Црна хроника
За еден ден во Скопје се случиле седум сообраќајни несреќи, едно лице потешко повредено

Во текот на изминатиот ден на подрачјето на Скопје се случиле седум сообраќајни незгоди, од кои една со тешки телесни повреди, две сообраќaјни незгоди со телесни повреди и четири со материјална штета, соопштија од полицијата.
Од МВР додаваат дека во сообраќајните незгоди едно лице добило тешки телесни повреди и две лица телесни повреди, а од преземените мерки и активности во текот на денот констатирано е дека 31 возач управувале возило со брзина поголема од дозволената.
„Од сообраќај се исклучени 16 возачи, од кои: двајца затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 13 возачи управувале возила, без да стекнат право за управување моторно возило, и еден возач затоа што бил возач почетник. Исто така, исклучени од сообраќај се и седум возила бидејќи биле нерегистрирани“, стои во соопштението на полицијата.
Во текот на денот санкционирани биле седум возачи поради поминување крстосница на црвено светло, тројца возачи поради недавање првенство на минување пешаци, тројца поради неправилно престројување, шест возачи поради неправилно престигнување, седум поради неносење пропишана зимска опрема, еден возач поради неносење сигурносен појас и пет возачи поради користење мобилен телефон при управување со возило.
Во текот на изминатите денови, додаваат од полицијата, издадени биле и 68 мандатни платни налози, а 67 возила се подигнати со специјалното возило „пајак“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Уште една измама со лажна сообраќајна несреќа, 77-годишна скопјанка измамена за 180.000 денари

Вчера во 17:45 часот во полиција, 77-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 180.000 денари.
Според пријавеното, телефонски и се јавило едно лице, кое се претставило како полициски службеник и и рекло дека наводно нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете кое починало и доколку не сака таа кривично да одговара, ќе треба да даде пари.
Како што е пријавено, таа ги оставила парите на договореното место, а откако се вратила во домот, телефонски стапила во контакт со нејзината ќерка и сфатила дека била измамена.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Приведен маж од Македонска Каменица поради семејно насилство

Полицијата синоќа го привела 51-годишниот Г.А. од Македонска Каменица.
Приводувањето следело по претходна пријава дека истиот ден, околу 18:30 часот, во семејниот дом физички ја нападнал неговата 49-годишна сопруга, соопшти МВР.
Информираат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Пронајден починат маж во дворот на куќа во Драчево

Во полицијата, вчера било пријавено дека во двор од семејна куќа на подрачјето на Драчево бил пронајден починат 68-годишниот Љ.Т. од Скопје.
Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по насоки на јавен обвинител телото било предадено на обдукција.
Од МВР информираат дека бил извршен увид.