Македонија
Димовски бара од пратениците да ги отфрлат измените на Законот за УЈП
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, инфромира дека во текот на денот до сите пратеници во Собранието ќе ги достави соопштението на Дирекцијата за заштита на личните податоци, иницијативата на Македонската банкарска асоцијација, членот 18 од Уставот на Република Македонија и членот 5 од Законот за заштита на личните податоци, со цел да ги имаат предвид при гласањето на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за банките и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи.
Како што посочи Димовски, при утврдување на дневниот ред на 71. седница на Собранието на 18 декември тој побара да бидат тргнати точките: Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за банките, по скратена постапка, и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, по скратена постапка, бидејќи, како што посочи, со овие законски измени се предвидува УЈП да има пристап до трансакциската сметка на секој граѓанин, со што се прекршува член 18 од Уставот на Република Македонија, кој гласи: „Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето информации за нив преку обработка на податоците“, посочи Димовски.
Доколку се прифатат законските измени, носителите на платниот промет, односно банките, ќе имаат обврска до крајот на февруари да ги достават сите податоци за прилив на средства на сметки на физички лица за 2018 година, вели Димовски.
„Податоците што ги бара УЈП се однесуваат на банката, физичкото лице примач (ЕМБГ, основ на прилив) и налогодавецот (назив и седиште, односно име и презиме и адреса доколку е физичко лице, износот на приливот, земја од кај што е налогодавецот и др.). Доколку овие законски измени стапат во сила, банките ќе бидат обврзани да ги доставуваат горенаведените податоци најдоцна до 15 во месецот за претходниот месец“, се наведува во соопштението на Димовски.
Тој посочи и дека очекува сите пратеници да застанат на страната на граѓаните и да ги отфрлат предложените измени и дополнување со цел да не ја нарушат сигурноста и тајноста на личните податоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

