Македонија
Координативната група што ќе го развива концептот за едно општество ја одржа првата седница

Ад-хок координативна група за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот денеска ја одржа првата конститутивна седница, со која претседаваше министерката за правда, Рената Десковска.
Како што стои во соопштението на владината прес-служба, оваа ад-хок координативна група на барање на Владата или по потреба ќе предлага мерки и активности поврзани со прашања во врска со развојот на концептот за едно општество и интеркултурализам.
Ад-хок координативната група ќе ги разгледува препораките и извештаите на меѓународните тела и комисии како што се извештаите на Европската комисија, препораките од Советодавниот комитет на Рамковната Конвенција за заштита на националните малцинства, Европската комисија против расизмот и интолеранцијата (ЕКРИ), комесарот за човекови права при Советот на Европа, високиот комесар за националните малцинства при ОБСЕ, извештаите на ОБСЕ/ОДИХР, извештаите на телата и комесарите при ООН, како и извештаите, препораките, мислењата, претставките на цивилниот сектор од и надвор од Република Македонија.
„На денешната конститутивна седница на групата се разгледа информацијата за активностите во врска со подготовката на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, се избра работна група за подготовка на методологија за работата на ад-хок координативната група и се избра работна група за изготвување предлог-програма и акционен план за работа на ад-хок кординативната група за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот“, велат од Владата.
Со одлука на Владата во ад-хок координативното тело за развој на коцептот за едно општетсво и интеркултурализам, покрај Дескоска како претседателка, за членови се назначени и Асаф Адеми, министер за култура, кој ќе ја врши и должноста заменик-претседател на ад-хок групата, Аксел Ахмедоски, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Македонија, Петар Атанасов, заменик-министер за образование и наука, Илхан Рахман, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Дарјан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Јованa Тренчевска, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, Фатон Ахмети, државен секретар во Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковниот договор и Рубин Земон, посебен советник за развој на мултикултурното општество, интеркултурализмот и интер-културните комуникации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За една недела во Скопје ќе се слави шестата Парада на гордоста

Под мотото „Ќе (оп)стоиме заедно!“, на 21 јуни во Скопје ќе се одржи шестата Парада на гордоста, со фокус на заедништвото, отпорот и борбата за човекови права. Организаторите најавија дека годинашниот настан ќе биде протест, а не прослава, поради зголемениот говор на омраза, институционалното молчење и назадувањето на правата на ЛГБТИ+ заедницата.
Настанот ќе започне во 18 часот во Паркот „Жена борец“, а маршот ќе тргне во 19 часот од Собранието, со застанувања пред Министерството за образование и наука и Владата.
-Овој слоган не е случаен – тој го носи нашето искуство на преживување, но и нашата одлучност, не само да опстоиме, туку да опстоиме заедно. Во време на политички притисоци, говор на омраза, институционално молчење и глобална неправда, нашиот одговор е заедништво, солидарност и радикална грижа. Протестираме затоа што сакаме да живееме во општество во кое телата, љубовта и идентитетите нема да се сметаат за закана, изјави Лила Милиќ, активистка за правата на трансродовите лица.
Активистот Стефан Петровски истакна дека годинашната парада нема да има забавна програма.
-Одлучивме дека нема што да славиме. Нема простор за перформанси и одвлекување на вниманието од реалноста. Особено не во време кога владата инвестира во општествен пропаст, наместо во култура. Нашиот марш останува гласен и одлучен, затоа што парадата кај нас не е фестивал, туку протест, рече тој.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, предупреди дека маргинализираните заедници се сѐ повеќе исклучени.
-Имаме многу за што да протестираме оваа година. Светот, за жал, наместо да ги унапредува човековите права, ги уназадува – и сето тоа се рефлектира и на сите процеси што се случуваат во нашата земја, рече таа.
„Скопје Прајд“ се одржува од 2019 година и има за цел да ја промовира видливоста, правата и достоинството на ЛГБТИ+ заедницата, како и да поттикне поширока општествена поддршка и солидарност.
Македонија
Во МНР формиран кризен штаб достапен 24 часа за македонските државјани од Израел и Иран

Согласно влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите државјани на Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.
Воедно, како што стои во соопштението на Министерството, се апелира до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив – Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546 Е-пошта: [email protected].
Понатаму, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: [email protected].
Оттаму додаваат дека во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција.
-На крај, уште еднаш ги повикуваме нашите државјани кои се наоѓаат во погодените региони, доколку им е потребна конзуларна помош, без одложување да се обратат на наведените СОС контакти, стои во соопштението на МНРиНТ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ вели дека економијата се стабилизира од пустошот и хаосот кој го остави СДСМ

Економијата се стабилизира од пустошот и хаосот кој го остави СДСМ после 7 години катастрофално менаџирање, лоши економски политики и отсуство на мерки и проекти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„После 7 години откако СДС ја уништи економијата и го срози стандардот на граѓаните, од голем минус стопанството и трговијата во индустријата се стабилизираа. Индикаторите за првиот месец од вториот квартал се високи, што покажува дека состојбата е стабилизирана во рамките на нула. Имаме раст на трговијата во индустријата од 6%, раст на преработувачката индустрија од 6,6%. Раст на прометот со трговијата во индустријата на меѓународниот пазар, каде имаме многу повеќе раст од домашниот. Прометот во трговијата во индустријата надвор е околу 7,5 – 7,6 проценти. За краток период Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ исто така успеа да ги стабилизира буџетските приходи, и енормно да ја зголеми довербата на инвеститорите. Владата работи посветено со домаќински скроен буџет, се зголемија платите во клучни сектори како здравство, образование, полиција, се работи на конкретни мерки и проекти за намалување на невработеноста со цел подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.