Македонија
(Видео) Сведоштво од несреќата кај Лесковац: Кога се разбудив слушнав вриштење, околу мене имаше луѓе со крвави глави

,,Кога се разбудив слушнав вриштење. Видов луѓе со крвави глави и раце и слушнав некој кажа дека има и загинати”, сведочи за белградските медиуми момче од Битола, кое патувало со автобусот кој ноќеска околу 1.45 часот се преврте кај Лесковац во Србија. Автобусот се излизгал од патот, ја пробил заштитната ограда и се превртел во снегот покрај патот. Притоа загинаа тројца македонски државјани, маж и две жени, четворица се повредени потешко, а 28 имаат полесни повреди. Меѓу повредените има и едно и пол годишно бебе, како и деветгодишно дете.
Потешко повредените патници се префрлени во болницата во Ниш и никој од нив не е во животна опасност.
,,Не знам кој повика полиција и итна помош, но брзо по несреќата пристигнаа лекарите кои влегоа во автобусот. Веднаш ни пружија помош. Потоа стигнаа и пожарникарите, кои што не извлекоа од автобусот”, раскажува момчето кое што има повреда на раката.
Никој од патниците не знае како се случила несреќата, бидејќи во тој момент речиси сите спиеле. Повеќето од патниците се млади луѓе кои тргнале по работа во Виена.
Шеесет и осумгодишен маж од крушевското село Бучин со иницијали В.Ш. и 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К. се двете идентификувани жртви од македонскиот автобус кој синоќа се преврте кај Лесковац.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради Велигден, утре посебен сообраќаен режим во Скопје

По повод верскиот празник „Воскресение Христово-Велигден” утре (19.04.2025), Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај на одредени сообраќајници во централното градско подрачје на град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Имено, утре во периодот од 18.00 часот па до завршувањето на настанот по повод верскиот и државен празник „Воскресение Христово-Велигден”, во центарот на град Скопје по потреба, за сообраќај ќе бидат затворени:
– бул.„Партизански Одреди” од крстосница со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосница со бул.„ВМРО”,
– бул.„Св.Климент Охридски” од крстосница со бул.„Илинден” до крстосница со ул.„Димитрие Чуповски”,
– ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосница со ул.„9-ти Мај” до кружна крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.
На автобусите кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите кои што минуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосница со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Историја без Албанци-Новата програма за седмо одделение ги исклучува од учебниците, реагираат од ДУИ

Новата програма на Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука за предметот „Историја и општество“ за седмо одделение претставува сериозен чекор назад и длабока навреда за Албанците во оваа земја, оценува ДУИ.
Овој документ, кој служи како основа за подготовка на учебниците, според партијата на Ахмети, целосно ги игнорира Албанците, нивната култура, историја и придонес во заедничката држава.
Додаваат дека во претходната програма, подготвена од претходната влада, јасно билоо наведено дека учениците треба да ја учат историјата на својот народ и на другите народи што живеат во државата.
„Се поттикнуваше свесноста за идентитетот, соживотот и меѓукултурната почит.
Во новата програма, сите овие содржини се избришани без никакво објаснување. Нема ниту еден збор за Албанците, ниту за нивната улога во историјата, културата или општеството.
Ова не е техничка измена – ова е политичка порака. Намерна одлука историјата да се прикаже како дело на еден народ, државата како едноетничка, а Албанците како да не постојат.
Ваквиот пристап не само што ги исклучува учениците Албанци од учебниците, туку создава чувство на отфрленост и неправда кај цели генерации“, велат од ДУИ.
Оценуваат дека историја и општество не можат да се изучуваат без еден од најважните народи што го сочинуваат оваа држава.
Според нив, програмата не само што ја ускратува можноста учениците Албанци да се препознаат себеси, туку директно ја поткопува идејата за соживот, еднаквост и взаемна почит.
Ги повикуваат надлежните институции да ја повлечат оваа како што ја нарекуваат еднострана и исклучувачка програма и да се вратат на пристап што ќе го одразува вистинскиот историски и општествен мозаик на Република Северна Македонија.
„Албанците не се невидливи – не во минатото, не во сегашноста, и не смеат да бидат исклучени од ниту една страница на нашата заедничка историја“, нагласуваат од ДУИ.
Македонија
(Видео) Автомобил влече врзан коњ низ Скопје: полицијата го идентификуваше возачот

МВР го идентификуваше возачот на автомобилот кој влечеше врзан коњ во Скопје по вчерашното видео на кое реагираа граѓаните.
Во врска со видеото кое вчера (17.04.2025) беше споделено на дел од социјалните медиуми на кое се гледа како лице кое управува патничко возило „голф“ со скопски регистарски ознаки има врзано коњ за куката од возилото и така се движи низ градското подрачје, од страна на полициски службеници од СВР Скопје беа преземени мерки и активности со цел утврдување и документирање на сторител на кривично дело „мачење на животни“ предвидено и казниво по член 233 од Кривичниот законик.
Информираат дека по сите преземени мерки и дејствија, СВР Скопје го утврдил возачот на возилото, при што со него бил извршен службен разговор и известен е јавен обвинител, по чии насоки ќе биде изготвено известување до ОЈО Скопје со целокупниот документиран материјал, со цел понатамошно постапување.