Македонија
„О2 иницијативата“: Додека го реализира планот против аерозагадувањето, на Владата ќе ` помине мандатот
„О2 иницијативата“ има низа забелешки на владината Програма за намалување на аерозагадувањето / План за чист воздух, со која се очекува да го намали загадувањето на воздухот во наредните две години до 50% во Скопје и од 30 до 50% во другите градови.
Според нив, во програмата не се направени потребни анализи, не е изготвен детален реален план, врз чија основа ќе се реализира програмата, конкретно, месец за месец, со видливи и мерливи резултати за да се постигне зададената цел во зададениот рок.

,,Програмата е соодветна за предизборна програма, но не и за усвоена pрограма од страна на Владата за намалување на аерозагадувањето како стратешки приоритет, две години по завршување на изборите”, укажуваат од О2 Иницијативата.
Нивните забелешки ги пренесуваме интегрално:
„Планот/Програмата е за две години и нема одвоено што во првата година ќе се оствари, што во втората. Две години од сега, кога ќе се даде отчетност за овој план, мандатот на оваа Влада ќе биде изминат. Тоа претставува огромен проблем во однос на преземање одговорност за спроведување на програмата. Нема да има кој да одговара за неисполнување на Програмата/ Планот.
Нема образложено како ќе се дојде до зададената цел. Колку се очекува да се намали загадувањето од секоја област која придонесува како извор, за колкав процент и врз основа на што се базира таквата проекција. Како се очекува намалувањето да се движи во тек на наредните две години.
Активностите немаат детален опис, нема наведно кој ќе ги спроведе, која институција, нема наведено кој е одговорен за секоја активност поединечно, нема интеримни рокови на 3, 6, 9, 12 сè до 24 месеци кога треба целосно да се исполни најавеното. Нема наведено колку средства се потребни за секоја мерка да се спроведе, од каде ќе се обезбедат и во кој рок, односно рокови кога е во прашање неколкукратно обезбедување на финалната сума.
Најголем број од активностите не се конкретни, не се знае што точно се подразбира, има многу ,,зголемено, зајакното, зачестено, воведување, стимулирање, примена, измени”, а отсуствуваат конкретно наведни активности со точно за колку зголемено, за колку зајакнато, колку зачестено, како точно ќе се спроведе, тоа што се планира да се воведе, како точно ќе се стимулира, кои точно модели ќе се применат, кои ќе бидат законските измени и што значи тоа конкретно, кои се импликациите од тие измени.
Заклучено е дека субвенционирањето не е најсоодветниот и најефикасен начин и може негативно да влијае врз пазарните активности. Допрва ќе се изнаоѓаат модели за поттикнување на приватните компании да понудат посоодветни пакети, а домаќинствата полесно да можат да се одлучат да ги променат технологиите за греење.
Допрва ќе се воспостави систем за следење на прогресот на имплементацијата и резултатите од програмата, допрва ќе се подготви мониторинг-план со мерливи и реални индикатори и алатка за собирање и анализа на податоците. Сето ова требало да е спремно и да се почне со реализација веднаш.
Вака прикажаната Програма за намалување на аерозагадувањето/План за чист воздух наведува на заклучок дека не се направени потребни анализи, не е изготвен детален реален план, врз чија основа ќе се реализира програмата, конкретно, месец за месец, со видливи и мерливи резултати за да се постигне зададената цел во зададениот рок.
Програмата е соодветна за предизборна програма, но не и за усвоена програма од страна на Владата за намалување на аерозагадувањето како стратешки приоритет, две години по завршување на изборите.
Конкретни прашања чиј одговор требало да се содржи во наведените приоритетни активности, по област:
⚠️ Намалување на емисиите на загадувачки супстанци од затоплување во домаќинствата –
Кој ќе ги изнаоѓа моделите за поттикнување на приватните компании да понудат посоодветни пакети, а домаќинствата полесно да можат да се одлучат да ги променат технологиите за греење? Како тие модели ќе се применат конкретно за секое домаќинство? Како ќе се гарантираат предвидените цели? Со оглед дека субвенционирањето се смета за несоодветен и неефикасен начин за поттикнување промени, како на овој начин, со допрва изнаоѓање модели кои ќе функционираат, ќе се добијат високите цели во оваа област?
Кога ДДВ на испорачана топлинска енергија од топлински оператор ќе се намали на 5%? Која топловодна мрежа ќе се прошири? Таа на БЕГ, на ЕЛЕМ Енергетика, на Скопје Север? За колку километри ќе се зголеми мрежата? Во кои области на градот?
Како ќе се овозможи приклучување на индивидуални домови (куќи), со оглед дека треба да се проклучат на мрежата, а во своите домови треба да извршат градежни активности за да спроведат цевки, постават радијатори? Слично е и со приклучувањето на гас.
Дали забраната на продажба на јаглен за греење ќе значи и забрана за употреба на јаглен за греење? Дали оваа забрана ќе биде во сила пред да почне наредната грејна сезона во 2019?
Која е гаранција дека механизамот за поддршка за социјално ранливите категории преку субвенции да го променат начинот на греење, кој допрва ќе се дизајнира, ќе доведе до исполнување на целта?
⚠️ Подобрување на капацитетите на инспекторатите за животна средина за вршење инспекциски надзор и индустрија –
Каков е тој поефикасен систем на вршење инспекциски контроли? Што точно подразбира тој систем? На кој начин ќе се спроведе? За колкав број ќе се зголемат вработените? Кој ќе биде обемот на редовни контроли, колку често? Дали ќе се вршат редовни мерења и земање на примероци при овие контроли? Во која лабораторија ќе се вршат анализите, приватна или државна?
Кои се законските измени што се предвидуваат? Што овозможуваат? Кои се импликациите од овие измени на терен? Каде ќе се објават компаниите со валидни А и Б дозволи? На веб-страниците на општините/Град Скопје на чија територија се наоѓаат, покрај МЖСПП, ДИЖС?
⚠️ Транспорт –
Што значи преструктуирање на јавниот транспорт? Дали значи изменување на постојните возни линии? Како би се измениле? Дали значи воведување нови автобуси на гас или електрични, колку? Дали значи воведување на нов тип јавен транспорт?
Што значи воведување на зимски режим на сообраќај? Дали одреден тип возила под одреден еуростандард нема да смеат да се возат во градовите за време на зимскиот период, кога загаденоста на воздухот е над дозволената? Кои се границите, зоната каде би владеел тој зимски режим? итн.
За „Воведување Park&Ride систем” каде би се паркирале возилата за да користат јавен транспорт од таа точка? Која локација? Колку и колкави субвенции ќе се дадат за набавка на електрични и хибридни возила, за вградување уреди кои користат нафтен или земен гас? Дали ќе има поставено приоритетни категории од транспортот во однос на овие субвенции или ќе бидат на принцип кој прв се пријави?
⚠️ Менаџирање со отпад –
На кој начин ќе се стимулира собирање, селектирање и рециклирање пластика? На кои реки се планира поставување мрежи за собирање на отпадната пластика, на колку и кои места? Колку често ќе се отстранува насобраниот отпад? Дали мрежите се безбедни и нема да му наштетат на живиот свет во нив?
Каде и како ќе се одвиваат едукативни активности за намалување на создавањето на отпад и негово реискористување и компостирање на органскиот отпад? Директно со презентации на граѓаните од општина до општина, од село до село? Преку радио, ТВ, печатени и елетронски медиуми, социјални мрежи? Дали во училиштата ќе се воведат вакви едукативни активности?
Колку и кои депонии планираат да се исчистат? На кој начин ќе се спречи повторно фомрирање на истата локација?
⚠️ Подигнување на јавната свест –
Какви ќе бидат едукативните кампањи, директни, преку медиуми? Кој ќе ги спроведеува овие кампањи? Под чиј надзор?
⚠️ Градежништво –
Што значи зајакнати контроли на градежните активности? Колку често ќе се врши контрола, што сè ќе се контролирла? Кој ќе го воведе и како ќе го спроведе системот за одложување на отпадот од градежните објекти?
⚠️ Мониторинг на квалитетот на воздухот –
Кои математички модели за моделирање и соодветна предикција на аерозагадувањето ќе се применат? Што значи нивната примена во однос на загадувањето? Дали ќе имаат апликативна примена?
⚠️ Урбано зеленило –
Каков е и што точно предвидува планот за зазеленување? Каде точно ќе се пошумува, зазеленува, со кои видови? Колку, на кои локации и на кој начин ќе се уредат, редизајнираат запуштени површини во Град Скопје? Како ќе се уредат површините на цел кеј на Вардар и Лепенец?Дали дислоцирањет на дивонаселените „населби“ ќе значи трајно населување на овие луѓе во домови и решавење на начинот на кој ја обезбедуваат егзистенцијата, за да не се вратат на старите места и начин на живот?”, прашуваат од „О2 иницијативата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

