Македонија
Нови вработувања и апарати во болницата во Штип

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска заедно со Ален Георгијев, директор на Клиничката болница во Штип, го промовираа новиот видеоендоскоп за гастроскопија и колоноскопија, вреден 100 илјади евра. Овој современ апарат го набави Министерството за здравство.
Покрај едноскопот, оваа болница има 10 нови кревети со пациентмонитори и инфузомати и перфузори во коронарната единица, но и нова центрифуга-машина во Клиничката лабораторија. Набавен е нов екстензионен стол за ортопедски и трауматолошки операции.
Директорот Георгијев го информираше министерот Филипче и за другите новости во оваа клиничка болница и додаде дека за првпат по 50 години, болницата доби нови машини за перење и сушење алишта.
„Многу сум задоволен од тоа како се развива оваа клиничка болница. Приоритет на Министерството е обнова и реконструкција на посточките капацитети, но и набавка на нови апарати, што тука, во Штип, очигледно добро се спроведува. Со големо задоволство им честитам на 50-те нововработени лекари и здравствени работници во оваа болница“, изјави министерот Филипче.
Оваа клиничка болница е голем регионален медицински центар и ги опслужува пациентите од речиси целиот регион од Источна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Актуелната власт го заборави Делчево само затоа што градоначалникот е од друга партија

Претседателот на СДСМ Венко Филипче заедно со градоначалникот на Делчево Горан Трајковски денеска ги посети капиталните проекти во градот. Салата АСНОМ, прочистителната станица, новиот пазар и новата градинка со капацитет за околу 150 дечиња.
„Станува збор за капитални проекти коишто беа навистина потребни и коишто сериозно го олеснуваат животот на граѓаните во Делчево.
Филипче оценува дека овие проекти не се само инфраструктура, туку се вложување во подобар живот за сите граѓани, проекти кои го менуваат животот на граѓаните на подобро. За жал, денеска Делчево не само што нема капитални проекти туку истото е целосно заборавено а тоа најмногу се одразува на граѓаните и тоа само затоа што градоначалникот не е од истата партија.
„Еве сега гледаме што значи да се нема поддршка од влада. Од оваа актуелна влада практично Делчево е заборавено и целосно е маргинализирано. Жалам што прават таква политичка сегрегација врз основа на тоа кој градоначалник од која партија е, тоа граѓаните навистина не го заслужуваат“, потенцираше Филипче.
Македонија
Во среда авионско прскање против комарци во Скопје

од Центарот за управување со кризи известуваат дека во Град Скопје во среда ќе се реализира авионско прскање против комарци.
„Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против ларви од комарци, ќе се реализира на 11.06.2025 година (среда), во раните утрински часови.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во истите термини“, велат од ЦУК.
Се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
(Видео) Тренчевска: Хаосот во здравството не може да го среди министер информатичар

Владата, наместо да гради систем што треба да се грижи за здравјето на граѓаните, создава систем што го става во ризик животот на луѓето, систем кој убива. И овој хаос треба да го среди новиот министер за здравство – Азир Алиу, кој е професионалец во информатиката, но не и во здравството.
Хаосот во здравството не може да го среди министер информатичар. Алиу нема никакво претходно искуство во здравството, и додека да се запознае со областа во која влегува, најверојатно и него ќе го сменат или сам ќе си отиде. И повторно нема да е криво ВМРО-ДПМНЕ, туку ќе бидат криви коалиционите партнери затоа што дале такви кандидати, рече пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница.
Тренчевска се осврна на, како што рече, сите пропусти на оваа влада, потсетувајќи и на вчерашната прослава, 34 години од постоењето на Унијата на млади сили на ДПМНЕ, со скандалозно шоу од пиротехнички средства, на неполни три месеци од пожарот во Кочани.
„Како паметот да не им доаѓа, или намерата беше да се испрати јасна порака дека сè им е дозволено. Цехот ќе си го носат родителите, сестрите, браќата, фамилијата, роднините, пријателите, граѓаните, а тие ќе си тераат како сакаат и ќе отвораат телефонски линии за да покажат некаква божемски грижа. Од финансиската поддршка, ништо не обезбедија. Обезбедија граѓаните и компаниите со донации, а на ДПМНЕ им остана фалбата и лажниот ПР, рече Тренчевска.
Таа потсети дека имаме влада која, заради својата неспособност, се соочи со најголемата трагедија во историјата на независна Македонија – кочанската трагедија, каде што згаснаа 62 млади животи, а 200 се повредени.
Влада која не знае како да се справи со здравствените предизвици. Токму во контекст на оваа трагедија, таа, додаде Тренчевска, не прифаќа понудени законски решенија од опозицијата, со кои се нуди вистинска и реална поддршка и помош, потенцираше Тренчевска.
Таа потенцираше дека во моментов ја имаме најнеспособната влада од осамостојувањето на Македонија до денес, која го донесе здравството до степен на „тежок пациент“ на кој му нема спас.
„Секој сектор од здравството е метастазиран од неспособноста и негрижата на власта, а граѓаните го плаќаат цехот со сопственото здравје“.