Македонија
(Видео) Петкоски: Граѓаните се плашат од криминалците во Прилеп, градот e на рамниште со Дивиот Запад
Прилеп стана најнебезбедно место за живот, вчера, сред бел ден, во центарот на градот се случи разбојништво како од филмовите, истакна во изјава за медиумите Влатко Петкоски, од прилепскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ, опишувајќи дека три лица со употреба на пиштол во строгиот центар извршиле грабеж на огромна количина злато пред очите на присутните, причинувајќи огромна штета по сопствениците на една од златарниците.
„Дуќанџиите, истите оние за кои Кирацовски пред некој ден кажа дека биле презадоволни од владеењето на СДС, беа сведоци на овој грозоморен настан, со кој Прилеп се враќа во времето на теророт и хаосот, времето кога СДС беше на власт, а безбедноста беше на најниско ниво. Прилепчани добро паметат како пред нешто повеќе од 10 години се фрлаа бомби по дворовите на наши сограѓани. Потсетуваме и дека пред само неколку дена лице со качулка влезе во прилепската пошта и со употреба на бејзбол-палка зеде над 35 000 денари, притоа повредувајќи го еден од вработените во оваа установа. Ова ли е европски Прилеп што го ветуваше СДСМ во предизборната кампања?“ јавно праша Петкоски во изјавата.
Како што рече тој, состојбата на општ хаос произлегува од лошите кадровски решенија, кои мака мачат да се справат со криминалците во градот.
„Непотизмот кој СДС го практикува со вработуање роднини и пријатели на високи партиски функционери во институциите вклулително и прилепската полиција, наместо професионалци, дава лоши резултати за обичните граѓани“, обвини Петкоски.
Претставникот на опозициската партија неговите обвинувања за криминалот и разбојништвата во Прилеп ги препиша и на тоа што, како што кажа, СДСМ ги ослободила криминалците од затворите во замена за гласови.
„Причинета е огромна штета. И наместо да ја замајуваат јавноста, дека се преземаат некакви мерки, нека го слушнат гласот на народот кој се плаши слободно да прошета на улиците затоа што негрижата од владејачката гарнитура го доведе Прилеп на исто рамниште со Дивиот Запад. Граѓаните со право се плашат за својата безбедност. Стравуваат за сопствените животи, затоа што Прилеп не памети хаос и безредие од вакви размери“, посочи Петкоски.
Тој додаде дека секој изминат ден носи само црнила и лоши последици по сите и одговорност за состојбите побара од министерот Оливер Спасовски и од кадрите поставени од негова страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во југозападните и јужните делови (над 25 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Денеска во попладневните часови и во четврток врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат.
Македонија
Министерот Муцунски домаќин на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Скопје го пречека министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул, кој во рамки на својата работна турнеја на Западен Балкан ја оствари првата официјална посета на Република Северна Македонија.

На средбата министерот Муцунски изрази задоволство од посетата, потенцирајќи дека таа уште еднаш ја потврдува важноста што Германија ѝ ја придава на регионот на Западен Балкан, а особено на нашата држава. Посетата претставува јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот.

Двајцата министри го поздравија интензивниот политички дијалог на високо ниво што двете земји го развиваат повеќе од три децении. Се согласија дека сеопфатната билатерална соработка во сите сектори претставува цврста основа за понатамошно интензивирање на дијалогот и развивање нови форми на партнерство.

Министерот Муцунски се заблагодари за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја. Тој го информираше министерот Вадефул за актуелните активности поврзани со европската агенда, реформските процеси, регионалната соработка и добрососедските односи, при што ја потврди силната посветеност на Владата кон спроведување на реформите и напредокот на патот кон членство во Европската унија.

Министерот Вадефул увери дека Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија, вклучително и на нашата држава. Тој нагласи дека целосната европска интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа.
Македонија
Мицкоски: Барам смена на Љупчо Коцевски, не си ја врши својата работа добро
Премиерот Христијан Мицкоски се осврна на работата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, потенцирајќи дека ниту тој лично ниту јавноста не е задоволна од неговата работа и логичен слет на настани би било негова смена.
„Кога разговараме и кога ви велам дека не сум задоволен лично јас, но и јавноста од работата на јавниот обвинител, тогаш логичен след на настани после така јавно искажан збор е негова смена, многу јасно“, потенцираше Мицкоски.
Тој исто така додаде дека граѓаните акламативно мислат дека Коцевски не си ја врши својата работа доволно добро, а буџетот кој го добиваат е поголем од 75% од земјите на ЕУ.
„Најголемиот дел од граѓаните, огромен дел, би рекол акламативно мислат дека не си ја врши својата работа доволно добро и ако е политичката цена да ја платам и да бидам повторно дел од извештај во којшто ќе бидам критикуван, а притоа буџетот којшто го добиваат е очигледно поголем од 75% од земјите членки на ЕУ, нивни колеги, тогаш мислам дека некој треба да си го стави прстот на чело и да размисли што прави“, додаде Мицкоски во разговорот на „Топ тема“.
Премиерот рече и дека Владата не се меша во судството, но е одговорна за трошењето на секој денар народни пари. И кога тие народни пари ги троши некоја институција или орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа.
„Они велат за нас не се грижете, ние само ќе се грижиме а вас само ќе ве информираме. Ние велиме во ред, еве тоа ќе го прифатиме и ќе биде дел од законите. Но, не ја гледам потребата од зголемување на буџетот во услови кога и самиот Извештај дојден од Советот на Европа констатира дека буџетот кој што ние го издвојуваме е повисок како процент од БДП од 75 проценти од земјите членки од ЕУ. И сакам да поентирам, ние во минатото имавме експерименти кога обвинители земаа и по десет пати поголеми плати од тоа кое што земаа нивните колеги во СЈО, па знаете како завршија со Луј Витон торбички, со хонорари исплатени кои се бројат во десетици, би рекол стотици илјади евра, а правдата гледаме како заврши“, вели Мицкоски.
Во однос на тоа што има направено Владата во борба против криминалот и корупцијата, Мицкоски рече дека за разлика од претходно сега се отвораат истраги и се спроведуваат кривични пријави до правосудните органи.
„Еден врховен судија е фатен на дело како зема мито. Во тој случај заедно е замешан поранешен висок функционер во Обвинителството и во тој момент член на Советот на јавни обвинители, нешто што да речеме во минатото беше невозможно. За многу случаи од минатата влада се поднесоа кривични пријави, се почнаа истраги, дел од нив се во бегство, дел се тука, отпочнати се судски процеси. Имаме еден директно кој што беше директор во здравствен установа која што беше фатен со мито и беше приведен. Имаме директор кој што е дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ кој што исто така беше фатен со мито и сега е во притвор итн.“, посочи премиерот.
Премиерот Мицкоски нагласи дека обвинителите и судиите не ја искористија шансата да спроведат правда, потенцирајќи дека на сите анкети направени судството и обвинителството имаат најмала доверба од страна на граѓаните.
„Ние од прв ден рековме дека нема да влеземе и да правиме естрада, рековме дека ќе се бориме против криминалот и корупцијата, така и се однесуваме рековме дека ќе дадеме шанса, но не ја искористија таа шанса. Дали има некој во државата граѓанин што мисли дека овие членови во судскиот совет и обвинители се кредибилни личности во борба против криминалот и корупцијата? Јас не мислам и тоа го покажуваат бројките. На било кој анкета направена ќе видете дека граѓаните најмала доверба имаат во обвинителите и судиите“, дециден е Мицкоски.
Премиерот истакна и дека судиите во земјава бараат судски буџет далеку над европскиот просек, дури 75 отсто повеќе, но кои резултати ги покажале судиите за да го добиваат тој буџет, и затоа не гледа причина за зголемување на таа сума.

