Македонија
Иванов: Преспанската спогодба става крај на Република Македонија каква што ја знаеме
„Кога сте подготвени едно прашање да решите по секоја цена, тогаш цената е највисока. Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати“, рече претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во годишното обраќање пред Собранието, коментирајќи ја Преспанската спогодба со Грција.
„Донесена со изговор дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, оваа спогодба всушност и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија“, рече претседателот Иванов.
На референдумот на 30 септември, според претседателот Иванов, народот се соочил со лажна алтернатива – избор меѓу просперитет и идентитет.
„Референдумот беше неуспешен. Со недоволната излезност на референдумот, народот се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На 30 септември, со негласање, тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот“, рече Иванов.
Најголемиот успех на оваа Влада, рече Иванов, е што ја убеди меѓународната заедница дека референдумот ќе биде успешен и дека народот ќе ја поддржи Спогодбата од Преспа.
„Но, на крајот од денот, и претставниците на меѓународната заедница се соочија со фактот дека народот ја отфрли Спогодбата. Веднаш потоа, Владата започна да бара изговори и виновници за неуспехот. Мојата порака е да не се бараат изговори. Причината за неуспехот на референдумот е едноставна. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли уцената“, рече Иванов.
Со бојкот на референдумот, рече Иванов, народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување.Во секоја функционална демократија, според Иванов, пропаднатиот референдум ќе значеше крај на процесот.
„ Но, за жал, тоа не беше случај кај нас. И покрај официјалните резултати, видовме обиди за слободно толкување на Уставот и законите на Република Македонија со цел неуспешниот референдум да се претстави како успешен, како пред домашната, така и пред меѓународната јавност. Мнозинството во ова Собрание не само што не ја почитува, туку оди спротивно на волјата на народот“, рече претседателот Иванов.
„Република Македонија е нашиот заеднички дом. Вие наумивте да го реконструирате со тоа што ќе ги отстраните неговите носечки столбови и ќе ги поткопате неговите темели. Носечките столбови се Уставот и законите. Темелите се клучните државотворни документи на АСНОМ. Каде е свеста дека со тоа се ризикува да имаме дом со раскопани темели и со разнишани столбови? Зарем таков дом ќе им оставиме на нашите деца и внуци?“, праша Иванов пред пратениците.
Можност за натамошен развој на односите со Грција, Иванов гледа во враќање кон автентичните и ненаметнати мерки на градење на доверба кои, според него, почнале да даваат резултати, како и преку обновување на националниот консензус во Република Македонија.
„Треба да разговараме и да ги разгледаме опциите за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Но, за тоа е потребна политичка волја, тука, кај нас“, рече претседателот Иванов во Годишното обраќање во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

