Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За Заев лажното сведочење на Нинџа е поважно од сведочењето на Стојан Андов
Нарачани политички изјави од лица обвинети за сериозни дела за Зоран Заев имаат поголемо значење отколку сведоштвата на Стојан Андов, кој директно го посочи Љубомир Фрчкоски како инволвиран во атентатот на Киро Глигоров, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, кој рече дека секојдневно на виделина излегуваат нови сведоштва за монструозните планови и брутална злоупотреба на безбедносните институции МВР и УБК од страна на режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев, исто како и ‘кацарска-судството’ и ‘рускоска-обвинителството’ молчат околу новите наводи за атентатот врз претседателот Киро Глигоров. Ниту атентат ги интересира, ниту обврската кон семејството на покојниот претседател Киро Глигоров ги интересира, иако и најблиските и целата јавност имаат право да ја дознаат вистината околу хаосот и црнилата што пред 24 години ги донесе СДСМ. Не ги интересира ниту сведочењето на поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов, ниту исказите на еминентниот новинар Љубомир Гајдов. За аболицираниот криминалец Зоран Заев, Стојан Андов е неколку нивоа под Александар Василевски викан Нинџа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За Зоран Заев, велат од партијата, СДСМ, „кацарска-судството“ и „рускоска обвинителството“, Стојан Андов и неговото сведочење имаат помал кредибилитет отколку нарачаното сведочење на Василевски – Нинџа.
„Ете тоа е СДСМ денеска. Мафијашка партија со мафијашки вредности. Покрај нарачани обвиненија, нарачани пресуди и нарачани службени белешки, аболицираниот Заев сега си нарача и сведочења со коишто сака да спроведе план за компромитирање на ВМРО ДПМНЕ и финален удар врз партијата. Заев се лаже доколку мисли дека со притисоци, злоупотреби на институциите и удбашки конструкции ќе ја клекне на колена партијата, а преку ВМРО ДПМНЕ и Македонија и македонскиот народ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Утре во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
(Фото) Колони возила чекаат влез во Македонија преку „Дојран“, „Богородица“ е затворен
Колони возила чекаат на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Ники“ (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
Според најновата информација од АМСМ, сообраќајот на ГП „Богородица“ (ГП Евзони) од 15 часот е нормализиран во двата правци.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.

„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.

