Економија
(Видео) Анѓушев најави сериозен градежен процес на инфраструктура во 2019 година
Eкономскиот тим министри во Владата одржа неформална предновогодишна средба со претседателите на стопанските комори и претставници на бизнис-секторот, во организација на канцеларијата на премиерот.
Како што информираат од владината прес-служба, во рамките на оваа средба вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, пред присутните ги споделил очекувањата и плановите на економските ресори за 2019 година и постигнатите резултати на економски план за годината што изминува.
Во своето обраќање Анѓушев ставил акцент на плановите за четирите клучни области, индустријата, трговијата, градежништвото и земјоделството, кои, како што рекол, имаат сериозно учество во севкупниот раст на бруто домашниот производ.
„Покрај автопатот Кичево – Охрид, кој ќе продолжи да се гради, се градат експресните патишта Штип – Радовиш, се гради Штип – Кочани, се гради излезот кај Куманово кон Крива Паланка, се гради излезот од Градско кон Прилеп, ќе се гради Скопје – Блаце. Ова се проекти од една груба бројка, од над една и пол милијарда евра заедно со железницата од втората фаза, којашто сега се тендерираше и сега е во фаза на евалуација, далноводот од Република Македонија кон Албанија во вредност од 50 милиони евра, кој е проектиран, а ќе се распише во јануари. Преку Законот за енергетика ќе се отвори простор за инсталација на 200 мегавати фотоволтаици кои ќе бидат распишани во две фази, првата ќе биде во првиот квартал во 2019“, соопштил Анѓушев.
Вицепремиерот посочил дека покрај овие активности што се во тек, во 2019 почнува еден сериозен градежен процес на патна, железничка и енергетска инфраструктура кој на месечно ниво се очекува да има реализација од околу 50 до 60 милиони евра што, според Анѓушев, ќе го подигне градежништвото на ниво на кое заедно со приватните градби ќе генерира раст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИРЗ: Германска компанија за машинско инжинерство заинтересирана за инвестиција
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски денес оствари средба со Матиас Лаубенштајн, директор на Heidelberg Postpress, германска водечка технолошка компанија која веќе 175 години се залага за иновации, квалитет и сигурност во машинското инженерство ширум светот. Средбата опфати презентирање на можностите и поволностите кои ги нуди Македонија преку зоните, при што беа разгледани ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип како потенцијални локации за отворање на нов производствен погон од страна на германската компанија.
Димовски посочи дека Дирекцијата за ТИРЗ активно соработува со сите засегнати страни со цел континуирано подобрување на условите во зоните, а беше нагласена стратешката локација, како и даночните поволности кои се достапни за инвеститорите. Тој додаде дека интересот на ваква реномирана компанија претставува силна потврда за атрактивноста на Македонија и ТИРЗ како локација за странски директни инвестиции. Како што рече Димовски, вложувањето во напредни технологии и висока додадена вредност е приоритет, а соработката со компании кои имаат долга традиција и глобално присуство ќе донесе значајни придобивки за целата економија.
Од страна на Лаубенштајн, беше изразен особен интерес за инвестирање во рамки на зоните, при што акцентот беше ставен на ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип како потенцијална локација. Toj нагласи дека стабилната деловна средина, пристапот до квалификувана работна сила и јасната и транспарентна поддршка од институциите се клучни фактори во нивните анализи за избор на нова локација.
Со јасен фокус на раст, како снабдувач на целосни решенија компанијата го поттикнува понатамошниот развој во основните области на пакување и дигитално печатење, софтверски решенија и бизнисот со животниот циклус со услуги и потрошен материјал, така што клиентите можат да постигнат максимална продуктивност и ефикасност. Компанијата моментално се фокусира и на проширување во нови деловни области како што се високо прецизно инженерство на постројки со интегрирана контрола, технологија за автоматизација и роботика, како и растечките зелени технологии.
Економија
Димитровски: ЦЕФТА не е само регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на ЦЕФТА неделата 2025, што се одржа во Приштина, Косово. Настанот, организиран од актуелното косовско претседателство со ЦЕФТА, беше фокусиран на унапредување на конкурентноста, дигиталната трансформација и на постепената интеграција на регионот во Европската Унија.
Во своето обраќање, Димитровски, нагласи дека од декември минатата година, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презеде и надлежноста за надворешната трговија. Во таа смисла, посочи дека оваа трансформација е дел од пошироката определба на Владата да ја зајакне економската дипломатија, да го подобри економскиот настап на државата во странство и да создаде поцврсти врски со меѓународните пазари.
„Активностите поврзани со ЦЕФТА се само дел од пошироката економска агенда на Министерството, чија цел е да создаде подобра деловна клима и да ја зајакне позицијата на државата на регионалните и европските пазари“, рече тој.
Димитровски во своето излагање, особено го акцентираше претседавањето на Република Северна Македонија со два клучни органи во рамките на ЦЕФТА – Комитетот за олеснување на трговијата и Поткомитетот за нетарифни мерки. Тој посочи дека под наше водство биле постигнати значајни и практични резултати во однос на подобрени процедури за стопанството, дигитални алатки кои го олеснуваат пристапот до пазарите, поефикасни системи за следење на трговските бариери, како и унапреден процес на меѓусебно признавање на одредени професионални стандарди.
Во овој контекст, тој објасни дека модернизацијата и дигитализацијата кои ги спроведуваат земјите од ЦЕФТА придонесуваат регионот постепено да се усогласува со европските правила и практики, што е важно за економиите и за деловната заедница.
„ЦЕФТА не е само наш регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија,“ нагласи Димитровски.
Во дискусиите беше потврдено дека напредокот на Заедничкиот регионален пазар 2025–2028 останува клучно достигнување на регионот, а дека ЦЕФТА продолжува да се развива во попредвидлив и поконкурентен систем ориентиран кон потребите на стопанството.
Заменик-министерот истакна дека посакува ЦЕФТА до 2030 година природно да го заврши своето постоење, бидејќи Република Северна Македонија, земјите од Западен Балкан и Молдавија ќе станат членки на ЕУ, исто како што тоа се случи со земјите од Централна Европа, со што ЦЕФТА целосно ќе ја исполни својата мисија.
На маргините на настанот, заменик-министерот оствари и повеќе средби со претставници од земјите партиципиенти на ЦЕФТА при што бес разменети мислења за продлабочување на економската соработка и зајакнување на интегративните процеси во регионот на Западен Балкан.
Економија
Доделени наградите од конкурсот за ликовна и литературна творба по повод Светскиот ден на штедењето
Во Народната банка се одржа традиционалната свеченост по повод доделувањето на наградите од Конкурсот за ликовна и литературна творба за основните и средните училишта, којшто Народната банка го организира во соработка со Министерството за финансии по повод Светскиот ден на штедењето. На настанот се обрати гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.
Гувернерот Славески, во своето обраќање, ги истакна посветеноста, знаењето и креативноста на младите генерации, нагласувајќи дека пристигнатите трудови ја потврдуваат значајната улога на финансиската едукација во градењето свесни, одговорни и финансиски писмени млади луѓе.
„Штедењето не е само собирање средства. Тоа е филозофија на животот којашто ни овозможува да ги исполнуваме нашите желби, да обезбедиме сигурност за нашата иднина, но и да ги градиме стабилноста и благосостојбата на целото општество. Денес, овој пристап добива уште поголема важност, бидејќи живееме во време на брзи промени, дигитализација и нови финансиски предизвици и можности“, истакна гувернерот.
Заменик-министерот Јанкуловски поздравувајќи ги учесниците рече дека младите покажуват дека секое мало штедење може да биде почеток на голема цел.
„Вие сте пример дека знаењето, вложениот труд и желбата да се мисли за иднината се вредности кои го движат општеството напред. Овој ден нека биде поттик да продолжиме сите заедно – ученици, наставници, родители и институции – да ја негуваме финансиската писменост, да развиваме здрави навики и да создаваме генерации кои ќе знаат да донесуваат мудри одлуки“, посочи Јанкуловски.
Оваа година на Конкурсот пристигнаа неколку стотици трудови од ученици од основното и средното образование на теми посветени на важноста на штедењето, финансиската писменост и улогата на финансиските услуги во современата дигитална ера. Основците твореа на темата „Да штедиме за нашите желби, да штедиме за нашата иднина“, а средношколците на темата „Штедењето, парите и финансиските услуги во современата дигитална ера“.
Конкурсот, којшто се објавува од 2012 година, прерасна во значајна платформа за поттикнување на младите да размислуваат за финансиските концепти, штедењето и одговорното управување со средствата. Низ литературните творби, ликовните цртежи и есеите, учениците ги претставија своите погледи, знаења и лични цели.

