Економија
НБРМ и МБА потпишаа меморандум за финансиска едукација и инклузија

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Македонската банкарска асоцијација (МБА) склучија меморандум за соработка во сферата на финансиската едукација на населението во земјата.
Во согласност со одредбите од меморандумот, во натамошниот период НБРМ и МБА заеднички ќе преземат низа активности што ќе бидат насочени кон подигнување на нивото на финансиска писменост, како и унапредување и развивање на финансиската инклузија на популацијата. Во рамките на соработката ќе се преземат и активности преку кои населението ќе добие повеќе информации и за банкарските услуги во земјава.
Како што беше истакнато и на свеченоста на која беше потпишан меморандумот од гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска, и претседателот на МБА, Коста Митровски, оваа соработка ќе биде насочена кон подигнување на свеста кај населението за потребата од финансиска едукација во современото динамично окружување заради подобрување на вештините и способноста за носење издржани финансиски одлуки во практиката.
Истовремено, заради подигнување на нивото на финансиска инклузија, се планираат заеднички активности што треба да обезбедат подобра информираност на населението и поголема достапност на банкарските услуги, што би овозможило подобро искористување на предностите што ги нудат банкарските услуги при истовремено зајакнување и на свесноста на населението за евентуалните ризици во доменот на користењето на банкарските услуги како многу важен аспект за клиентите на банките.
Покрај тоа, во рамките на соработката се предвидува и зајакната координација во доменот на следењето, едукацијата и евентуалната примена на финансиските иновации во рамките на банкарскиот сектор, кои отвораат многу предизвици истовремено и за регулаторите, и за банките и за клиентите.
На свеченоста МБА склучи меморандуми за соработка во сферата на финансиската едукација и со Министерството за образование и наука (МОН), претставено од министерот Арбер Адеми, и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија (КХВ), претставена од претседателката Нора Алити. Во рамките на соработката дефинирана со меморандумите, меѓу другото, МБА, НБРМ, МОН и КХВ, заеднички, првпат во нашата земја, ќе го организираат Европскиот квиз на парите, проект на Европската банкарска федерација, наменет за финансиска едукација на младите. Со тоа Република Македонија се вклучува во второто издание на овој квиз, чија основна цел е финансиска едукација на учениците на возраст од тринаесет до петнаесет години. Се очекува дека во квизот ќе учествуваат над четириесет илјади ученици од дваесет и пет европски земји.
Европскиот квиз на парите се одвива во две фази – првата се националните натпревари во секоја земја одделно, а втората е европското финале. Националниот натпревар во Република Македонија ќе се одржи на 27 март 2019 година во рамките на Европската недела на парите. Тим од најдобрите двајца ученици ќе ја претставува нашата земја на финалето што ќе се одржи на 7 мај 2019 година во Брисел, Белгија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.