Економија
Концесионерот на средба со локалното население за рудникот Иловица
Одговорното рударство е цврста и безбедна основа за остварување економски раст, аргументираа професорите Благој Голомеов од Факултетот за природни и технички студии при универзитетот ,,Гоце Делчев”, Штип, и Љупчо Петковски од Градежниот факултет при универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, Скопје, на вчерашната средба со населението од општините Босилово, Ново Село и Струмица во организација на Еуромакс Ресоурцес, концесионер на проектот за рудник за бакар Иловица – Штука.
Еуромакс Ресоруцес, и овој месец организира јавни дебати за жителите од општините за да ги запознае со сите мерки за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето предвидени во проектот за рудникот Иловица-Штука, како и со економскиот развој што ќе го донесе проектот. Преку повеќе примери на рудници кои работат во светот беше илустрирана успешната коегзистенција на рударството со земјоделството.
„На средбата беа присутни речиси 500 жители од општините, што е двојно поголем интерес во однос на претходната средба, вклучувајќи и претставници од невладиниот сектор. Жителите сакаа да дознаат што е можно повеќе за проектот, а активистите имаа можност да дебатираат со професорите околу мерките за заштита на здравјето на населението, на животната средина и се разбира, одржување на земјоделството во регионот. Ова се работи на кои ние сме силно фокусирани уште од почетокот на проектирањето. Со вакви средби сакаме да објасниме дека и самиот концепт на модерен рудник значи одговорен рудник во кој се превземени мерки за заштита на животната средина и заедницата. Населението многу е заинтересирано и за можностите за вработување, насочено школување на младите за рударство, кога рудникот ќе почне да работи, како и кои се можностите за обука и едукација за високо квалификувани позиции. Едноставно, како рудникот ќе влијае на нивното секојдневие“, вели Варшан Гокул, извршен директор на Еуромакс Ресоурцес.
Проектот за најголемата гринфилд инвестиција во Македонија од осамостојувањето, според професорот Голомеов предвидува обработка на рудата со наједноставен физички процес, флотација, безбеден за животната средина. Тој потенцираше дека цијанид и сулфурна киселина нема да се користат. Според професорот и земјоделството и рударството се гранки од стратегиска важност за економскиот развој на Македонија и нема реална причина да не коегзистираат заедно доколку се базираат на наука и на принципи на одговорно рударство.
„Со само 0,2 отсто реален раст на БДП во Македонија во 2017, овие две гранки на економијата се значајни и ниту една не смее да биде отфрлена. Земјоделството ангажира околу 120.000 лица со просечна нето месечна заработка од 290 евра. Рударството вработува околу 6.500 луѓе со просечна нето месечна плата од 486 евра или 68% повеќе од земјоделството. За директниот ефект по вработен во БДП, земјоделството придонесува со околу 6.600 евра годишно по земјоделец а рударството околу 23.100 евра по човек. Во однос на индиректните економски ефекти, номиналните вредности се многу блиски, односно земјоделството создава 633 милиони евра дополнително, а рударството 609 милиони. Сепак, како коефициент, рударството има далеку повисок импакт врз економијата бидејќи секое 1 евро активност генерира вкупно 5 евра, во споредба со само 1.8 евра во земјоделството. Ако 10.000 луѓе имаат шанса да се префрлат од земјоделство во гранка со повисока додадена вредност како рударството, тогаш нивниот животен стандард, односно месечните примања ќе се зголемат за 68 отсто, би се зголемил и БДП за 166 милиони евра или за 1,7 проценти“, рече професорот Голомеов.
Професорот Петковски ги објасни карактеристиките на камено насипната брана, и примената на гео-текстилната мембрана што ќе се користи во хидројаловиштето како и стабилноста на насипот.
„Браната е камено насипна. Според конструкцијата е една од најстабилните затоа што јаловината се држи надвор од телото на браната и нема контакт со материјалот во потпорното тело. Кога ќе се исполнува таложното езеро, тогаш тоа ќе дејствува како товар што ја стабилизира браната. Ако бараниот коефициент на браните е 1,5, додека кај “Иловица-Штука” е до 5. Таа ќе биде постабилна од водните брани. Јаловишниот материјал со време ќе се зацврстува, а со тоа ќе се зголемува и стабилноста. Во однос на геосинтетичката мембрана, која е вештачки материјал, направени се анализи околу нејзината издржливост и кај камено насипните материјали кога мембраната е покриена и нема допир со ултравиолетовото зрачење, се покажало дека трајноста е над 900 години. Дотогаш хидројаловиштето ќе биде рекултивирано. Од секој аспект, ова е сигурен објект“, потенцираше професорот Петковски.
Проект Иловица – Штука е изработен од домашни, меѓународни експерти и професори и е во целосна согласност со македонските закони, најдобрите практики, како светските и ЕУ стандарди за областа. Од Еуромакс објаснија и дека ќе нема загадување на животната средина и ниту влијанија врз земјоделството, ќе се контролираат сите параметри како прашината патиштата, квалитетот на водата, воздухот, почва, бучава итн.
Иловица – Штука ќе биде модерен рудник на можности со вкупната инвестиција од околу 340 милиони евра. Притоа, инвеститорот во наредните 20 години локално ќе троши околу 74 милиони евра годишно, додека за даноци годишно ќе се двојат по 24 милиони евра. Од нив 3 милиони евра ќе се влеваат во локалните општини по основ на концесиски надомест. Со тоа, годишниот буџет на општините, расположлив за инвестиции во инфраструктурата и во развој на општината, ќе се зголеми за 40% во однос на постојниот. Инвеститорот најави дека ќе обезбеди 1.000 директни вработувања за време на изградбата, а потоа 500 директни вработувања за време на работење на рудникот со приоритет за локалното население. Преку сорботката со локалните бизниси, рудникот ќе овозможи и околу 2.700 индиректни вработувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Фон дер Лајен: ЕУ треба да ги поедностави регулативите
Европската унија мора да ги поедностави пазарите на капитал и регулативите за да ја намали фрагментацијата и да ја зајакне конкурентноста на блокот, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„На нашите компании им е потребен капитал сега“, нагласи таа. „Мораме, на еден или друг начин, да ги срушиме бариерите што нè спречуваат да станеме вистински глобален гигант“, пишува DW.
Фон дер Лајен го опиша сегашниот систем на ЕУ како „фрагментација на стероиди“ и повика на „еден голем, длабок и ликвиден пазар на капитал“.
„Да го земеме повторно примерот на САД: еден финансиски систем, еден финансиски центар и неколку други финансиски центри“, рече таа, додавајќи дека Европската Унија има не само 27 различни финансиски системи, туку и повеќе од 300 места за тргување.
ЕУ идентификуваше клучно прашање што би можело да ја зајакне конкурентноста на блокот. За разлика од САД, европските компании имаат тешкотии во пристапот до капиталот што им е потребен за проширување и раст. Европската комисија предложи поедноставување на националните правила за создавање унија за штедење и инвестиции. Но, хармонизирањето на финансиските правила во Европа се покажа како тешко во минатото.
Фон дер Лајен ги повика пратениците да дејствуваат брзо, велејќи дека ќе го поттикне законодавството дури и ако не сите земји-членки се подготвени да ги променат своите национални правила.
„Доколку не се постигне договор, ЕУ треба да размисли за засилена соработка меѓу земјите што сакаат да учествуваат“, рече таа.
Еден од најзначајните, но и контроверзни, предлози за зајакнување на европската економија е да им се даде предност на европските компании во „стратешките“ сектори во однос на странските конкуренти, план што го поддржува фон дер Лајен.
„Во стратешките сектори, европската предност е неопходен инструмент за зајакнување на производствената база на Европа“, рече таа, предупредувајќи против пристапот „една големина одговара на сите“. Во својот говор, таа додаде дека Европа треба да ја зголеми својата конкурентност преку „зголемување на производството“ на континентот и „проширување на својата мрежа на сигурни партнери“.
Таа, исто така, ја нагласи важноста на потпишувањето трговски договори. По неодамнешните договори со јужноамериканскиот блок Меркосур и Индија, таа рече дека нови се на пат, со Австралија, Тајланд, Филипините и Обединетите Арапски Емирати.
Фон дер Лајен го објави ова пред да им се придружи на лидерите на ЕУ, вклучувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на собирот на индустриски менаџери во Антверпен. Настанот се случува пред самитот на лидерите на ЕУ во четврток, на кој ќе се разговара за зајакнување на економијата на Унијата.
фото/Depositphotos
Економија
„Новата мачка во градот“ – Ексклузивна февруарска понуда за новата Ford Puma Hybrid
Овој февруари, во духот на „месецот на мачките“, Гранд Ауто ја претставува специјалната продажна кампања „Новата мачка во градот“, посветена на новата Ford Puma Hybrid – модел кој комбинира впечатлив дизајн, динамични перформанси и напредна хибридна технологија. Кампањата носи ексклузивни попусти достапни само во текот на февруари, за верзиите со мануелен и автоматски менувач.
Во ограничен временски период, купувачите имаат можност да го добијат овој атрактивен компактен SUV по специјални цени:
Ford Puma Hybrid – мануелен менувач: од 21.500 €
Ford Puma Hybrid – автоматски менувач: од 23.500 €
Понудата важи само до крајот на февруари 2026 година и се однесува на возила од залиха.
Со својата агилност, карактер и урбана енергија, Ford Puma совршено го оправдува слоганот „Новата мачка во градот“ – автомобил создаден за возачи кои сакаат стил, технологија и возбудливо возачко искуство во едно.
Повеќе информации за кампањата и достапните модели: https://ford.mk/puma-hybrid-nova-macka
(ПР)
Економија
Народна банка: Просечната стапка на инфлација за 2025 година изнесува 4,1%
Денеска се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Во согласност со тековните економски движења и оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на постојното ниво. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 4%. Воедно, на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 11 февруари, понудата ќе изнесува 54 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа.
„Задржувањето на внимателниот пристап при водењето на монетарната политика произлегува од потребата за стабилизирање на инфлацијата близу до долгорочниот просек, од динамичната кредитна активност, домашните политики коишто влијаат врз побарувачката, како и од присутните надворешни ризици поврзани со тековната неизвесност во светските трговски политики и геополитички тензии. Се очекува дека досегашните измени кај задолжителната резерва, кај макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика. Комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици“, соопштија од Народната банка.
Просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1%, под влијание на промените на цените кај базичната и кај прехранбената компонента.
Од Народната банка соопштија дека остварувањата кај инфлацијата се близу до октомвриската проекција, но таа и понатаму е над историскиот просек, поради што нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму е во фокусот на монетарната политика.
„Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во нагорна насока. Ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани со променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка“, се наведува во соопштението.
На крајот на јануари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.600,5 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар во јануари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекувањата за првиот квартал. Податоците за надворешнотрговската размена во четвртиот квартал од 2025 година упатуваат на трговски дефицит којшто е малку повисок од очекувањата според октомвриската проекција.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП забрза и изнесува 3,8% на годишна основа, што е малку над оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2025 година засега упатуваат на понатамошен раст на економската активност, којшто благо би забрзал според последните проекции. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти се едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.
Во однос на движењата во монетарниот сектор, првичните податоци за депозитите и кредитите на банките за јануари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките, но и на динамична кредитна активност, чиишто годишни стапки на раст засега се над очекувањата за првиот квартал од годината.
Општо земено, со одлуката донесена од Народната банка и натаму се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, којшто е усогласен со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка е подготвена да ги користи сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.

