Македонија
И судската администрација, како и судиите, ќе добие повисоки плати
Во собраниска процедура денеска влезе Законот за судската служба, со кој се регулира правото на судските службеници да добиваат додатоци на плата.
Од Министерството за правда велат дека ова е практично исходот од средбата одржана оваа недела меѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претставниците на Здружението на судските службеници, претставниците на УПОЗ, министерката за правда, Рената Дескоска, и министерот за финансии, Драган Тевдовски.
„По завршувањето на собраниската процедура, судските службеници ќе добијат рамноправен статус и третман во однос на додатоците на платата, со што ќе се стави крај на повеќегодишната дискриминација врз судските службеници. Законот за судската служба покажа недостатоци во делот на системот на плати, додатоци и надоместоци на плати на судските службеници. Констатираните недостатоци во утврдувањето на правата на вработените во судската администрација во Законот за судската служба, во делот за плати, додатоци и надоместоци на плати на судските службеници, особено се однесуваат на делот на правото на додатоци на платата, кои се одразија на целосната примена на законот“, велат од Министерството за правда.
Оттаму додаваат дека постои неизедначеност во утврдените додатоци на платата кај вработените во судската служба со другите вработени во правосудниот систем.
„На овој начин вработените во судската администрација за извршување исти задачи со други вработени во правосудните органи не може да остварат исти права во делот на додатоците на платата. Во Законот како додатоци на платата воопшто не се предвидени додаток на платата за посебни услови за работа, додаток на платата за постоење висок ризик и додаток на платата за доверливост. Исто така, се утврдува и постапка за заштита од арбитрарност на претседателите на судовите при одредување на додатоците на судските службеници“, додаваат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

