Македонија
(Видео) Заев во Загреб: Хрватска меѓу првите ќе го ратификува договорот за влез на Македонија во НАТО
Премиерот Зоран Заев е во официјалната посета на Република Хрватска, придружуван од владина делегација во состав: Кире Наумов, заменик-министер за економија, Виктор Димовски, државен секретар во МНР, и советници. Официјалната посета на Загреб премиерот Заев ја почна со тет а тет средба со неговиот колега, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, по што следуваа средба на ниво на владините делегации и изјави на двајцата премиери.
Заев во изјавата изрази огромна благодарарност до граѓаните на Република Хрватска, до неговиот колега и пријател, премиерот Андреј Пленковиќ, до Владата, за искрената, континуирана и силна поддршка што ја даваат на граѓаните и на Република Македонија, во интегрирањето кон ЕУ и НАТО.
Претседателот на Владата, Заев, ја посочи како значајна поддршката од пријателска Хрватска во Советот на ЕУ летото, како и во НАТО-интеграцијата, и повика таа да продолжи и во иднина.
,,Во Македонија се донесоа важни одлуки. Верувам дека до крајот на јануари парламентот ќе даде поддршка на договорот со Грција, по што ќе следува и поддршка на договорот и од страна на Грција, како и на протоколот за членство на Македонија во НАТО. Веруваме дека Хрватска ќе биде една од првите земји што ќе го потпишат протоколот за членство на Македонија во НАТО. И дека Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО. Имаме договор и со Бугарија. Правиме реформи во правосудството, медиумите, јавната администрација, борбата против криминалот и корупцијата. Очекуваме дека ќе почнеме преговори во јуни со ЕУ. Оваа посета на Хрватска е само уште една силна порака за големото пријателство меѓу двете земји”, рече Заев.
Премиерот Андреј Пленковиќ ги поддржа храбрите политики на премиерот Заев и Владата, што конечно отвораат пат кон заслужените ЕУ и НАТО-интеграции и најави целосна поддршка од Хрватска во овие процеси. Тој рече дека премиерот Заев и Владата изминатите месеци направиле низа храбри одлуки што ќе се одразат со формално членство во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ во јуни. Премиерот Пленковиќ рече дека Хрватска ќе се заложи за подинамичен преговарачки процес, за Македонија во ЕУ интеграциите да го надополни пропуштеното.
На средбата на ниво на владини делегации се разговараше за актуелни политички прашања во двете земји и за можностите за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена. Премиерот Заев во изјавата и директно ги повика хрватските компании да инвестираат во Македонија.
Претседателот на Владата Заев и владината делегација, ја продолжуваат официјалната посета на Хрватска со средби со хрватската претседателка на државата, Колинда Грабар – Китаровиќ и со претседателот на Собранието на Република Хрватска, Гордан Јадроковиќ. Утре, премиерот и владината делегација што ќе го придружува, ќе учествуваат на Самитот на шефови на влади на земјите од Централно-европската иницијатива (CEI).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

