Македонија
Владата го промовира порталот за отворени податоци на институциите

Министерството за информатичко општество и администрација денеска го промовира новиот портал за отворени податоци. Во моментов се објавени 111 податочни сетови, од 42 институции.
„Преку порталот за отворени податоци сакаме да ја подобриме испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој исто така овозможува да се зголеми учеството на граѓаните при креирањето политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво. Отворањето на податоците директно и позитивно ќе помогне и во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси“, посочи министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Како што информираше тој, дел од податоците достапни на порталот се објавуваат за првпат, дел се и претходно објавени, но сега се достапни на едно место, систематизирани и во формат којшто е лесно разбирлив, но остава и простор за понатамошна анализа и дополнително користење.
Манчевски рече дека бројот на институции и бројот на податоци постојано ќе се зголемува.
„Во тој дел, сакам да потенцирам дека и секој од вас само со едноставна регистрација може да дава забелешки, коментари и, што е најважно, може да бара да се објават податоци кои до тогаш нема да се објавени. Оваа можност за интеракција овозможува сите да бидат дел од овој процес и заедно да го правиме овој портал алатка од која секој ќе може да има корист“, заклучи министерот Манчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Охридскиот договор е жив темел на правична и инклузивна држава

Владата е посветена на изградба на правен и институционален систем, кој гарантира реална, а не само формална еднаквост, изјави првиот вицепремиер, Изет Меџити. Тој посочи дека последиците од формалната еднаквост се чувствуваат во земјата наведувајќи го примерот со, како што рече, половичниот Закон за употреба на албанскиот јазик, оспорен пред Уставниот суд, како и укинатиот механизам на балансерот од страна на судот.
Меџити истакна дека Уставниот суд во мултиетничка држава има стратешка мисија да го штити не само уставниот поредок туку и мирот меѓу заедниците, како и да ја гради меѓуетничката доверба преку аргументирани и транспарентни одлуки.
Владата, додаде тој, ја зајакнува употребата на јазиците во согласност со Охридскиот договор и Уставот, спроведува инклузивни политики во образованието и културата, гради мултиетничка државна служба и поддржува реформи во правосудството за независно и непристрасно судство.
Меџити посочи дека во тек е изработка на законот за правична застапеност, а вработувањата и унапредувањата во администрацијата продолжуваат наведувајќи дека оваа година е најуспешната од осамостојувањето на Македонија.
Тој нагласи дека Владата подготвува и закони што ја продлабочуваат локалната демократија, ја зголемуваат отчетноста кон граѓаните и им даваат повеќе надлежности на општините.
„Духот што сакаме да го инсталираме во нашето општество е дух на соживот, меѓусебна почит и заедничка надеж за иднината. Нема вистинска демократија без доверба и нема функционална држава без еднаквост“, рече Меџити додавајќи дека Охридскиот договор треба да се реализира во секојдневни закони, политики и институции, кои му служат на граѓанинот со чесност.
Македонија
(Видео) СДСМ обвинува: Владата на ВМРО-ДПМНЕ фатена во голем скандал со назначувањето на директорката за „Еразмус+“

СДСМ обвинува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ е фатена во голем скандал со назначувањето на в.д. директорката на Националната агенција која располага со средствата од Еразмус+.
Претседателот на Комисијата за образование и наука на СДСМ, Јованче Манасков, истакна дека Ана Михајлов, првиот човек на агенцијата е под активна истрага на ОЛАФ, Европската канцеларија за борба против измами. Според СДСМ, ова ја урива довербата на младите во институциите.
СДСМ тврди дека назначувањето било направено „во координација“, но без согласност од Европската унија, која експлицитно го оценила огласот како нелегитимен и барала повторно објавување за нови кандидати.
Според свиркачите, причината за тоа е кандидатурата на Ана Михајлов, која од 2014 до 2017 година, заедно со Дорина Ѓорчева, доделила преку 8 милиони евра, што според СДСМ е предмет на истрага за можна проневера на европски средства.
Манасков исто така го спомена Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата и ментор на новата в.д. директорка, како и поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“.
СДСМ бара Владата веднаш да ја разреши Ана Михајлов и да обезбеди услови истрагата на ОЈО да продолжи, а Обвинителството да постапи по наодите на ОЛАФ и сите инволвирани во скандалот да одговараат.
Македонија
Скопјанец под истрага за илегално држење и продавање марихуана

Скопското Обвинителство донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Осомничениот 23-годишник, во автомобил „опел корса” неовластено држел 57 пакувања марихуана со вкупна нето маса од околу 72 грама, наменети за натамошна продажба.
Автомобилот бил во негова сопственост и одреден период оставен на паркинг на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов”. По претходна пријава возилото било обезбедувано под надзор на полициски службеници.
На 27 јуни осомничениот се доближил до автомобилот и бидејќи не можел да си ги пронајде клучевите, насилно го скршил задното стакло, по што извлекол црна најлонска вреќа со повеќе пакувања марихуана и дигитална вага. Веднаш бил забележан од полицијата, па ја фрлил вреќата и се дал во бегство.
Не бил достапен на органите на прогонот до 11 август кога сам се пријавил во полициска станица, што за јавниот обвинител е потврда на ризикот осомничениот со бегство да го избегнува кривичниот прогон.
Исто така постојат особени околности кои укажуваат на опасност да го повтори делото, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.