Македонија
Младите побараа повеќе простор и можност да се слушне нивниот глас
Колку институциите ги отвораат вратите за младите? Колку младите имаат простор да се изразат? Кои се нивните најголеми предизвици? Има ли кој да ги сослуша младите? Ова беа дел од прашањата на кои денеска дискутираа младите заедно со претставници од владините институции, граѓанскиот сектор и меѓународната заедница на дискусијата „Незаинтересирани млади, несигурна иднина? Младинското учество како катализатор на eвропската иднина на Р Македонија”.
На настанот организиран од Асоцијацијата за едукација „Младиинфо интернационал“, присуствуваа повеќе од триесет млади луѓе кои ја искористија можноста да го искажат своето мислење и да предложат решенија за националните институции и невладиниот сектор. Младите активисти од организациите „Крик“, „Младите можат“, „Мултикултура“ и другите присутни млади истакнаа дека многу е важно да добиваат навремени и квалитетни информации кои ќе ги мотивираат да се вклучат во општествените процеси, да се стават во фокусот на работата на сите чинители, да се даде простор да се чуе нивниот глас и да се прифатат нивните идеи, бидејќи младите најдобро знааат што им треба за подобар квалитет на живот.
„Формулата за успехот за тоа како да ги мотивираме и задржиме младите во процесите е тоа да им понудиме знаења и вештини за самите тие да дојдат до заклучок дека можат да постигнат одредена промена“, беше една од многуте пораки на младите.
На дискусијата со младите ѝпретходеа презентации од претставници на национално и европско ниво кои директно работат на тема млади, како и резултати од истражувања од граѓанскиот сектор токму на темата младинска вклученост.
Ирена Иванова, програмски менаџер за граѓанско општество при делегацијата на Европската Унија во Скопје, истакна дека токму младите ги поседуваат уникатните караткеристики, како свежи идеи, проактивност и храброст, кои треба да се искористат за позитивни промени и подобрување на нивната иднина.
„Младите се оние кои директно треба да алармираат за проблемите, да даваат свои предлози како да се надминат недостатоците и како заедниците да станат подобри“, истакна Иванова во своето обраќање.
Ѓорѓи Тасев, посебен советник за млади и спорт во Владата, изјави дека младите се високо на листата на приоритетите на Владата. Претстави дел од мерките и програмите преку кои Владата работи за подобро младинското учество, како што се гаранцијата за млади и програмата за практикантство.
Според Билјана Јанева, директорка на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, дури 170.000 млади луѓе се вклучени преку политичките подмладоци на партиите, учество што според неа не треба да се генерализира и смета за негативно, туку треба да се најде начин како да се искористи неговиот потенцијал.
Потенцијалот на младите беше и во фокусот на Ана Блажевска, програмски менаџер при Центарот за истражување и креирање политики – Скопје, која споделувајќи резултати од нивните истражувања, потенцираше дека повеќе од 87% од младите сметаат дека државата не го искористува нивниот потенцијал, што резултира со младите да се чувствуваат непродуктивно и да не чувствуваат припадност, а со тоа и да не преземаат активности за да ги променат нештата.
Дискусијата „Незаинтересирани млади, несигурна иднина? Младинското учество како катализатор на eвропската иднина на Р Македонија” е дел од проектот Средиште на младински банки за Западен Балкан и Турција, финансиран од страна на Европската Унија и спроведуван од страна на пет организации од регионот („Младиинфо интернационал“ од Македонија, Фондација „Ана и Владе Дивац“ од Србија, НВО „Прима“ од Црна Гора, „Партнери Албанија“ од Албанија и Фондација „Волонтери за заедницата од Турција“).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

