Македонија
Шефовите на полициите од Југоисточна Европа во Скопје разговараа за организираниот криминал
На 10 и 11 декември во Скопје во Клубот на пратеници се одржа второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полициски служби на Југоисточна Европа – СЕПКА во рамки на претседавањето на Република Македонија со оваа асоцијација. На средбата учествуваа директори и заменик-директори на полициските служби од сите земји членки на СЕПКА, како и повеќе меѓународни и регионални организации кои се партнери на Асоцијацијата.
„Ова е втор настан на високо ниво организиран во рамки на претседавањето на Бирото за јавна безбедност на Република Македонија со оваа асоцијација. Како домаќин на оваа средба би сакал да ја искористам оваа можност да изразам искрено задоволство од вашето присуство и пред сé, задоволство од посветеноста во однос на одржувањето на постоењето и функционирањето на оваа асоцијација, но и да се заблагодарам на партнерите од австриското Министерство за внатрешни работи и на Мисијата на ОБСЕ во Скопје со чијашто поддршка ја спроведуваме оваа конференција. Сите сме повеќе од свесни дека организираниот криминал не познава граници, истиот е во постојано движење, а обезбедувањето сигурна и безбедна средина за живеење за нашите граѓани може да се реализира единствено преку постојано зајакнување на заедничката оперативна соработка и побрза и поефикасна размена на информации на билатерално и мултилатерално ниво. Сузбивањето на најголемото зло – тероризмот и транснационалниот криминал, кои претствуваат глобален предизвик во целиот свет, бара сериозен пристап, меѓуинституционална соработка и соработка помеѓу полициите не само од земјите од регионот туку и пошироко. Во рамки на постапувањата на Бирото за јавна безбедност и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, во целина – меѓународната полициска соработка е од исклучителна важност при идентификување, профилирање и сузбивање на криминални групи и мрежи кои дејствувааат на меѓународно ниво. Добрите пракси од меѓусебна полициска соработка на полициски службеници од региониот од изминатите години продолжува и понатаму, а резултатите се потврдуваат со самите реализации”, рече директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, во своето поздравно обраќање пред присутните шефови на полиции од регионот.
Тасевски потенцира дека меѓународната полициска соработка која е веќе воспоставена и која успешно се применува, би требало да продолжи и во иднина заради остварување на заедничката цел – ефикасна борба во сузбивање на организираните криминални групи и тероризмот. Директорот Тасевски даде поддршка за спроведување на натамошни активности во рамки на Асоцијацијата во кои Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и натаму останува координатор во нивното спроведување. Ова беше второ и последно Генерално собрание на СЕПКА одржано во рамки на претседавањето на Република Македонија со асоцијацијата во 2018 година. Следен претседавач е Молдова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

