Македонија
Димитров: За пет години ќе се прашуваме зошто спорот со Грција не бил решен уште во деведесеттите

На последниот ден од работната посета на Париз министерот за надворешни работи, Никола Димитров, имаше обраќање во Фондацијата „Роберт Шуман“ на тема „Европската перспектива на Македонија по договорот со Грција” по што следеше дискусија со поканетите гости, претставници од дипломатскиот кор, политичката и медиумската сфера на Франција.
Димитров се осврна на планот за решавањето на отвореното прашање со Грција, на деликатноста на процесот, изразувајќи оптимизам дека истиот успешно ќе се финализира.
„И покрај многуте предизвици и противења, уверен сум дека по пет години ќе се прашуваме зошто ова не било направено уште на почетокот на деведесеттите. Исто сум уверен дека токму Балканот овој пат ќе покаже дека чудата се можни“, рече Димитров.
Во однос на процесот на проширување, министерот посочи дека е од исклучителна важност ценење на постигнатото низ меритократски принципи, и следната година и формално да се отвори патот на Македонија.
„Крајно време е регионот да почне да се натпреварува на планот на реформи, наместо на планот на историја. И за самата ЕУ, европеизацијата на Балканот е позитивна работа. Потребна е само визија и храброст за донесување големи одлуки со долгорочни придобивки“, додаде Димитров.
Во Националното собрание на Француската Република, министерот Никола Димитров оствари средби со претседателката на Комисијата за надворешни работи, Мариел де Сарнез, и со пратениците Бернар Сор, Лилиана Танги, Фредерик Ле Пети, Седрик Вилани и Жан-Франсуа Елиау. На средбите стана збор за европската перспектива на Република Македонија и за спроведувањето на неопходните реформски приоритети со цел почеток на пристапни преговори со Европската Унија, како и за значењето на поддршката на Франција во тој поглед. Притоа беше заклучено дека европеизацијата на Балканот и консолидацијата на ЕУ се комплементарни процеси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.