Економија
Израелска компанија заинтересирана за инвестирање во македонското земјоделство
Министерот без ресор, задолжен за привлекување странски инвестиции, Бардул Даути, придружуван од Никица Бачовски, посебен советник на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска во Владата се сретна со претставници на израелската компанија „Даган“, фирма со над триесетгодишно искуство, специјализирана за земјоделски проекти и еден од водечките провајдери на иновативна технологија во земјоделската дејност.
Министерот Даути на средбата ги презентираше можностите што ги нуди Македонија за потенцијалните инвеститори запознавајќи ги со Планот за економски раст и транспарентната програма која силно ги поддржува компаниите што сакаат да инвестираат во земјава.
Владините претставници потенцираа дека за инвеститорите е обезбедена правната сигурност и стимулирање и поддршка на странските и домашни компании на транспарентен и недискриминирачки начин, која го опфаќа и аспектот на понудата на државно земјиште наменето за инвестиции, како и можноста за користење на ИПАРД-фондовите, како и субвенциите обезбедени од буџетот на Република Македонија.
Претставниците на „Даган“, кои првично се заинтересирани за инвестиција вредна околу 30 милиони евра, која би обезбедила најмалку 100 нови работни места, ги изложија своите интереси за вложување во областите на автоматизација на земјоделството, особено во областа на пластеници, расадници, т.н. зелени куќи, тунели и отворени полиња. Тие ги запознаа владините претставници со системите за третман на води и системи за наводнување под притисок.
Претставниците на израелската компанија изразија задоволство од средбата и изразија подготвеност за повторна посета на Република Македонија за прецизирање и интензивирање на соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

