Македонија
Ѓорчев: Димитров со леснотија стави потпис на она што не го потпишаа ниту Црвенковски, Георгиевски, Глигоров, Трајковски, Кљусев

Со невидена леснотија во оваа пленарна сала се притиска за промена на Уставот на државата, што е само вовед во нови гласања и редефинирања. Она што не го потпишале ниту Киро Глигоров, ниту Борис Трајковски, ниту Никола Кљусев, Брако Црвенковски, Љупчо Георгиевски, Димитров со невидена леснотија го потпиша, рече денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев на дебатата во Собранието за уставните амандмани.
Ѓорчев меѓу другото во својата изјава посочи дека референдумот, за кој претходно денеска премиерот Зоран Заев изјави дека бил успешен, бил со низа неправилности во гласањето и полнење кутии со невидена брзина.
„Она што 200 години наназад било градено како наша позиција…и сега во оваа пленарана сала со невидена леснотија се притиска за промена на Уставот на РМ што е само вовед во нови гласања и редефинирања. Тргнати сте против ВМРО како никогаш досега, но сме издржале, ќе го издржиме и ова. Вие ги дробите луѓето во овој Парламент, компромитиран ви е процесот, уценувате и тргувате со човечки судбини. Начинот на кој што си го обезбедивте двотретинското мнозинство е скандалозен во историски рамки“, изјави Ѓорчев.
Ѓорчев реплика доби и од пратеничката од редовите на СДСМ Фросина Ременски и од министерот Димитров кој се осврна и на реферндумот, но и на програмата на ВМРО-ДПМНЕ во делот на името.
„Согласно вашата програма содржински вие треба да бидете против ова решение, процесно мора да излезете на референдум. Овде фалат гласовите против, со тоа што вие не излеговте на референдум, немавте доблест да излезете и да го повикате народот на кој многу често се повикувате, неосновано. Референдумот ќе беше успешен бидејќи ние имаме многу доволни гласови ‘за’ 609.427. Фалат гласовите против“ рече Димитров.
Во оваа фаза за усвојување на амандманите потребен ќе биде 61 глас.
По усвојувањето на уставните амандмани во Собранието, Владата ќе треба да организира јавна расправа од три дена, по која што ќе треба да достави извештај до Собранието.
Финалното носење на амандманите ќе следи по владиниот извештај, кога претседателот на Собранието, Талат Џафери е должен во рок од 30 дена да закаже нова седница, за која повторно ќе биде потребно двотретинското мнозинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Патот Струмица – Ново Село затворен за товарни возила

Патот Струмица – Ново Село е затворен за товарни возила, а за другите возила се пренасочува, информира АМСМ.
„Сообраќајот на регионалниот пат Струмица – ГП Ново село е затворен за товарни возила, а за другите возила се пронасочува“, пишува во информацијата.
Македонија
Делегација на АРМ во посета на сојузната држава Вермонт, САД

Делегација предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, придружуван од државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска-Ристова, од денес ќе престојува во повеќедневна oфицијална посета на сојузната држава Вермонт, Соединетите Американски Држави.
За време на посетата, која се реализира во рамките на Програмата за партнерство на САД, предвидени се повеќе средби со високи претставници од Националната гарда, воениот универзитет „Норвич“ и државата Вермонт. Делегацијата ќе се сретне и со гувернерот на државата Вермонт, Фил Скот.
Главна цел на посетата е унапредување на стратешката одбранбена соработка, размена на искуства и планирање заеднички обуки и активности.
Оваа активност претставува уште еден чекор во зајакнувањето на одбранбените капацитети и интероперативноста меѓу Армијата на Република Северна Македонија и вооружените сили на САД во духот на сојузништвото во НАТО, соопшти АРМ.
Македонија
Споменик на Андон Лазов Јанев-Ќосето поставен на кружниот тек во Автокоманда

Споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, кој беше отстранет од пред комплексот судови, е поставен на кружниот тек во Автокоманда.
„Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија.
Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Споменикот претходно беше поставен пред комплексот судови, а беше отстранет од претходникот на Арсовска, Петре Шилегов.
Арсовска во 2023 година информира дека доставила иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на спомен-обележјето на македонскиот револуционер Ќосето, на нова локација, кај хотелот „Континентал“ односно на крстосницата помеѓу булеварот Александар Македонски и булеварот Беласица.
Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953), беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. По доаѓањето на функција на ексградоначалникот Петре Шилегов споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба, односно нема решение за негово поставување.
Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. На неговото место беше засадено дрво гинко, посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг, на која е испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации.
Тој член гласи: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.