Соопштенија
СДСМ: Нема ново нето-задолжување од денешната аукција

Нема ново нето-задолжување од денешната аукција, наместо да шират лажни вести, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да учат економија, реагира СДСМ по прес-конференцијата на Наум Стоилковски.
„Лажно е тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека на денешната аукција има ново задолжување. Напротив, не само што нема ново нето-задолжување, туку нето-задолжувањето по основ на државни хартии од вредност се намалува за 11,3 милиони денари, односно околу 184 000 евра“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Јавно соопштените податоци од Министерството за финансии, додава Социјалдемократскиот сојуз, покажуваат дека на денешната аукција на државни хартии од вредност запишани се 1,9 милијарди денари, односно 30,9 милиони евра, од кои веќе утре ќе се вратат 31,1 милион евра по основ на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност.
„Истовремено, значајно е и тоа што каматите за денешната аукција на државни хартии од вредност се далеку пониски отколку каматите за државните хартии од вредност кои ќе се враќаат утре. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, партијата којашто тајно и расипнички ги задолжуваше граѓаните и двојно го зголеми јавниот долг заради остварување на криминални интереси, Владата предводена од СДСМ одговорно управува со парите на граѓаните, го стабилизира долгот и ја поставува економијата на здрави основи. Фреквенцијата на аукции е намалена двојно, од четири пати месечно на двапати во еден месец, значително се намалени каматните стапки, а јавниот долг е ставен под контрола и не само што не се зголемува туку се намалува. Доказ за тоа се и официјалните податоци кои покажуваат дека на крајот на 2016 година јавниот долг изнесувал 48,8 отсто од БДП, додека во третиот квартал од оваа 2018 година, јавниот долг изнесува 48,2 отсто од БДП. Наместо да шират лажни вести, наместо да се обидуваат да шират неоснована паника, антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски можат да учат како одговорно се управува со јавните финансии и како се работи во интерес на граѓаните“, додава СДСМ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
„Ревизија на сите тендери во Аеродром“, најавуваат од партијата Левица

„750.000 евра ја чини општината плочникот позади „Капитол“, платен со унгарскиот кредит, за кој народот ќе плаќа плус и камати! Реалната вредност на проектот е најмалку три пати пониска!“, велат од Левица – Аеродром.
„Ова не е инвестиција. Ова е мачкање очи на жителите и перење пари пред избори!
Левица ќе стави крај на ваквите тендер шеми во Аеродром!
По преземање на општината: Ќе направиме ревизија на сите тендери. Ќе следат кривични пријави за секој надуен и криминален договор кој излегува од рамките на пазарната цена. Доста беше со шминкање на реалноста во Аеродром“, додаваат од Левица – Аеродром.
Соопштенија
Трајановски: Монтажни катни гаражи, уредени паркови и градинки со зголемен капацитет, се проектите за реален напредок на Чаир

Носителот на листата на советници за Советот на Општина Чаир, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Трајановски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека е потребна промена во општината, да се направи вистинскиот избор за чесност, стручност и посветеност, како и излегување од четири годишната состојба на стагнација и безидејност во општина Чаир.
„Нашата заложба е локалната самоуправа да стане синоним за одговорност, транспарентност, развој и просперитет, Главна водилка ќе ни биде креирање и реализација на силна, одговорна и развојна локална програма. Тоа го должиме на нашите сограѓани, на сите оние кои живеат тука, На сите оние кои што го сакаат Чаир, го сакаат Скопје и ја сакааат Македонија. Ви ветувам, дека ќе бидам вашиот пријател во Советот на Општина Чаир, секогаш достапен, отворен за соработка и гласот на секој оној кој ќе се обрати со предлог, иницијатива или потреба“, вели Трајановски.
Носителот на советничката листа за општина Чаир, ги наведе проектите кои ќе се реализираат и ќе донесат напредок и поквалитетен живот за сите жители на општината, како проширување на улици, монтажни гаражи и уредување на паркови за развој на Чаир.
„Ве повикувам да бидете сведоци на проекти кои ќе донесат реален напредок, нови можности, подобра инфраструктура и поквалитетен живот за сите. Проекти како проширување на улицата Цветан Димов. Поставување на монтажни катни гаражи. Зголемување на капацитетите на градинките Снежана и Фидани. Уредување на Паркот во Топанско и модернизација на централниот парк во Чаир на кој што во моментов се наоѓаме“, рече Трајановски.
Тој упати порака до сите граѓани без разлика на верска и национална припадност да го заокружат бројот 9 и да ги поддржат советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
Соопштенија
Бошковски: Сарај може и сака промени за да изградиме улици, спортска сала, детски игралишта, инфраструктура и вистински развој

Горан Бошковски, носител на листа на советници за Советот на Општина Сарај од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати од народниот митинг во Сарај во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за изборите во недела на 19 октомври.
Бошковски посочи дека Сарај знае, може и сака промени за да има вистински развој каде ќе се градат улици, спортска сала, детски игралишта, канализациона инфраструктура.
„Денес сме собрани тука со една силна порака. Сарај се буди! Сарај покажа дека знае, може и сака промени. За мене е огромна чест и големо задоволство што денес, како носител на листа за советници, стојам пред вас, пред народот кој секогаш бил срцето на вистинската борба, пред луѓе кои некогаш не се предале и кои знаат што значи чесна работа и љубов кон своето место“, рече Бошковски.
Понатаму додаде „во изминатиот период, работевме неуморно. Бевме меѓу граѓаните, по маалата, по улиците, во секој дом. Ги слушнавме проблемите, ги почувствувавме грижите, но уште повеќе ја почувствувавме енергијата и надежта на нашиот народ“.
„Затоа, нашата мисија е јасна. Да изградиме нови улици, да направиме канализациони мрежи таму каде што со години се ветува, а ништо не се прави. Да донесеме светлина во секое маало, да направиме спортска сала, детски игралишта, инфраструктура и вистински развој. Сарај заслужува повеќе, Сарај заслужува подобро“, рече Бошковски.
Повика на масовна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, како што рече, советници во Советот на Сарај ќе бидат гласот на народот и ќе ги бранат и застапуваат нивните интереси.