Свет
Јапонија подарува куќи бидејќи нема кој да живее во нив
Јапонија се соочува со необичен проблем: има повеќе куќи од жители што би живееле во нив.
Според податоците, во 2013 година во Јапонија имало 61 милион домови и 52 милиони домаќинства, а ситуацијата сè повеќе се влошува. Бројот на населението во Јапонија се очекува да опадне од 127 милиони на околу 88 милиони до 2065 година, велат од Националниот институт за население.
Тие исто така предвидуваат дека до 2040 година многу мали градови и села во целата земја ќе исчезнат поради тоа што сè повеќе млади ги напуштаат за да работат во големите градови. Подарувањето домови во овие области е последниот обид за нивно спасување, додаваат тие.
Овие напуштени домови се познати и како „акија“, а денес постојат и „акија банки“, кои ги поврзуваат можните купувачи со стари сопственици на домови или празни имоти. Еден од градовите што до 2040 се очекува да остане празен е и Окутама, кој го потпомага реновирањето на домовите за оние што ќе се вселат во нив.
Сепак, постојат и одредени услови за добивање на ваквата парична помош од осум илјади долари за секои 100 квадратни метри, односно новите сопственици мора да бидат помлади од 40 години или да бидат пар со барем едно дете под 18-годишна возраст и барем еден партнер на возраст под 50 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Папата: Потребно е итно да се достави хуманитарна помош во Газа
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти, денес во Ватикан се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас, со кого разговараше за итната потреба од прекин на конфликтот во Газа и за доставување хуманитарна помош.
Како што објави Ватикан, pапата ја повтори потребата од решение за израелско-палестинскиот конфликт со две држави.
Во соопштението се наведува дека за време на „срдечните разговори во Апостолската палата, двете страни ја нагласија итноста од обезбедување хуманитарна помош за цивилното население во Газа и ја нагласија важноста од прекин на конфликтот преку решение за две држави“.
Средбата се одржа по повод десетгодишнината од потпишувањето на Сеопфатниот договор меѓу Светата столица и Државата Палестина.
Денешниот разговор беше првата средба меѓу двајцата, бидејќи претходно комуницираа по телефон.
Еден ден пред средбата со папата Лав Четиринаесетти, Абас ја посети базиликата Света Марија Маџоре за да му оддаде почит на гробот на папата Францискo.
Посетата беше неговиот прв чин по пристигнувањето во Рим во средаta попладне.
„Дојдов да го видам гробот на папата Францискo, бидејќи не можам да заборавам што направи за Палестина и за палестинскиот народ. Не можам да заборавам дека ја призна Палестина, без никој да го замоли да го стори тоа“, рече Абас.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп: Ќе видиме како еден комунист ќе го води Њујорк
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да соработува со новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, но во исто време нагласи дека Мамдани ќе мора да покаже „целосно почитување“ кон Вашингтон ако сака да постигне успех.
Трамп ги даде овие изјави откако Мамдани ги претстави членовите на својот тим, кратко по историските избори на кои стана првиот муслимански и јужноазиски градоначалник на најголемиот град во САД.
Реагирајќи на изјавите на Мамдани во изборната ноќ, во кои вети дека ќе му се спротивстави на Трамп, американскиот претседател ги оцени тие коментари како „опасни“.
„Тој мора да покаже одредено почитување кон Вашингтон, бидејќи ако не го стори тоа, нема шанси да успее. И сакам тој да успее. Сакам градот да успее“, додаде Трамп, брзо појаснувајќи дека сака Њујорк да успее, а не мора самиот Мамдани.
Порано во средата, Трамп посочи дека неговата администрација ќе му помогне на новиот градоначалник иако го нарече „комунист“.
„Комунистите, марксистите и глобалистите имаа своја шанса и донесоа само катастрофа. Сега да видиме како еден комунист ќе го води Њујорк. Ќе видиме како ќе се покаже“, рече Трамп на состанокот на Американскиот бизнис форум во Мајами, Флорида.
Мамдани, чија програма вклучува бесплатна универзална грижа за деца, бесплатен јавен автобуски превоз и државни продавници за храна, ја отфрли комунистичката етикета, опишувајќи се себеси како демократски социјалист.
Во говорот во кој ги изложи своите приоритети во средата, Мамдани, кој треба да ја преземе функцијата на 1 јануари, ја повтори својата решеност да му се спротивстави на Трамп, но исто така изрази подготвеност за дијалог со неговата администрација.
„Нема да штедам зборови кога станува збор за претседателот Трамп. Ќе продолжам да ги опишувам неговите постапки какви што се, но секогаш ќе го правам тоа оставајќи ја вратата отворена за дијалог“, рече тој.
Фото: принтскрин
Свет
Кинески астронаути заробени во вселената откога беа погодени од вселенски отпад
Тројца кинески астронаути – Ванг Џие, Чен Жонгруи и Чен Донг – ќе мора да го продолжат својот престој на вселенската станица Тјангонг откако нивниот модул за враќање беше погоден од сомнително парче вселенски отпад, соопшти Кинеската вселенска агенција (CMSA).
Инцидентот се случил само неколку часа пред закажаното враќање на Земјата, што довело до одложување на мисијата Шенжоу-20. Засега не е познато колку е оштетена капсулата или кога екипажот ќе може да се врати.
Астронаутите кои престојуваат во Тјангонг од 24 април успешно ги предадоа должностите на новиот екипаж на Шенжоу-21, кој пристигна на 31 октомври. CMSA изјави дека во моментов се спроведува детална анализа на влијанието и проценка на ризикот за да се обезбеди безбедноста на сите шест астронаути на станицата.
Досега, кинеските власти не објавија никакви дополнителни информации за обемот на штетата или новиот датум на враќање.
Фото: принтскрин

