Свет
Нови семафори Елвис Присли на улиците во Фридберг

Кралот се врати и сега им помага на пешаците да ја преминат укицата во Фридберг, северно од Франкфурт, со своето препознатливо нишање со колковите.
„Ветерауер цајтунг“ објави во средата дека Елвис Присли бил овековечен на три семафори во градот Хесијан.
Црвеното светло го покажува пејачот, кој почина во 1977 година, застанат покрај микрофон. Кога сигналот се менува во зелена боја, Елвис со рацете го изведува својот познат танцов потег. Новиот сигнален систем е инсталиран околу плоштадот Елвис Присли во градот.
Локалната политичарка Марион Гец изјави дека семафорите со Елвис, дизајнирани од уметник, чинат околу 900 евра.
Но, како Елвис стана човечето во семафорите? Познатата рокенрол-ѕвезда беше стационирана како војник во Фридберг од октомври 1958 до март 1960 година и живееше во соседниот Бад Наухајм во тоа време. Затоа, кралот е икона во двата града.
Не само што има клубови на Елвис Присли активни во двата града туку во Бад Наухајм сè уште постојат места за аџилак, каде што обожавателите оставаат свеќи, цвеќиња или подароци за својот идол. Постои и Европски фестивал на Елвис во Бад Науахем, а градот планира и поставување бронзена статуа на пејачот.
Гец рече дека градот сакал да ги направи семафорите привлечни за туристите. Фановите на Елвис, веројатно, ќе сакаат фотографија со семафорите. Проектот беше одобрен од полицијата, која мораше да провери дали е безбеден.
Во последните години некои семафори во Германија претрпеа трансформации. Еден од најпознатите е семафорот на Карл Маркс во родното место на комунистичкиот филозоф во Трир. Семафорите беа поставени претходно годинава по повод одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на Маркс во 1818 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Погрешив во врска со Владимир Путин

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека европските лидери погрешно го процениле руско-украинскиот конфликт и рускиот лидер Владимир Путин.
„Сите погрешивме во врска со Владимир Путин. Вистина е дека, според мене, отсекогаш сум бил скептичен. Но, требаше самиот побрзо да ја сфатам заканата – долго пред 2022 година, долго пред неговиот напад врз Украина – во 2014 година, кога тој го нападна Крим. А можеби дури и во 2008 година, кога ја нападна Грузија“, рече тој во интервју за „Пари мач“.
Мерц посочи на „историските размери“ на она што се случува, истакнувајќи дека агресијата на Путин ја нападнал втората најголема земја на европскиот континент по површина.
Тој, исто така, предупреди дека Европејците ќе се соочат со овој „авторитарен режим кој повеќе не ја почитува рамнотежата што постоеше претходно“ во годините што доаѓаат.
Мерц неодамна го нарече Путин „најголемиот воен злосторник на денешницата“.
Фото: ЕПА
Свет
Почина Џорџо Армани

Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани почина, објави денеска неговата компанија.
„Со огромна тага, групацијата Армани ја објавува смртта на својот творец, основач и неуморна движечка сила: Џорџо Армани“, се вели во соопштението на модната куќа.
Армани, кој имаше 91 година, беше синоним за модерен италијански стил и елеганција. Тој ја комбинираше креативноста на дизајнер со остроумноста на бизнисмен, водејќи компанија која генерираше приход од околу 2,3 милијарди евра годишно.
Џорџо Армани е роден на 11 јули 1934 година во Пјаченца, Италија. Во младоста студирал медицина, но по неколку години го напуштил универзитетот и се свртел кон модата. Работел како декоратор на излози во стоковната куќа Ла Ринашенте во Милано, а потоа како дизајнер за Нино Черути.
Заедно со партнерот Серџо Галеоти, тој го основал Армани С.п.А. во 1975 година. Брзо станал познат по своите елегантни, минималистички кроеви и луксузни ткаенини. Особено бил познат по своите машки костуми кои го редефинирале деловниот стил во 1980-тите.
Армани изгради модна империја која вклучува неколку брендови (Џорџо Армани, Емпорио Армани, Армани Ексчејнџ), како и линии за парфеми, часовници, ентериери и хотели. Неговите дизајни често се поврзуваат со поими за софистицираност, италијанска елеганција и безвременски луксуз.
Тој стана познат и по облекувањето на холивудските ѕвезди – на пример, Ричард Гир носеше костуми на Армани во филмот „Американски жиголо“ (1980), што дополнително го зацврсти неговиот углед.
Армани остана на чело на својата компанија до неговата смрт, инсистирајќи на независноста на брендот и одбивајќи да продава на големи конгломерати. Тој беше синоним за модерен италијански стил.
Свет
Кина се огласи по коментарот на Трамп дека Шји Џинпинг, Путин и Ким Џонг Ун прават завера против Америка

Американскиот претседател Доналд Трамп за време на воената парада во Пекинг даде изјави што привлекоа меѓународно внимание.
Портпаролот Гуо Ѓиакун ги демантираше тврдењата на Трамп за наводни заговорнички планови меѓу Кина, Русија и Северна Кореја.
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Кина не делува против трети земји додека ги развива своите дипломатски односи, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Кина, Русија и Северна Кореја коваат заговор против САД.
„Кина развива дипломатски односи со сите земји, никогаш не напаѓајќи трета страна“, наведе тој на брифинг со новинарите, пренесува „Монд“.
Тој, исто така, ги нарече неодговорни изјавите на високата претставничка на Европската комисија, Каја Калас, која средбата на лидерите на Русија, Кина и Северна Кореја ја нарече директна закана за меѓународниот поредок.
Трамп во средата, за време на воената парада во Пекинг по повод Денот на победата во Втората светска војна, преку објава на „Тру соушал“ му порача на кинескиот претседател Шји Џинпинг дека САД придонеле за ослободувањето на Кина од Јапонија во тој конфликт, пренесува Ројтерс.
„Ве молам, пренесете ги моите најтопли поздрави на Владимир Путин и Ким Џонг Ун, додека правите заговор против САД“, додаде Трамп.
Во Пекинг во средата се одржа воена парада по повод 80-годишнината од победата на Кина над Јапонија во Втората светска војна, на која присуствуваа и рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.