Македонија
Почнува забавата во новогодишната населба „Винтерленд“
Од денеска до 31 декември, Градот Скопје за граѓаните во главниот град подготви најразлични доживувања и незаборавна забава за новогодишните празници во населбата „ВИНТЕРЛЕНД“ на плоштадот „Македонија“.

Новогодишната населба „Винтерленд“ ја сочинуваат украсени куќички каде што има катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер за посетителите од сите возраста. Ќе има и топ за вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика, а за вљубениците во зимските спортови во населбата е поставено и лизгалиште на мраз.

Активностите во „Винтерленд“ ќе почнат денеска,15 декември, во 12 часот со детската програма „Волкот низ приказните“, улични забавувачи и дружење со Walt Disney маскоти.

Програмскиот дел во текот на неделата почнува од 17 или од 18 часот, а во текот на викендите од 11 или од 12 часот, а трае до 22 часот, а во некој денови и до полноќ.

Во културно-забавната програма ќе учествуваат: Театарот за деца и младинци, Златно славејче, улични забавувачи, Walt Disney маскоти, балетската и фолклорна секција од ДКЦ, хоровите од средните училишта на Град Скопје „Никола Карев“, „Раде Јовчевски-Корчагин“,„Васил Антевски-Дрен“,„Панче Арсовски“, СУГС „Д-р Панче Караѓозов“, СУГС „Јосип Броз-Тито“ и „Орце Николов“, како и ди-џеј Flooder, ди-џеј Милан Серафимов, Plan G, RNC Band, In the mood, Day OFF, Марко и Црни,DNK, Мина Блажев, ди-џеј Тина, Goce SAF, Лозано, Lady Blue, Peppermint, South Park, Салса бенд, Breakdown, Kepurdhat, Ѓоко Танески, Дарио, Џоле Максимовски, Tafa&Theband и Тони Зен.
Новогодишната програма и „Винтерленд“ се поддржани од Делегацијата на Европската Унија која го обезбедува лизгалиштето што е поставено на плоштадот Македонија како дел од новогодишната населба. Исто така, настапите на средните училишта од Град Скопје, како дел од забавната програма, се поддржани од Делегацијата на Европската Унија.
Годинава Дедомразовската трка ќе се одржи на 23 декември со почеток од 12 часот. Градот Скопје ги поканува граѓаните да дојдат во населбата „Винтерленд“ и сите масовно да учествуваат во предновогодишната забава на која одличен додаток ќе бидат греаното вино, пивото, топлите пијалаци и топлата храна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

