Македонија
Левица: Власта мора да ја поништи спорната продажба на земјиштето кај „Холидеј ин”
Политичката партија Левица преку соопштение побара од Власта да ја поништи продажбата на земјиштето кај хотелот „Холидеј ин”. Од Левица велат дека со одлуката на Министерството за транспорт и врски да продаде државно земјиште зад хотелот сегашната власт дала јасно до знаење дека ја продолжува штетната политика на распродавање државно земјиште на приватен капитал за ниски цени.
Левица бара итно поништување на договорот со кој, како што велат, спорното земјиште било продадено за цена двојно пониска од пазарната вредност и пренаменување на земјиштето за објекти од јавен интерес.
Во таа насока, Левица најави дека ќе поднесе барање за поништување на продажбата до Министерството за транспорт и врски. Покрај тоа, од партијата нагласија дека во претстојниот период ќе иницираат постапка на измени на Генералниот урбанистички план за конкретната парцела, со што во иднина би се спречило приватизирањето на овој простор заради остварување екстра профити на поединци.
„Граѓаните се децидни во своите барања кои гласно и ги испорачаа на оваа власт: сакаат зеленило, слободен јавен простор и чист воздух, а не дивеење на градежната мафија и уништување на животната средина. Наспроти тврдењата на министерот Сугарески дека биле принудени да го продадат земјиштето согласно со Законот за градежно земјиште, во ниту една законска одредба од тој закон експлицитно не е наведена обврската дека државата е должна да го отуѓи земјиштето доколку приватно лице се стекне со 30 проценти од градежната парцела. Дополнително, се работи за земјиште од Детален урбанистички план наследен од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, кој силно беше оспоруван од сегашната власт додека беше во опозиција. Впрочем, оваа сомнителната продажба е изведена според ДУП кој Општина Центар моментално го има ставено под мораториум заради утврдени неправилности и за кој беше најавено дека ќе претрпи значителни промени, со цел да се заштити јавниот интерес кој е нарушен во актуелниот ДУП. Се поставува прашањето, како владата на СДСМ продава земјиште водејќи се и повикувајќи се на криминалните, деструктивни проекти на ВМРО-ДПМНЕ, која самата ги оспорува како незаконски?“; вели Левица во соопштението.
Покрај наведените неправилности во продажбата, од Левица велат дека законитоста на бизнис-зделката помеѓу Владата и приватниот инвеститор дополнително е доведена во прашање, ако се има предвид дека на продаденото државно земјиште е предвидена траса за подземен трамвај, односно предвиден е објект од јавен интерес.
„Во ваков случај, законот на кој се повикува министерот Сугарески предвидува продажбата на земјиштето да се врши според претходна одлука на Влада, која во конкретниов случај ја нема. Станува јасно дека актуелната власт имала механизми да ја спречи спорната продажба со која се загрозени интересите на граѓаните и интересите на државата, но за оваа влада на СДСМ поважни се профит-интересите на мала група финансиски моќници, дури и кога штетите ги трпат мнозинството граѓани“, додава Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

