Македонија
До крајот на 2019 година ќе биде пуштен преминот Клепало
Премиерот Зоран Заев, кој одговараше на пратенички прашања на собраниска седница, најави дека очекува до крајот на 2019 година да биде отворен граничниот премин Клепало за што рече дека е радосна вест за граѓаните на Берово, Делчево, Штип и пошироко од Источниот Регион со оглед дека беше најавен за крајот на 2020 година.
„Македонија ги има обезбедено сите финансиски средства и верувам дека до крајот на 2019 година ќе имаме можност да го пуштиме преминот во употреба“, рече премиерот Заев.
Тој оцени дека граничниот премин Клепало е одраз на пријателството и договорот со Бугарија и дека е од огромно значење и за граѓаните на Македонија и за граѓаните на Бугарија. Соопшти дека постои подготвеност за реализација и од бугарска страна. Дека се работи на заокружување на изведбата на инфраструктурата од двете страни.
„Планираме да направиме и one stop shop за побрз проток на стоки. Коридорот 8 ни е многу важен. Очекуваме економски перспективи на овој регион и од македонска и од бугарска страна“, рече премиерот Заев.
Тој посочи дека отворањето на граничниот премин за граѓаните од овој дел од Македонија ќе значи нови фабрики и можности за поголем пласман на земјоделските производи, како и развој на туризмот, за што е заинтересирана и Бугарија.
Премиерот Заев најави дека дополнително се работи и на комплетирање документација за уште една гасоводна линија, дека олеснувањата со рамингот меѓу двете земји се во завршна фаза, дека се работи на набавка на електрична енергија за двете земји, како и на нови гранични премини меѓу Македонија и Бугарија и Македонија и Грција.
„Мислиме дека брзо ќе бидеме членка на ЕУ, треба да отвориме инфраструктурни перспективи на граѓаните, тоа ќе значи и повеќе пари и споделување култура и традиција, а тоа ќе значи и европеизација на Македонија“, рече премиерот Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.

