Македонија
Родители и експерти разговараа за позитивно родителство на настан во Скопје
Во Скопје се одржа петиот настан „Разговори за родителството“ на кој присуствуваа над 300 луѓе. Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), целта на овие настани е да се разбуди свеста за развивање и надградување на родителските вештини и се дел од кампањата „И родителството се учи“ на УНИЦЕФ, ЕУ и Министерството за труд и социјална политика.
„Секое искуство на детето влијае на начинот на кој тоа размислува, се чуствува, однесува и учи понатаму во животот. Она што го зборуваме дома, начинот на кој воспитуваме нашите деца се одразува на нивното однесување надвор од домот и директно влијае на создавањето на позитивно општество. Секој од нас треба да е свесен дека иако љубовта ни доаѓа придодно, родителството навистина се учи. Да се трудиме да бидеме подобри родители, за нашите деца и за посветла иднина“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Во над 15 градинки низ Македонија се воспоставуваат советувалишта за родители, чија цел е да работат токму на развој на успешното родителство.
МТСП работи на зголемување на бројот на овие советувалишта, но и на зголемување на капацитетите на градинките и на јакнење на компетенциите на кадарот со што го зголемува опфатот на деца во предучилишно образование.
„Кампањата започна со разговори низ целата земја за научните факти во врска со развојот на човечкиот мозок, емотивното приврзување, развојот на карактерот, различните родителски стилови и влијанието на негативните искуства од детството и стресот врз развојот на децата. Кампањата ја нагласи потребата од програми и советувалишта за поддршка на родителите. Кога општеството им помага на родителите да подигаат деца кои имаат здрава приврзаност, кои се стумулирани, кои веруваат во себе, упорни се, имаат емпатија, знаат како да се справат со разочарување и можат да учат и да откриваат нови работи – тогаш создаваме животен циклус на лично човечко поврзување и развој и посилно, просперитетно и безбедно општество,” рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
Претходно настани „Разговори за родителство“ се одржаа во Куманово, Гостивар, Струмица и Битола. Од МТСП појаснуваат дека присутните имале можност да научат повеќе за развојот на детскиот мозок, емотивното приврзување, градењето на карактерот, родителските стилови и ефектите од негативните искуства врз детскиот развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Сопиште
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во период од 08.30 до 15.00 часот корисниците, од Ул.Чаирска (општина Чаир)
· во период од 09.00 до 12.00 часот корисниците,од Горно Соње Ул.7 и Ул.9 (општина Сопиште)
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на патниот правец Куманово – Крива Паланка, до 100 метри на патните правци Делчево – Македонска Каменица и Катланово – Велес и од 100 – 150 метри на патните правци Градско – Неготино и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе добие нов лик
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера вечер, преку социјалните мрежи порача дека кејот на Вардар ќе добие нов лик.
Тој заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, изврши обиколка на кејот на реката Вардар.
„Од утре официјално започнуваме со реконструкција на спортските терени, со што овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации.
Кејот ќе добие нови и целосно реконструирани терени за фудбал, одбојка и баскет, нова урбана опрема, како и модерни фитнес зони на отворено, достапни за секој граѓанин.
Со проектот се опфатени и спортските терени во Маџир Маало, кои исто така ќе бидат унапредени и ставени во функција на заедницата“, напиша Ѓорѓиевски.

