Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Фондот за животна средина кој го ветува Макрадули беше укинат токму од СДСМ во 2005 година
Скопје се гуши. Загаденоста во Скопје бележи рекорди, а Владата и ресорниот заменик министер за животна средина, Јани Макрадули се кријат, иако пред изборите ветуваа и го лажеа народот, изјави Маја Славева од ВМРО-ДПМНЕ.
„Токму Макрадули и денес се уште го лаже народот со програми против загадувањето, но во реалноста не се случува ништо. Нема проекти, се кратат средства и ништо не се прави со аерозагадувањето кое од ден на ден е се поголемо“, изјави таа.
Славева додава дека парите се трошат ненаменски и без никаков ефект. Во последните три години, според Државниот завод за статистика, во Буџетот на Република Македонија се слеале околу половина милијарда евра од даноци поврзани со животната средина. Од тие средства Владата на СДСМ издвојува само 1,6 милиони евра за загадувањето на воздухот, а згора на тоа бара уште пари од донации, посочи таа.
„Јани Макрадули со целата своја неспособност уште ветува и формирање на Фонд за животна средина. За да биде апсурдот на неговите ветувања поголем, тој фонд којшто Макрадули го ветува постоеше во Република Македонија од 1995 година и беше прв таков фонд во регионот. Истиот тој фонд беше укинат од страна на СДСМ во 2005 година во време кога Макрадули беше пратеник.
Во Службен Весник од 5-ти јули 2005 година се објавени измените според кои во дел од финансирање на активностите во областа на животната средина, во Член 220, стои: „Со денот на влегување на сила на овој Закон, Фондот за заштита и унапредување на животната средина и природата основан со Законот за заштита и унапредување на животна средина и природата престанува со работа““, вели Славева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

