Свет
Тела на двајца алпинисти пронајдени 30 години по нивната смрт на Хималаите
Телата на двајца алпинисти од Исланд, Кристин Рунарсон и Торстен Гуџонсон, се пронајдени на Хималаите по триесетина години од нивното исчезнување, објави Си-ен-ен. Телата биле случајно пронајдени од страна на американски турист.
Стив Ејсторп во 1988 година заминал на експедиција на Хималаите со неговите двајца пријатели од Исланд. Нивната цел била да стигнат до врвот на планината Пумори, која е висока 7.161 метар, во близина на Монт Еверест. Стив се разболел за време на патувањето и не можел да го продолжи патот, но ги охрабрил неговите пријатели да продолжат и да се обидат да ја достигнат целта.
Кога оздравел и стигнал до нивниот камп, не видел никого во црвените шатори. Тој се обидел да ги контактира пријателите, но тие не одговориле на повиците. Тој смета дека, според положбата на нивните јажиња, тие се обиделе да се искачат до самиот врв кога се случила несреќата.

Во џебот на едниот алпинист бил пронајден филм од фотоапарат. Експертите сега работат на негово развивање. Пријателите и членовите на семејството се надеваат дека фотографиите можат да откријат што точно се случило.
„Верувам дека откривањето на телата на нашите драги пријатели повторно ги растажи сите оние кои ги сакаа. Но, тоа, исто така, нè поврза и се надевам дека ќе ни помогне со текот на времето да се помириме со овој немил настан“, рекол Стив.
Телата на загинатите алпинисти се однесени во Катманду каде што ќе бидат кремирани. Нивната пепел потоа ќе биде испратена на семејствата во Исланд.
Девојката на Кристин била бремена кога тој заминал на Хималаите. „По пет месеци откако дознавме дека тој загинал на експедицијата, на некој начин ни се врати. Неговиот син е слика на неговиот татко“, рекол таткото на Кристин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Метеоролог од Јамајка: Ова би можело да биде невиден настан
Иако Јамајка доживеала разорни урагани, како што е ураганот Гилберт од категорија 4 во 1988 година, директниот удар од бура од категорија 5 би бил без преседан, рече Еван Томпсон од Метеоролошката служба на Јамајка. Мелиса се движи и многу побавно од Гилберт, што значи дека жителите ќе мора да бидат засолнети со денови, а некои заедници би можеле да бидат отсечени со недели.
Стравот е опиплив кај локалното население, извести Ројтерс. Дамијан Андерсон, наставник во градот Хагли Геп во Сините Планини, рече дека патиштата веќе се непроодни.
„Не можеме да се движиме. Исплашени сме. Никогаш порано не сме виделе нешто вакво да трае со денови“, рече тој.
фото: принтскрин
Свет
Четири лица загинаа во обилните дождови на Хаити и Доминиканската Република
Ураганот Мелиса веќе ја покажа својата деструктивна моќ. На Хаити и Доминиканската Република, обилните дождови одзедоа најмалку четири животи. На Хаити, земја опустошена од насилство меѓу бандите, повеќе од 3.650 луѓе се сместени во привремени засолништа.
Подготовките се во полн ек и во Куба, каде што властите евакуираа повеќе од 500.000 луѓе од крајбрежните и планинските области.

Само во областа околу Сантијаго де Куба, вториот по големина град на директната патека на ураганот, повеќе од 250.000 луѓе се однесени во засолништа. Наредби за евакуација издаде и премиерот на Бахамите, Филип Дејвис, за јужните и источните делови од архипелагот.
фото: принѕтскрин
Свет
Кризата во САД се поголема, вчера беа одложени 7.000 летови
Кризата со воздушниот сообраќај во САД се продлабочи откако речиси 7.000 летови беа одложени низ целата земја во понеделник, додека бројот на отсуства од работа на контролорите на воздушниот сообраќај нагло се зголеми поради тоа што федералната влада влезе во 27-миот ден блокада.
Федералната администрација за воздухопловство (ФАА) го наведе недостигот на персонал како причина за доцнењето вчера, кое ги погоди аеродромот Њуарк во сојузната држава Њу Џерси, аеродромот во Остин во Тексас и меѓународниот аеродром Далас Форт Ворт. Летовите на југоистокот претходно доцнеа поради значителен недостиг на персонал во радарскиот контролен центар Atlanta Terminal Radar Approach Control.
Илјадници работници работат без плата
Околу 13.000 контролори на воздушниот сообраќај и 50.000 вработени во Администрацијата за безбедност на транспортот (TSA) се принудени да работат без плата откако републиканскиот претседател Доналд Трамп и демократите во Конгресот не успеаја да постигнат договор за буџетот, што предизвика блокада на владата.
Администрацијата на Трамп предупреди дека воздушниот сообраќај ќе биде дополнително нарушен бидејќи контролорите на воздушниот сообраќај ќе останат без својата прва целосна плата во вторник.
Во неделата, повеќе од 8.800 летови беа одложени.
Претставник на Министерството за транспорт на САД изјави дека 44 проценти од доцнењата во неделата биле предизвикани од отсуство на контролорите на летање, што е далеку над вообичаените пет проценти.
Зголемениот број на доцнења и откажувања на летови го зголемува незадоволството на јавноста и го зголемува притисокот врз политичарите да најдат решение и да го прекинат затворањето на владата.
Министерот за транспорт Шон Дафи беше во Кливленд во понеделник на состанок со контролорите, додека синдикатот на Националното здружение на контролори на летање планира да одржи митинзи на бројни аеродроми во вторник за да предупреди за првата пропуштена плата.
фото: принтскрин

