Македонија
Одржана седница на националниот совет за одржлив развој
Во Владата се одржа седница на Националниот совет за одржлив развој, интересорско тело со кое претседава Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, а чија главна цел е следењето и креирањето на политики за одржлив развој. Во овој Совет, членуваат и вицепремиерот за европски прашања, министрите задолжени за надворешни работи, финансии, економија, труд и социјална политика, транспорт и врски, животна средина и просторно планирање, локална самоуправа, замјоделство, шумарство и водостопанство, образование и наука, здравство, како и претставници на академската и бизнис заедницата.
На седницата се реафирмираше заложбата на Владата за имплементација на глобалната „Агенда 2030“ на Организацијата на Обединетите нации и за интегрирање на Целите за одржлив развој во севкупното работење на државата.
За време на седницата беше донесен и Деловник за работа на Националниот совет со кој е уредено Советот да обезбеди конзистентност во имплементацијата и следењето на стратешкиот документ „Национална стратегија за одржлив развој“ како и имплементација на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, во Република Македонија преку програмите за одржлив развој од пооделните министерства, поставување и координација на институциите за имплементација со цел да се придонесе кон успешно реализирање на целите на одржлив развој преку дефинираните области на делување и конкретни мерки.
Пред членовите на Националниот совет за одржлив развој, беа презентирани 17-те глобални цели на ООН и степенот на усогласеност на националните стратешки програмски документи со Целите. Врз основа на направената анализа од техничка работна група, Советот донесе одлука за приоритетна имплементација на 5 цели за 2019 и 2020 година, додека останатите цели ќе бидат во функција на приоритетните цели: Да се стави крај на сиромаштијата во сите форми, насекаде во земјата (Цел 1 од ООН Целите), да се обезбеди инклузивно, правично и квалитетно образование и да се промовираат можностите за доживотно учење (Цел 4 од ООН Целите), да се промовира инклузивен и одржлив економски раст, целосно и продуктивно вработување и достојни работни места за сите (Цел 8 од ООН Целите), да се преземат итни дејствија за борба против климатските промени и нивните влијанија (Цел 13 од ООН Целите), да се промовираат мирни и инклузивни општества за одржлив развој, да се обезбеди пристап до правда за сите и да се изградат ефективни, отчетни и инклузивни институции на сите нивоа (Цел 16 од ООН Целите).
Советот заклучи дека посветено и одговорно, Владата и институциите ќе работат на постигнување на целите, во насока на повисок и одржлив економски раст, квалитетно образование, крај на сиромаштијата и повисок животен стандард за граѓаните како и здрава животна средина. Дополнително за постигнување на приоретизираните цели, од голема важност е ефикасноста на администрацијата и институциите, како и владеењето на правото, кои се и основа на реформите кои Владата ги спроведува во процесот на евро-атлантските интеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

