Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Скопје со денови е најзагаден град во Европа, власта не презема ништо

СДСМ донесе само црнила за државата и граѓаните. Скопје со денови е најзагаден град во Европа, а меѓу десетте најзагадени во светот. Проблем со загадениот воздух имаат и Битола, Струмица, Кочани, Куманово и други градови, но власта ништо не презема. Ветуваа многу, а не реализираа ниту една мерка за подобрување на квалитетот на воздухот.
Нивото на загаденост на воздухот е од пет до десет пати над дозволеното. Тоа е опасно за здравјето на луѓето, кои секојдневно ги полнат медицинските установи ширум државата, но и за животната средина во целост, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, Зоран Заев, Јани Макрадули и Петре Шилегов повеќе сакаат да спијат во Собрание и да играат игри отколку да преземат нешто против енормната загаденост.
,,Наместо мерки што ќе влијаат на подобрување на квалитетот на воздухот, надлежните, како министерот Садула Дураку, со ароганција се однесуваат и настапуваат кон граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ предложи сет мерки што власта треба да ги примени доколку навистина сака да се справува со загадувањето.
Дел од мерките што власта може да ги преземе, а кои ги ВМРО-ДПМНЕ се:
1. Да се обезбедат средства за набавка на печки на пелети и пелети, а тие средства да бидат обезбедени во буџетот за 2019 година, како најинтервентна мерка.
2. Наместо субвенционирање во набавка на дрва на социјално загрозените семејства, да им се исплатат средства за сметките за потрошена електрична енергија.
3. Да се забрани употреба на петрол, кокс, особено во услови на грејна сезона.
4. Да се овозможи, со поддршка на МВР, пренасочување на движењето од централните градски подрачја на товарните возила и градежните машини, во услови на загаденост.
СДСМ не смее да се однесува игнорантски и наместо за потребите на граѓаните работи за сопствени интереси. Црнилата не смеат да продолжат, полните болници со луѓе кои имаат срцеви или белодробни проблеми причинети од загадениот воздух не смеат да бидат наше секојдневие. Црнилото мора да си замине. СДСМ мора да си замине. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани кои се против овие црнила да се приклучат на протесниот марш в среда кој ќе почне од плоштад ВМРО и ќе се движи до владата на Република Македонија. За да им кажеме НЕ на црнилата. Да го испратиме СДСМ во историјата”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Бошковски: Сарај може и сака промени за да изградиме улици, спортска сала, детски игралишта, инфраструктура и вистински развој

Горан Бошковски, носител на листа на советници за Советот на Општина Сарај од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати од народниот митинг во Сарај во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за изборите во недела на 19 октомври.
Бошковски посочи дека Сарај знае, може и сака промени за да има вистински развој каде ќе се градат улици, спортска сала, детски игралишта, канализациона инфраструктура.
„Денес сме собрани тука со една силна порака. Сарај се буди! Сарај покажа дека знае, може и сака промени. За мене е огромна чест и големо задоволство што денес, како носител на листа за советници, стојам пред вас, пред народот кој секогаш бил срцето на вистинската борба, пред луѓе кои некогаш не се предале и кои знаат што значи чесна работа и љубов кон своето место“, рече Бошковски.
Понатаму додаде „во изминатиот период, работевме неуморно. Бевме меѓу граѓаните, по маалата, по улиците, во секој дом. Ги слушнавме проблемите, ги почувствувавме грижите, но уште повеќе ја почувствувавме енергијата и надежта на нашиот народ“.
„Затоа, нашата мисија е јасна. Да изградиме нови улици, да направиме канализациони мрежи таму каде што со години се ветува, а ништо не се прави. Да донесеме светлина во секое маало, да направиме спортска сала, детски игралишта, инфраструктура и вистински развој. Сарај заслужува повеќе, Сарај заслужува подобро“, рече Бошковски.
Повика на масовна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, како што рече, советници во Советот на Сарај ќе бидат гласот на народот и ќе ги бранат и застапуваат нивните интереси.
Соопштенија
Меџити: Чаир ќе биде лидер во искористувањето на европските фондови

Кандидатот на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, на денешната прес конференција истакна дека проширувањето на буџетските извори преку европските фондови, особено преку програмата Horizon Europe, претставува реална можност за одржлив развој и модернизација на општината.
Меџити, придружуван од неговиот советник за финансии и буџет, Бујамин Бела, изјави дека приоритет на неговиот тим е создавање на разновидност во буџетската структура и обезбедување нови извори на финансирање со цел зголемување на капиталните инвестиции и долгорочните развојни проекти.
„Наш приоритет е да создадеме разновидност во буџетската структура и изворите на финансирање, со цел да ја зголемиме можноста за капитални инвестиции и долгорочни развојни проекти. Во оваа насока, постојано истражуваме различни начини на финансирање, со јасна цел, да изградиме поразвиен, иновативен и конкурентен Чаир. Според досегашните податоци, Северна Македонија има добиено нето само околу 12 милиони евра од програмите на Horizon, што претставува само 0.03% од вкупно достапните средства. Овој податок јасно покажува дека има голем простор за напредок, и време е општините, особено Чаир, да преземат поактивна улога во оваа насока“, изјави Меџити.
Тој додаде дека Чаир ќе следи нов пристап во развојот, преку аплицирање за проекти што носат повеќе инвестиции, работни места и поквалитетни услуги за граѓаните, користејќи ги европските фондови и меѓународната соработка.
Соопштенија
Ахмети ги откажува изборните активности за да оди на протест на УЧК во Тирана

Како Централен штаб, донесовме одлука да ги откажеме сите изборни активности на Али Ахмети за петок, потврдувајќи го неговото учество на севкупниот национален протест во Тирана, во поддршка на неговите соборци и основачи на славната Ослободителна војска на Косово (УЧК). Овој чин е акт на национална солидарност, но и потсетник за оние што забораваат дека слободата и правата не се подаруваат, тие се освојуваат со жртвување, изјави потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Тој вели дека во текот на изборната кампања, Националната алијанса за интеграција настапила достоинствено, смирено и со конкретна понуда за граѓаните.
„Не се занимававме со клевети, црни кампањи или манипулации. Зборувавме со јазикот на фактите, визијата и одговорноста. Нашата кампања ја изградивме врз довербата – не врз стравот. За жал, нашите противници ја избраа спротивната насока – патот на клеветите, фабрикувањата и темните сценарија. Наместо идеи – понудија лаги; наместо проекти – измислија скандали; наместо натпревар за развој – поттикнаа поделби. Од самиот почеток, самиот премиер изјави дека „суштината на овие избори е исчезнувањето на ДУИ од политичката сцена“, а потоа зборуваше и за „политичко пензионирање на Али Ахмети“. Тоа не е само политички речник – тоа е носталгија за време кога Албанците требаше да бидат под команда, а не рамноправни учесници во одлучувањето. Но тоа време заврши. Албанците никогаш повеќе нема да бидат васали на туѓа волја“, рече Адеми.