Македонија
Обвинителството проверува дали биле бришени разговорите од хард дисковите

Со исклучителна сериозност и внимателност се проверуваат сите аспекти на настанот и се работи на утврдување на евентуална кривична одговорност, изјави портпаролот на Јавното обвинителство на Република Македонија Елизабета Недановска по информацијата дека биле прислушувани телефоните во Обвинителството.
Таа рече дека предистражната постапка била отворена веднаш по сознанијата дека телефонските разговори остварени преку фиксна телефонија во зградата на јавното обвинителство биле снимани.
„Иако пронајдените податоци со снимени разговори на двата хард диска од телефонската централа датираат од 30 септември 2016 година, постојат индиции кои укажуваат дека снимањето траело од набавката и инсталирањето на опремата, односно од 2013 година. Во таа насока, се проверува и дали снимените разговори биле избришани или пренесени на друг уред“, рече Недановска.
Какко што соопшти, првичните сознанија од предистражната постапка укажуваат дека снимањето се вршело на двата хард диска од телефонската централа во новиот објект во кој се сместени просториите на Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија. Во рамките на постапката се врши проверка и на тендерската документација за набавка на опремата и на овластувањата за нејзино користење.
Дополнително, Јавното обвинителство работи на проверка и на индициите дека ист или сличен систем за снимање на телефонски разговори бил употребуван и во други правосудни институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце се чека 40 минути

Зголемена е фреквенцијата на возила во земјава. На граничниот премин „Табановце времето на чекање за излез е околу 40 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, а интензитетот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Пет активни пожари, најтешки за гаснење во Јасен и Јажинце, вели Ангелов

Екипи на ЈП „Национални шуми“, ЈП „Јасен“ и на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ) го гаснат пожарот во повеќенаменското подрачје „Јасен“ каде е зафатена мешана шума. Како што информира попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, ставени се во функција и се користат сите можни ресурси.
Активен е и пожарот во Јажинце иако досега неколкупати бил ставен под контрола. Според Ангелов, овој пожар се уште е закана за некои од околните села и затоа на магистралниот пат што од Тетово води кон граничниот премин „Јажинце“ се поставени возила, како бариера – да го сопрат огнот. Ангелов очекува во текот на денешниот ден пожарот да биде изгаснат. Притоа предупреди дека еден дел се шири кон Скопје, село Дворце, во општина Сарај каде на терен се наоѓа екипа на БППЗ.
Покрај овие два, кои се најтешки за гансење, како што истакна Ангелов, има уште три активни пожари.
-На територија на цела држава има пет активни пожари на отворен простор, од кои два се сериозни за гаснење. Првиот пожар е во ловиштето „Јасен“ каде рано утрово со дејство почнаа 30 припадници на специјалните единици „Волци“ и „Ренџери“, а присутни на терен се екипи на ЈП „Национални шуми“, на ЈП „Јасен“ и на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ), иако во текот на вчерашниот ден воспоставивме делумна контрола врз овој тежок за гаснење пожар, изјави од терен Ангелов. Додаде дека утрово добил фотографии од кои се гледа дека еден дел од пожарот пак е активен и гори, изјави директорот на ДЗС.
Стратегијата е, како што рече, пожарот да биде пресретнат и стопиран и во текот на денов да се стави под делумна контрола.
Ангелов потсети дека пожарот во атарот на Јажинце, општина Јегуновце, вчера бил целосно изгаснат, но ноќта повторно се активирал.
-И покрај тоа што со пешадиско гаснење некаде по полноќ до 2 -3 часот наутро успеавме да изгаснеме една линија подолга од еден километар, сепак, утрово, пак, се активира кракот во насока кон Шар Планина. Претставуваше и се уште претставува закана за некои од овие села, иако на магистарлниот пат кој од Тетово води кон ГП Јажинце се поставени возила. Доколку огнот дојде до патот, ќе биде сопрен, појасни Ангелов.
Македонија
(Вознемирувачко видео) Полицијата на раце носи жена што се обиде да се самоубие скокајќи во Вардар

Денеска (16.08.2025) околу 14 часот во СВР Скопје е пријавено дека во реката Вардар во Скопје, под мостот на ул. “Војвода Васил Чакаларов” има женско лице.
Од страна на полициски службеници од ПС Карпош веднаш е постапено по пријавата и по пристигнување на местото на настанот, било утврдено дека лицето дава знаци на живот и од страна на полициските службеници жената е извадена од реката, по што со Итна медицинска помош е пренесена во Ургентен центар при комплекс клиники “Мајка Тереза” во Скопје за укажување на помош.