Македонија
Мицкоски: Заев како опозиционер се перчеше, а сега не сака да излезе на дебата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера вечер оствари средба со голем број на членови и симпатизери на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Виница.
На средбата Мицкоски истакна дека во Република Македонија владее црнило и темнина, односно како што рече тој владата на СДСМ и Зоран Заев на граѓаните наместо живот за сите кои што им го ветуваше им донела чемер и јад, омраза, гнев, уцени и закани.Мицкоски посебен акцент стави и на македонската економија, потенцирајќи дека владата на СДСМ води расипничка економска политика, додавајќи дека и самите граѓани го гледаат тоа.
,,Имаме црнила за земјоделците. Имаме црнила во економијата, во здравството. Имаме црнила во образованието. Луѓето се селат, Македонија се празни. Национално се опустошува. Парче по парче се разграба. Веќе имаме политичари кои се докажаа дека не се кадарни да ја водат државата, а се докажаа дека не се кадарни да ја водат државата затоа што не знаат како да ги организираат самите институции во рамките на Владата”, вели Мицкоски.
Тој пред присутните објасни зошто Зоран Заев бега д ТВ дуел и јавно соочување со него пред граѓаните на Македонија. Според него, граѓаните имаат право да ја слушнат вистината за неспособноста и негрижата од страна на Зоран Заев и СДСМ за граѓаните.
,,Како опозиционер се перчи гордо излегува и кажува луѓе дајте да имаме дуел, дебата меѓу опозицијата и премиерот, а еве сега кога им бараме дебата да излезат заедно, рамо до рамо со овие кои што им се приклучија да ги избрифираат да им кажат за нашите вмровски работи, па и за тоа да збориме. Да збориме и за сите овие промашувања и шарени лаги во програмата „Живот“, еве гледаме сега не сакал да излезе, вели нека го каже Христијан Мицкоски неговиот став за договорот и за НАТО и за ЕУ. А досега едно сто пати сме го кажале нашиот став за договорот, сме го повториле и не знам што треба уште повеќе да кажеме дека строго ќе бидеме, сме биле и ќе останеме против Преспанскиот договор. Повеќе од тоа, појасно и погласно не знам што треба да направиме.
Но, стравот е голем затоа што знаат дека ја губат поддршката од народот, знаат дека се што ветија излажаа, народот тоа го препознава. Играа на картата на кратко помнење, но тоа ќе им се удри од глава веќе на следните претседателски избори”, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АВМУ ќе врши мониторинг на медиумското известување во предизборниот период

По распишување на Локалните избори, закажани за 19 октомври 2025 година, започнува мониторингот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз радиодифузерите за начинот на известување во периодот пред започнување на изборната кампања и за почитувањето на одредбите од Изборниот законик што се применуваат со распишување на изборите.
До почетокот на изборната кампања, АВМУ ќе врши секојдневен мониторинг на девет телевизиски програмски сервиси на државно ниво, со најголем просечен дневен досег до публиката, додека сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставки.
„При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите треба да ги почитуваат професионалните начела, посебно начелото за објективно, непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, така што ќе ѝ овозможат на публиката слободно да оформи свое мислење за одделни настани и прашања, како и да ги почитуваат посебните забрани за поттикнување омраза и нетрпеливост. Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за други правни лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“, соопшти АВМУ.
Јавниот радиодифузен сервис и телевизиите на државно ниво треба да обезбедат информирање за изборниот процес и за лицата со сетилна попреченост, а за содржините што ќе ги направат пристапни во текот на изборната кампања треба навреме да ја информираат Агенцијата.
Од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања не е дозволено да се емитуваат реклами финансирани од Буџетот на државата, ниту платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи за поддршка на кандидатури на група избирачи. Исто така, не е дозволено уредници, новинари, водители на програма и презентери истовремено да бидат ангажирани во програмите на радиодифузерите и во предизборни активности на учесниците во изборна кампања. При објавување на резултати од испитувања на јавното мислење треба да се објават и сите неопходни податоци за конкретното истражување утврдени во Изборниот законик.
Радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) треба да извршат регистрација во Државната изборна комисија најдоцна до 12 август, а ценовниците да ги достават до ДИК, ДЗР, ДКСК и АВМУ, најдоцна до 14 август 2025 година.
Како и досега, Агенцијата, на својата веб страница постави банер со материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образец за претставки и сл. Банерот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик, и континуирано ќе се ажурира во текот на изборниот процес.
Македонија
На Табановце се чека по 40-тина минути за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е околу 40 минути, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро

Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро. Во тек е акција за негово пронаоѓање.
Според информациите на полицијата, денеска во 13.15 часот, во СВР Охрид и езерската полиција е пријавено дека И.Т.(52) од Република Бугарија, исчезнал при нуркање на длабочина од 89 метри во водите на Охридското Езеро, над селото Трпејца.
Од полицијата велат дека во акцијата за негово пронаоѓање се вклучени тимови од езерската полиција и Црвен крст со нуркачи од нуркачкиот клуб „Амфора“.