијација што се доставува за да се идентификува воздухопловот, неговиот екипаж и патниците и мора да се приложи за секој меѓународен лет. Еве, Владата нека ги објави документите, за да видат граѓаните кој се патувал со владиниот авион и колку тоа ги чинело“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека граѓаните го плаќаат авионот, летовите, трошоците за екипаж, одржување и гориво.
„Затоа граѓаните имаат право да знаат: Кој сѐ летал со владиниот авион? Колку точно чинел секој лет?Особено што нема пари за плати, нема пари за 600 евра минимална плата, се кратат 3 милиони евра од пациентите со ретки болести, се кратат 40 милиони евра од земјоделците. Ако сѐ било законски – објавете ги списоците. Ако нема што да се крие – покажете ги документите.Јавноста заслужува одговор“, велат од СДСМ.

