Македонија
АРМ негира вмешаност во настаните од 27 април

Армијата на Република Македонија (АРМ) негира каква била вмешаност во организирана форма во упадот во Собранието на 27 април минатата година.
„Во врска со зачестените објави во одредени електронски медиуми, како и разни произволни толкувања од страна на лица што гостуваат во дебатни емисии на националните телевизии, во кои се наведуваат инсинуации со кои упорно сака да се прикаже инволвираност во организирана форма на Армијата на Република Македонија во случувањата на 27 април 2017 година, најенергично ги демантираме ваквите тврдења со напомена дека се работи за груби дезинформации што се пласираат во јавноста. Како и секогаш досега, Генералштабот на АРМ во потполност транспарентно ги пренесува сите свои активности и ангажмани и е на располагање во целост да ги презентира сите податоци и да соработува со сите надлежни институции за какви било информации за наводните тврдења, со што, конечно, ќе се стави крај на понатамошни шпекулативни толкувања“, велат од АРМ.
Во досегашното постоење на АРМ, додаваат од таму, во потполност се применуваат воспоставените принципи и постапки во хиерархијата и субординација во командувањето, при што се постапува во согласност со дадените законски надлежности и строго утврдени правила кои ја уредуваат оваа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Партијата Левица: На Локалните избори во конечна пресметка со десничарскиот режим

Партијата Левица ја одржа 28-та редовна сесија на Централниот комитет на која беа донесени стратешки одлуки во пресрет на претстојните Локални избори 2025. Сесијата започна со едноминутен молк за жртвите во трагедијата во Кочани.
„Во духот на демократскиот централизам и борбеноста, оваа сесија ја зацврсти позицијата на Левица како единствена автентична и непоколеблива опозициска сила во државата“, велат од партијата.
„На сесијата на ЦК едногласно беше верификуван актуелниот пратеник м-р Сашко Јанчев како нов член на Президиумот на Левица. Во своето обраќање, Јанчев истакна дека народот е алергичен на корумпираните политички елити кои со децении ја злоупотребуваат државата за лични криминални интереси. Властите пробаа сѐ за да ја подјармат Левица – со притисоци, спинови и пари, но не успеаја! Токму тоа, нивниот неуспех да ја направат Левица како нив, е она што најмногу ги плаши.
Централниот комитет усвои политичка рамка за дејствување во наредниот период, со фокус на есенските Локални избори, како фронт за жестока пресметка со режимскиот апарат. Во услови на постојана репресија, изборен инженеринг и клиентелистички октопод кој го гуши секој обид за народна еманципација – Левица ќе настапи бескомпромисно, чесно и организирано, како глас на обесправените и бастион на некорумпираноста.
Времето на калкуланти, опуртинисти, предавници и квазиопозиционери заврши. Борбата продолжува – на улиците, во институциите и на изборните полиња. Со народот, за народот!“, соопшти партијата Левица.
Македонија
Укината забраната за тешки товарни возила на патниот правец Маврово – Дебар

Забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар се укинува во 06.10 часот, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурни екипи на Македонијапат.
Македонија
Променливо облачно и студено со повремено засилен ветер, претпладне услови за слаб снег

Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, претпладне наместа ќе има услови за провејување на слаб снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 70 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно и ветровито со температури под просекот за овој период од годината. Утринските температури на повеќе места ќе бидат негативни, а дневните во постепен пораст.