Македонија
Левицата: Власта спроведува приватизација манипулативно и без јавна дебата
Новиот бран распродажба на јавните добра на кој сме сведочи периодов се одвива стихијно и без јавна дебата, а неговиот резултат е повеќе од јасен: зголемување на цената на услугите, намалување на платите и условите на вработените и јакнење на олигарсите кои ќе ја стекнат сопственоста врз овие претпријатија, обвинува почитичката партија Левица.
„Од предлозите да се реши проблемот на железниците и поштата со нивна либерализација, па сè до најавената либерализација на енергетскиот пазар и распродажбата на брзата помош и детската кардиохирургија, очигледно е дека 27-годишната традиција на распродажба на јавните и државните добра не е завршена. Притоа, власта манипулира со јавноста, стихијно спроведувајќи ги овие приватизации, избегнувајќи медиумска покриеност и јавна дебата. Во оние ретки моменти кога власта сепак мора да се произнесе, таа користи две стратегии за да не создаде револт кај масите: го избегнува терминот приватизација и кокетира со јавната перцепција дека државните претпријатија се неефикасни“, тврди Левицата.
Партијата преку соопштение укажува дека терминот приватизација со право стекнал негативна конотација во периодот по осамостојувањето на Републиката, па оттука власта вешто го заменила овој термин со други, помалку оцрнети називи, што кулминирало со именувањето на приватизацијата на детската кардиохирургија како преселба.
„Од друга страна, јасно е дека државните претпријатија се неефикасни и корумпирани, но притоа мора да се земе предвид дека причината за ваквиот феномен е тенденциозното уништување на овие претпријатија, сè со цел нивна полесна распродажба на олигарсите во државата. Дополнително, годинава бевме сведоци и на скандалот што го обелодени ‘Трансперенси интернешнл’, во кој политичката партија ДУИ се финансирала преку државни институции. И на крајот, неефикасноста на овие претпријатија е и една од последиците токму на неспособноста на Владата која има мандат и должност да менаџира со нив“, обвинува Левицата.
Партијата додава дека во оваа насока приватизациjата како решение на властите не е ништо, освен избегнување на одговорноста и зацврстување на врските со бизнис-елитата.
„Услугите не стануваат поквалитетни кога ќе се префрлат во рацете на капиталот, туку стануваат поскапи. Такви примери имаме и во Македонија (приватните болници и училишта се поскапи) и во Европа (по либерализацијата на енергетскиот пазар, во повеќето земји во Европа електричната енергија поскапела, некаде дури и двојно). Напротив, решението е во квалитативното подобрување на државните претпријатија“, додава Левицата во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Македонија
Доделување на наградата „Св. Климент Охридски“
Во Кристалната сала на Собранието, денеска, Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ ќе ја додели државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2025 година за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и образованието му се доделува на академик Витомир Митевски, филозоф и класичен филолог, а наградата за остварување во областа на културата и уметноста, им се доделува на композиторот Живоин Глишиќ и на ликовниот уметник Беди Ибрахим.
Македонија
Авионско фрлање на мамки против беснило: граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа
Агенцијата за храна и ветеринарство започна со втората овогодинешна кампања за орална вакцинација на лисиците и дивите карнивози против болеста беснило.
Кампањата во периодот до крајот на месец декември ќе се спроведува со авионско фрлање на вакцинални мамки од спортскиот аеродром во Штип, а е со финансиска поддршка од Европска здравствена и дигитална извршна агенција (HADEA).
Вредноста на поддршката од Агенцијата за период од три години за пролетната и есенската орална вакцинација изнесува околу 2,5 милиони евра.
Мамките се фрлаат на целата територија на државата, со исклучок на населените места, водените површини и планинските врвови над 2.000 метри надморска височина, при што ќе бидат фрлени околу 450 илјади вакцинални мамки. Кампањата е предвидено да заврши на крајот на месец декември, во зависност од временските услови на терен.

„Апелираме до граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат во комуникацијата со животните, особено со лисиците кои се приближуваат до населените места и кои не покажуваат страв од луѓето и во никој случај да не ги допираат вакциналните мамки, кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи атенуиран вирус на беснило и биолошки маркер – тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Истите се соодветно обележани, со инструкции за начинот на постапување при допир“, велат од АХВ.
Доколку сепак се случи да дојдат во контакт со мамките, задолжително е да се измијат рацете со поголемо количество вода и сапун, а при самоповредување или рассечување со дел од капсулата на вакцината, задолжително потребно е да се побара помош од доктор по медицина.
За време на кампањата и наредните денови, се препорачува кучињата да се шетаат на поводник, за да се избегне нивен контакт со мамките. Доколку кучињата или мачките дојдат во контакт со мамката, таа не е штетна по нивното здравје. Особено внимание посебно е да се обврне од страна на ловечките кучиња и ловците во природата, особено што во овој период се врши лов на диви животни во природата.
Три недели по завршувањето, по новогодишните празници Агенцијата ќе спроведе контрола на успешноста на акцијата (поствакцинален мониторинг) преку ловните друштва согласно склучените договори преку застрелување на договорениот број лисици заради лабораториско испитување на успешноста на имунизацијата кај лисиците преку утврдување на присуство на антитела и детекција на тетрациклин во забите кај отстреланите лисици.
Македонија почна со имплементација на Програмата за орална вакцинација на лисиците против беснило во мај 2011 година кога се реализираше првата кампања. Оттогаш потврдени се 9 случаи на беснило, 8 кај диви животни (4 лисици и 4 волци) и еден кај домашна мачка во 2012 година.
Од 2012 година, кога е потврден последниот случај на беснило кај мачка во Радовишко, во земјава не се регистрирани нови случаи на болеста кај домашните животни. Овогодинешните кампањи за орална вакцинација се спроведуваат за прв пат после 3 години пауза, односно последната ваква акција е извршена во есента 2022 година.
Поради неодамнешните случаи на беснило пријавени во Романија, Унгарија, Украина и Молдавија, Агенцијата донесе одлука да се спроведе втора кампања за орална вакцинација за дивите животни, првенствено лисици.
„Оваа одлука бараше внимателно разгледување поради логистички и организациски прашања и беше донесена во согласност со договорот со HADEA. Сепак, анализата на епидемиолошката состојба покажа дека дополнителната вакцинација е од суштинско значење за заштита и на домашните и на дивите животни и за намалување на ризикот за населението. Со спроведување на втората кампања за орална вакцинација се обезбедува превентивен пристап и навремен одговор во согласност со европските препораки. Овие мерки ја зајакнуваат биолошката безбедност и го намалуваат ризикот од појавата и ширењето на беснило во регионот“, велат од АХВ.

