Македонија
Адеми: Вложивме 40 милиони денари за спортска сала во Гостивар, очекуваме во неа да израснат врвни спортисти
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, учествуваше на отворањето на новата спортска сала на основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, која, како што рече при обраќањето, е значајна освен за учениците и наставниците од ова училиште исто така и за другите млади кои се занимаваат со рекреација и спорт.
Спортската сала на ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“ е со површина од 1 300 квадратни метри и има вградени гардеробери, туш-кабини, простории за сместување на спортските реквизити, како и посебни простории за наставниците по спорт и спортски активности. Опремена е со реквизити за кошарка, ракомет, мал фудбал, одбојка, пинг-понг и гимнастика. За нејзината изградба се потрошени 40 милиони денари од проектот „Изградба и опремување на 145 спортски сали во училиштата“ финансиран преку Банката за развој на Советот на Европа и буџетот на Министерството за образование и наука.
Адеми на отворањето кажа дека спротската сала може да ја користат клубовите, здруженијата и организациите кои ќе можат да ги развиваат своите обуки и професионални натпревари во овој објект.
Салата ги задоволува стандардите што ги бараат федерациите и националните и меѓународните организации, за што министерот Адеми изрази уверување дека од тука ќе произлезат многу нови врвни спортисти и спортски работници и ќе бидат иницирани врвни успеси и достигнувања.
Преку проектот „Изградба и опремување на 145 спортски сали во училиштата“ досега целосно се изградени и опремени 65 спортски објекти, од кои 26 во средни училишта и 39 основни училишта.
„Само годинава успеавме да ја заокружиме изградбата на 5 објекти, додека други 9 започнавме да ги градиме, а активностите се во тек и етапно ќе бидат заокружувани“, рече Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

