Македонија
Дескоска: Одлуката на Судскиот совет за додатоците е незаконска
Одлуката за зголемување на додатоците за членовите на Судскиот совет е незаконска и скандалозна, вели министерката за правда, Рената Дескоска.
„Интересни се случувањата во судскиот буџетски совет. Законски основ за давање додатоци на плата има за судиите, но нема за членовите на Судскиот совет. Јавноста знае дека во ситуација кога сами си доделуваат додатоци што не им следуваат тоа не е само скандал туку е и противзаконско однесување. Одлуката од 30.11, која се однесува на додатоци за плата на судиите е во ред, дека за да се донесе одлука за додатоци на плата за ноември е во ред, но она што изненадува е дека вчера, без да се најави како точка на дневен ред и без јас да добијам покана како член на судскиот буџетски совет, била ставена точка со која е донесена одлука за ретроактивна исплата за септември и октомври, што, според мое мислење, е незаконски“, рече Дескоска.
Таа рече дека во јавноста се појавиле шпекулации дека мотивот за ваквата одлука е предизвикување револт и на некој начин предизвикување штрајк кај судската администрација која не добива додатоци на плата со цел да запрат судските процеси. Таа апелира до судската администрација да не потклекнува на вакви провокации.
„Друга шпекулација е прикривање на слични ситуации кога незаконски се давале додатоци и се исплаќале пари ретроактивно од минатата власт, па со ваквата одлука се ставаат во ист кош и претседателите на судовите кои треба да донесат слични одлуки за судиите ретроактивно, така што на некој начин да се легализира незаконското работење на минатата власт“, рече Дескоска.
Додаде дека за одлуката, која според неа е незаконска, мерки треба да преземат државните органи коишто ценат законитост за финансиско работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

