Економија
Анѓушев и Младеновски во посета на новата странска инвестиција „Баумер“, каде што ќе се вработат 350 лица
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и директорот на дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Александар Младеновски, во присуство на Марсел Фрај, оперативниот извршен директор на корпорацијата „Баумер“, и Новица Шотаровски, директор на фабриката „Баумер“ во Македонија, денеска извршија увид во градежните работи на производствениот погон на оваа швајцарска компанија во ТИРЗ Скопје 1 по што беше потпишан договорот за државна помош.
Baumer Holding AG е семејна меѓународна компанија која произведува напредна сензорска технологија, индуктивни и процесни сензори, енкодери, кабли и други полуфабрикати од областа на електрониката. Во производните активности „Баумер“ ќе вклучува и локални квалификувани доставувачи.
Вицепремиерот Анѓушев изрази особено задоволство што изградбата на фабриката е во напредна фаза и посочи дека клучно кај оваа странска инвестиција е тоа што ќе има научноистражувачки центар во кој ќе бидат вработени над 30 млади инженери од областа на електрониката, информатиката, машинската технологија.
„Тие бргу градат и ме радува што тоа го прават по швајцарски стандарди и критериуми. Се надевам дека, во согласност со нивниот план, во март ќе почне и нивното производство. Покрај производство, тие во нашата држава ќе организираат и научноистражувачки центар во нивната компанија, каде што ќе бидат вработени над 30 млади инженери од областа на електрониката, информатиката, машинската технологија, односно машинските науки и сите тие ќе бидат дел од големото семејство на корпорацијата „Баумер“, рече Анѓушев по потпишувањето на договорот.
Тој потенцира дека Владата и понатаму ќе биде посветена на поддршка и привлекување директни странски инвестиции.
„Ова е една од фабриките што успеавме да ги привлечеме во Република Македонија во последната година. Тие на број се повеќе од 20. Овие фабрики ќе дадат сериозен импакт врз растот на домашниот бруто-производ на државата. Ние како држава немаме големи ресурси, немаме нафта, немаме гас. Нашата индустријализација е шансата за развој на Република Македонија и како Влада ќе бидеме посветени да направиме брза и квалитетна индустријализација. Но, не со трудоинтензивни дејности, каде што вработените ќе земаат по 200-300 евра плата, туку индустријализација со високотехнолошки развиени компании, какви што се обидуваме да развиеме и да привлечеме во државата, каде што ќе работат претежно инженери, каде што ќе им дадеме шанса за нашите млади високообразовани кадри кои треба да останат во нашата држава, но не во мизерни услови, туку за солидни плати и солиден стандард. Само така ќе обезбедиме иднина за нашата држава за нашите млади генерации. Очекувам компанијата „Баумер“ да има сериозен придонес во таа работа“, рече вицепремиерот Анѓушев.
По потпишувањето на договорот за државна помош, директорот на фабриката „Баумер“ во Македонија, Новица Шотаровски, најави дека планирано е да бидат вработени од 300 до 350 лица, а почетокот на производство се планира за март в година.
„Почетокот на градежните активности го означивме на почетокот на јули 2018 година со поставување на темелите, а веќе за нецели 9 месеци, во март 2019 година, ‘Баумер’ ќе биде потполно оперативен за своите први производи. Во првата фаза на инвестицијата, која е во тек, на простор од 3.840 квадратни метри ќе се инвестираат меѓу 6 и 7 милиони евра и ќе се вработат помеѓу 150 и 200 вработени. Втората фаза е планирана за 2023 година со проширување на дополнителни 4.000 квадратни метри производни капацитети и удвојување на бројот на вработени“, рече Новица Шотаровски, директор на фабриката „Баумер“ во Македонија.
Шотаровски посочи дека третата фаза е изградба на дополнителен административно деловен дел на 2.000 квадратни метри, со што инвестицијата би достигнала нешто повеќе од 9 милиони евра и најмалку 350 вработени. Бидејќи развојот и иновациите се втемелени во корпоративната филозофија на „Баумер“, паралелно со производството ќе се оформи и центар за иновации и развој во Скопје, во кој приближно 30 софтверски, електро и машински инженери ќе ги создаваат новите генерации производи од портфолиото на „Баумер“.
„Покрај тоа што во логото на ‘Баумер’ стои Passion for Sensors (Пасија за сензори), според тоа што досега го видов во деловните единици во Швајцарија и Германија, постои и пасија за луѓето што ги создаваат тие сензори и технологија, особено за нивното здравје и сигурност. Кога фабриката во Скопје ќе биде подготвена и пуштена во целосна употреба на 15 март 2019 година, таа ќе биде опремена со внимателно одбрани системи за одржување на потребните работни услови, ергономски ентериер и работни простории, кантина со внатрешен и надворешен простор, простории за вежбање и релаксација, како и технологија за продукција и комуницирање според најновите светски достигнувања. За беспрекорно функционирање на административно-производните процеси, вработените од менаџментот и производството ќе посетуваат повеќенеделни обуки во Швајцарија и Германија“, рече директорот Шотаровски.
Директорот на ТИРЗ, Александар Младеновски, посочи дека Македонија е на мапата на странските инвеститори за што е и потврда денешното потпишување на договорот за државна помош.
„Преку овој договор активностите на оваа компанија ќе бидат помогнати и делумно субвенционирани преку транспарентите мерки од донесениот план за економски раст на Владата на Република Македонија. Висината на планираната инвестицијата ќе изнесува околу 9 милиони евра, со најавени 300-350 нови вработувања во пет фази. Длабоко сум уверен дека со приклучувањето на ‘Баумер’ кон еминентното семејство на компании во ТИРЗ Скопје 1, ќе ги охрабри и сите други компании што најавија инвестициски активности кај нас во наредниот период, а секако ќе придонесе Македонија да стане уште попрепознатлива дестинација на светските инвеститорски мапи“, рече директорот на ТИРЗ, Александар Младеновски.
„Баумер“ е фамилијарна компанија, која 66 години се развива и доминира на светскиот пазар за индустриски сензори и процесно-мерни инструменти. „Баумер“ постојано инвестира и се развива и во моментот брои 2.700 вработени во 38 бизнис-единици во 19 земји во светот, а е присутен со продажба во 70 земји во светот. Помеѓу нив се и фабриките и центрите за иновации и развој во Швајцарија, Германија, Франција, Италија, Данска и Индија, а со инвестицијата во Македонија таа бројка ќе достигне и повеќе од 3.000 вработени. Растот на побарување на сензорската технологија во светски рамки е проектиран на 11 отсто годишно со тренд да достигне 241 милијарда долари до 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 % во однос на одлуката од 18.11.2024 година.
Од 26.11.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,737 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,50 ден/лит и сега ќе изнесува 72,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,029 ден/кг и сега ќе изнесува 44,737 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,489%, кај дизелот за 3,554%, кај екстра лесното масло за 2,215% и кај мазутот намалувањето е за 2,312%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7524%.
Економија
Мицкоски: Грчевито се бориме да нема покачување на струјата, но ако мора, еве нека биде во третиот и четвртиот блок
Владата ќе се бори да не дојде до покачување на струјата, ниту за најавените до три проценти по Нова година. Премиерот Христијан Мицкоски денес на поставувањето камен-темелник за нова градинка во Расадник, Кисела Вода, одговарајќи на новинарски прашање, рече дека доколку мора, покачување ќе има, но само во поскапите блокови.
„Ќе направиме сè за да ја оптимизираме и да нема покачување на цената на електричната енергија, ниту до тие три проценти. Ако мора, еве да се покачи во некој од блоковите, оние повисоките, третиот и четвртиот. Можеби таму би имало некакво интервенирање. Тоа го правиме затоа што навистина сакаме на граѓаните да не им го отежнуваме и онака тешкиот живот. Замислете ние ако постапуваме неодговорно и не се бориме и да ги покачиме сметките 20-30 проценти, сè ќе поскапи. Замислете каков шок ќе биде тоа во делот на инфлацијата. Ќе се бориме до последно да ги нема и тие три проценти. Тоа е максимумот што може да се случи во третиот и четвртиот блок, а во првиот и вториот да нема никакво покачување, каде што се најголемиот број од потрошувачите“, рече премиерот Мицкоски.
Објасни дека е изводливо да нема поскапување на струјата оти успеале да ги намалат трошоците за 15-20 проценти на старите долгови оти побарале и добиле попуст, а новите тендери биле 15-20 проценти поевтини од оние порано, со што успеале да ги оптимизираат и производното и приходното портфолио. Каде оделе тие 15-20 проценти досега, премиерот Мицкоски вели дека точно се знае, а набргу и јавноста ќе дознае.
„Тоа што го наследивме во енергетиката е апокалиптична ситуација. Колку што сум информиран, и Финансиската полиција и МВР и други институции се занимаваат со тоа што се правело во годините претходно. Многу бргу од денеска ќе се излезе со јасни информации“, рече премиерот Мицкоски.
Драматичен пораст на цената на струјата не очекува ниту претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, оти цената на електричната енергија е стабилизирана.
Економија
Промоција на станбениот кредит од Халкбанк
Со цел да им обезбеди на клиентите уште поатрактивни услови за реализација на нивните станбени планови, Халкбанк АД Скопје воведе дополнителна промоција на својот станбен кредит кој е со фиксна каматна стапка почнувајќи од само 3,0 отсто за првите 5 години, односно 3,4 проценти за првите 10 години, и променлива за останатиот период на отплата.
Со почеток од 20 ноември, па се до 31 декември 2024 година, станбениот кредит на Халкбанк ќе се издава БЕЗ нотарски трошоци, БЕЗ надомест за полисата за осигурување за првата година и БЕЗ трошок за проценка на недвижниот имот. А фиксниот надоместок за обработка на апликацијата изнесува 3.000 денари.
Максимален износ на средства кои можат да се добијат е до 300.000 евра, со максимален рок на отплата до 30 години, а постои можност и за добивање грејс период во отплатата од 12 месеци. Кредитот може да се користи за купување на стан, купување на куќа, како и за рефинансирање на изложености во други банки по основ на станбен кредит.
Искористете ја атрактивната понуда која трае до крајот на годинава и нека Халкбанк стане вашиот партнер на патот кон обезбедување сопствен дом.
За повеќе информации за условите и аплицирањето за станбениот кредит, посетете ја веб страната на банката или најблиската филијала.
(ПР)