Македонија
(Видео) Амандманите за уставни измени поминаа во парламентот и одат на јавна расправа

Со 66 гласа ,,за”, три ,,воздржани” и седум ,,против” од вкупно 76 пратеници кои гласаа, Собранието денеска го усвои и последниот од четирите амандмани за уставните измени согласно со преспанскиот договор. Се работи за 36. амандман со кој се предвидува Македонија да го негува и штити културното наследство и да се грижи за интересите на македонските граѓани во дијаспората.
Бидејќи е исцрпена дискусијата по сите амандмани, следи јавна расправа што ќе трае пет дена, по што амандманите одат во Владата, која има рок од два дена да изготви конечни предлози по нив. Пратеникот на СДСМ, Јован Митревски, побара расправата да трае пет работни дена бидејќи 8 декември е празник. Неговиот предлог беше усвоен.
Претходно Собранието го усвои 35. амандман. Со 64 гласа „за“, двајца „воздржани“ и 14 гласа „против“ пратениците го усвоија нацрт-амандманот за почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката определба на соседите.И овој нацрт-амандман, исто како и претходните два, се донесе со просто мнозинство, при што беа потребни гласови на 61 пратеник.
Претходно, за време на викендот, Собранието ги усвои првите два нацрт-амандмана со кои се
предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на „посебните социјални права на борците од антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија“.
Со другиот нацрт-амандман на Уставот, пак, се предвидува зборовите „одлуките на АСНОМ“ да се заменат со „прогласот од Првото заседание на АСНОМ“, а тука се додава и Охридскиот рамковен договор.
Финалното носење на амандманите ќе следува по владиниот извештај кога претседателот на Собранието, Талат Џафери, е должен во рок од 30 дена да закаже нова седница за која повторно ќе биде потребно двотретинското мнозинство.
Габриела Димковиќ-Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од улиците низ Скопје ќе бидат затворени заради верскиот празник Велигден

По повод верскиот празник „Воскресение Христово-Велигден” од попладне ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на одредени сообраќајници во централното градско подрачје и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Како што соопшти МВР, во периодот од 18 часот во центарот на Скопје по потреба за сообраќај ќе бидат затворени бул.„Партизански Одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”, бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски” и ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосницата со ул.„9-ти Мај” до кружната крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.
На автобусите кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите коишто минуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосницата со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност

Времето денеска, сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во крајните источни планински региони ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во наредните денови следува период на топло време. Во недела ќе се задржи сончево со мала до умерена облачност, а од понеделник променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи.
Македонија
Дел од Центар без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваat дека денеска ( сабота ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 11.00 до 12.30 часот, корисниците од ул. Јордан Хаџи Константинов – Џинот лоцирани кај ул. Крсто Баиќ, корисниците од ул. Кеј 13 – ти Ноември лоцирани кај ресторан Парк, како и корисниците од ул. Ленинова лоцирани спроти Министерството за Земјоделство. ( општина Центар )