Македонија
Објавен повикот за избор на најдобар млад научник

Објавен е Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2018 година, признание што деветта година по ред го доделува претседателот, Ѓорге Иванов.
Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2018 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе коишто заклучно со 2018 година навршуваат 30 години, а кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати.
Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиено награда или признание за научноистражувачка работа, да имаат објавени резултати од научноистражувачка работа и применетост на резултатите од научното истражување за тековната 2018 година.
Апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2018 година со кои се конкурира (во еден печатен и еден електронски примерок – CD) и уверение за државјанство на Република Македонија.
Заинтересираните своите документи треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2018 година.
Од Кабинетот на Иванов велат дека доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, по иницијатива на претседателот Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.
Досегашни носители на признанието „Најдобар млад научник“ од 2010 до 2017 година се Никола Златанов, Трифче Сандев, Катерина Бачева, Петар Стојанов, Даниел Денковски, Михаела Ангелова, Христијан Ѓорески и Сретен Давидов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничните премини кон Грција и Србија и денеска има гужва

На граничните премини кон Грција и Србија и денеска има гужва. На Табановце кон Србија за влез и излез од државата се чека од 20 до 30 минути, а на граничните премини Дојран и Богородица кон Грција времето на чекање е до 15 минути, соопшти Авто мото сојузот на Македонија.
Според утринските информации на АМСМ, сообраќајот на државните патишта надвор од градските средини е умерен.
Македонија
Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа во која загинаа три лица

Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа што синоќа се случи на патот Кичево – Гостивар во која загинаа три лица, а осум беа повредени.
Државното јавно обвинителство утринава соопшти дека од местото на несреќата подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телата на починатите се дадени на обдукција и дадена е наредба за испитување на евентуално присуство на алхокол или други супстанции кај повредените.
– По насоки на јавниот обвинител продолжуваат да се преземаат и други дејствија, информираат од Јавното обвинителство.
Македонија
Со протестен марш на семејствата, ќе се бара правда за настраданите во пожарот во Кочани

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.
Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица.