Македонија
МТСП: Обезбедено сместување за 85 бездомни лица, активирани дежурни тимови на пунктовите за бездомници
Министерството за труд и социјална политика повторно почна активности за заштита и сместување на бездомните лица кои се наоѓаат во импровизирани живеалишта под Кале, а од кои голем број се деца, соопштија од Министерството.
„Во зимскиот период надворешната температура е ниска и има опасност по животот и здравјето на овие лица. За обезбедување засолниште покрај капацитетот на Центарот за лица бездомници Скопје, се користат и постоечките капацитети на установите за социјална заштита кои во моментов се неискористени.
Во рамки на овие активности, во текот на месец ноември направено е мапирање на локацијата наречена под Кале каде се групирани најголем дел вакви семејства и истите се сместени во објекти на установа за социјална заштита. Во моментов таму се згрижени 85 лица, од кои 49 се деца“, стои во соопштението на Министерството за труд и социјална политика.
Вакви активности, велат оттаму, биле преземени и во текот на зимата 2017/2018 година, кога околу 120 лица биле сместени во објекти на установа за социјална заштита, со тоа што истите беа вклучени во пилот-програма за поддржано живеење.
„Целта на оваа програма, која нуди голем дел активности, е да го олесни процесот на социјална инклузија. Вкупно 15 семејства кои учествуваа во пилот-програмата се преселија во времен престој во населбата во Визбегово.
Дополнително центрите за социјална работа и Црвениот крст имаат дежурни тимови во текот на зимскиот период, кои ги згрижуваат бездомниците во пунктот во „Момин поток“ во Скопје или во некој од регионалните пунктови за сместување на бездомни лица, коишто беа отворени во Струга, Битола и Струмица. Во рамки на досегашните активности згрижени се 9 лица, од кои 8 деца во Струмица, а во Скопје има една дојава, но лицето одбива сместување“, велат од Министерството во своето соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

