Македонија
МЗШВ склучи договори за концесија на рибите за рекреативен риболов за шест акумулации

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска ги потпиша договорите за доделување концесија на рибите за организирање рекреативен риболов за 6 рекреативни зони, односно акумулации. Овие договори се дел од трите постапки за доделување риболовни концесии кои беа донесени со одлука на Влада. Во оваа постапка беа опфатени 19 риболовни води, односно 6 риболовни ревири и 13 рекреативни зони, од кои денеска се потпишаа шест договори. Станува збор за акумулациите Стрежево, Козјак, Мантово, Паљурци, Мавровица и глобочица.
Инаку, Владата годинава донесе одлуки за започнување три постапки за доделување концесија на рибите за организирање рекреативен риболов во кој беа опфатени 47 риболовни води од кои 28 за риболовни ревири (реки) и 19 рекреативни зони (акумулации).
Од нив, во првата постапка беа опфатени 17 риболовни реки и три акумулации, за коишто во јуни годинава се склучија 14 договори. Со втората постапка се опфатени 19 риболовни води, од кои денеска се потпишаа шест договори за акумулации.
Третата и последна постапка е во тек и во истата се опфатени 10 риболовни води. Во оваа постапка покрај доделувањето концесија за организирање рекреативен риболов на 5 риболовни ревири и 3 рекреативни зони, започната е и постапка за доделување концесија за вршење стопански риболов на двете риболовни подрачја Охридско Езеро и Дојранско Езеро, за што до крајот на месец јануари следната година се очекува да склучат договорите. Јавното отворање на понудите од третата постапка беше на 24 овој месец. По евалуацијата на понудите ќе се поканат сите понудувачи кои имаат доставено комплетни и прифатливи понуди да учествуваат на електронска аукција.
Критериумот за избор и на оваа постапка како и не претходните две е највисокиот понуден концесиски надоместок. По завршувањето на оваа постапка, следната година се предвидува започнување нова постапка со којашто ќе се опфатат сите риболовни води за кои во постапките од 2018 година немаше заинтересирани понудувачи или немаше доставено прифатливи понуди. Владата најави дека ќе се заземе за што побрзо реализирање на оваа активност во 2019 година, со што на големиот број рекреативни риболовци ќе им се овозможи непречено да излезат на риболовните води, а на концесионерите преку заштита и порибување на водите да ја остварат и целта на концесијата – трајно користење на рибите преку одржлив развој, односно нивна заштита, зачувување на загрозените видови, како и нивната разновидност, старосна структура и бројност.
Согласно со Законот за рибарство и аквакултура, рибите од риболовните води за организирање рекреативен риболов се доделуваат на користење по пат на концесија за период од шест години. Основна цел на доделување на концесијата на рибите е создавање услови за организирање рекреативен риболов, односно овозможување на вршење заштита и користење на рибите преку планско експлоатирање на одржлив начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.